🎥 „КОЛКУ СТЕ ЛОШИ…УЖАС, УЖАС!“ Ѓоковиќ беснееше на својот тим по елиминацијата на Австралија Опен
Новак Ѓоковиќ во Мелбурн го доживеа првиот пораз по 6 години, поуспешен од Србинот во полуфиналето на Австралија Опен беше 14 години помладиот италијански тенисер Јаник Синер.
Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ загуби од 14 години помладиот Јаник Синер во полуфиналето на Австралија опен со 1:6, 2:6, 7:6, 3:6. По катастрофалните први два сета, во кои освои само три гема, Ѓоковиќ направи одличен пресврт во третиот сет, добивајќи го откако ја спаси меч топката на противникот. Но, во четвртиот тој повторно беше немоќен против Синер
Ништо не му одеше добро на српскиот тенисер на мечот во Мелбурн, но најмногу сервисот. Двојна сервис грешка на Ѓоковиќ го врати Синер во игра, а потоа му дозволи брејк кој беше клучен за крајниот исход на мечот.
Ѓоковиќ, кој дотогаш воопшто не комуницираше со својот тим, пред сѐ со тренерот Горан Иванишевиќ, потоа го истури својот бес на нив.
„Колку сте лоши… Ужас, ужас, сите!“ – урлаше српскиот тенисер.
Тој ја покри устата додека го правеше тоа, но се слушна како им замерува дека не му помогнале.
— paja_kamiondzija (@PKamiondzija) January 26, 2024
Ѓоковиќ во Мелбурн го доживеа првиот пораз по шест години, но 37-годишниот српски тенисер сепак, не смета дека разочарувачкиот пораз од Синер ќе значи и негов крај во светскиот тенис. Откако малку стивнаа страстите по поразот, Ѓоковиќ призна дека одиграл еден од најлошите мечеви на грен слем турнирите и дека Синер го надиграл.
– Пред се, сакам да му честитам на Синер за одличниот турнир и сосема заслужено е во финалето бидејќи ме надигра. Јас сум шокиран од моето ниво, ништо не одиграв како што треба. Ова е еден од моите најлоши мечеви кои сум ги одиграл на Гренд слем турнирите. Да бидам искрен, цел турнир не играв ни блиску до тоа што можам. Можеби против Манарино, но главно не играв така како што можам во Австралија. Искрено, Синер ме изненади, но не мислев дека ќе бидам толку лош во првите два сета – призна Новак Ѓоковиќ.
Првиот светски рекет посочи дека има и други големи планови за оваа сезона и дека неочекуваниот пораз во Мелбурн нема да значи почеток на крајот.
– И натаму имам надеж за другите грен слемови, Олимписките игри и останатите турнири. Сезоната само што почна. Не сум навикнат на ова чувство, никогаш не сум загубил овде во полуфинале, но ајде да видиме. На овој турнир не бев на моето ниво, но тоа не значи нужно дека ова е почеток на мојот крај. Си ветив себеси дека оваа сезона ќе ја одиграм цела, во однос на моите настапи на најголемите турнири. Не знам дали тоа ќе се смени, сѐ е можно во оваа фаза од кариерата. Неочекувани и изненадувачки одлуки се повеќе очекувани сега, отколку пред 20 години – рече Ѓоковиќ.