КОЛКУ ЛУЃЕ ОД КОСОВО СИ ЈА ПРОБУВААТ СРЕЌАТА ВО ТЕТОВО? Здружението Сакам да работам прашува кој и зошто сака да остави десетици илјади сограѓани без работа
Во врска со повторното афирмирање на иницијативата за локален референдум во Тетово на кои жителите на општината наводно ќе треба да се изјаснат за дислокација на игрите на среќа од урбаните средини, Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“, побара прво да ја презентираат информацијата колку жители на Косово секојдневно играат игри на среќа во Општина Тетово.
„Жалиме што еден целосно легален економски сектор што вработува 10 000 луѓе, индиректно помага 54 000 до 100 000 работни места во државата, годишно приходува во Буџетот 280 милиони евра, некој упорно го прави таргет на дневно-политички манипулации. Особено што дежурните критичари на игри на среќа се служат со гол популизам и прикриваат факти бидејќи не им одат во прилог. Имено, иницијаторите на локалниот референдум треба на јавноста да ѝ соопштат дека албанската влада се откажа од забраната на игрите на среќа, бидејќи нивниот премиер Еди Рама соопшти дека за време на забраната како печурки никнале нелегални играчници. Притоа, корисно е да ја направат достапна информацијата колку жители на Косово секојдневно играат игри на среќа во Општина Тетово“, с енаведува во реакцијата на Сакам да работам.
Тие потсетуваат дека, како што го нарекуваат, наводното движење „Антикоцкање“ сѐ уште не одговорило на нивните прашања.
„Дали и колку пари примиле во готово? По чиј налог се обидуваат да манипулираат со родителите на учениците? Колку чини и кој ги покрива трошоците за дизајнот и изработката на пропагандните материјали против игрите на среќа? Чии бизнис интереси се кријат зад нивните активности? Дали одработуваат да се затвори легален бизнис за некој да печали од интернет игри на среќа и играчници на црно, без контрола од државата? Дали така учениците ќе бидат во поголем или во помал ризик? Кој ќе понесе одговорност за штетата што ќе следи? Зошто сакаат да остават десетици илјади свои сограѓани без егзистенција? Сѐ додека не ѝ одговорат на јавноста за нас наместо движење ‘Антикоцкање’ ќе бидете група ‘За коцкање на црно’!“, се наведува во реакцијата на Здружението Сакам да работам.