КОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ИЗРЕКЕТИРАНИ? Воспоставен е криминален систем, обвини Митева од ВМРО-ДПМНЕ

Колку е огромен овој скандал потврдува и фактот што станува збор за кривично дело земање поткуп од судија и јавен обвинител, а истото противправно дејство е со единствен цел - обезбедување олеснителни околности за кривичен случај кој се води против поранешен градоначалник на Ново Село - Боро Стојчев, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

973

Последните случувања со големиот скандал за земање на мито од 10.000 евра од страна на судијата Наќе Гроргиев и второсомничениот јавен обвинител Иџет Мемети е само уште еден доказ дека во Македонија власта на СДСM и ДУИ, наместо правен воспостави криминален систем, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на денешната прес-конференција.

– Колку е огромен овој скандал потврдува и фактот што станува збор за кривично дело земање поткуп од судија и јавен обвинител, а истото противправно дејство е со единствен цел – обезбедување олеснителни околности за кривичен случај кој се води против поранешен градоначалник на Ново Село – Боро Стојчев. Додека сите ние чекаме и бараат правда, одговорните за спроведување на правдата се први во криминалот. Не залудно на сите мерења на јавното мислење довербата во судството, обвинителството и правосудниот систем во целина е на поразителни 1%, историски најниско ниво на доверба додека токму власта на СДС и ДУИ ги убедуваше граѓаните дека тие се европски фронт. Ова е уште еден доказ зошто во Македонија нема систем, нема функционални институции, нема правда и со сигурност граѓаните немаат мир. После откривањето на скандалот со корупција во највисоките редови во правосудството, логично се поставува прашањето дали овој случај со ексградоначалникот и митото од 10 илјади евра е единствен случај на овие два функционери во правосудството? Дали и колку илјадници евра биле барани за случаите со финансиски криминали, трговија со дрога, убиства и слично за кои јавноста е сведок дека не видовме ниту право ниту правда? Дали е точно дека во правосудството само во изминатите неколку години биле изрекетирани неколку милиони евра? Колку накевци и иџетовци инсталираа СДСМ и ДУИ во македонското правосудство? Остана да лебди и прашањето дали и колку длабоко пипците на судскиот октопод се раширени во системот и дали главата на тој октопод се всушност функционери на власта на СДСМ и ДУИ? Затоа што, парата и правдата не одат заедно освен во криминализирано правосудство како ова на ДУИ и СДСМ. Ова мора да има крај, мора да има одговорност и затоа ги повикуваме надлежните органи од почеток до крај, од првиот до последниот темелно да го истражат и овој, но и многу други случаи за кои има основано сомнение. Само со силна посветеност во борбата со криминалот и корупцијата ќе ја направиме Македонија држава подготвена за Европската Унија и држава која обезбедува подобар живот на сите наши граѓани. Одговорност мора да има подеднакво за сите – рече Митева.

Поврзани содржини