КОЛКУ КОРИСТ, ТОЛКУ ШТЕТА Со кратењето на бројот на пратеници ќе се штедат пари, ама ќе се тенчат нерви?

Намалувањето на бројот на пратеници ќе предизвика и зголемување на моќта на самите пратеници. Тогаш моќта дополнително ќе се сконцентрира и борбата да се биде пратеник ќе биде жестока и пострашна, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

1,175

Лесно е да се пресмета колку ќе изнесува вкупниот број на пратеници во Собранието доколку од сегашните 120 се минусираат 30, но тешко е да се предвиди какви позитивни, а какви негативни последици ќе предизвика таквата измена што ја предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Вака политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат можноста да се намали составот на парламентарците со цел да се заштедат парите на граѓаните, но како што велат, сè би било залудно доколку во исто време не се воведе и една изборна единица. Во таков случај, ако останат шест изборни единици, додаваат тие, најголема штета ќе претрпат помалите политички партии кои целосно ќе се загубат во новонастанатата биполарна политичка ситуација.






Ваквата промена на изборниот модел, иако во најголем дел изгледа како подобрување, сепак си носи и други ризици, посочуваат нашите соговорници. Еден од тие ризици е и можноста одредени региони низ државава да останат без свој народен претставник, а и можноста да се намали создавањето стабилни коалиции чија цел е да се спречуваат чести политички кризи, па и брзи и наизменични промени на власта.

Предлагачот на ваквите измени, партијата на Христијан Мицкоски, тврди дека со намалувањето на бројот на пратениците ќе се заштедат огромни народни пари со коишто ќе се купат амбулантни возила, ќе се изградат училишта и градинки, додека, пак, СДСМ смета дека ваквиот предлог е лицемерен и дека отворањето на Уставот ќе направи дополнителна штета на државата.

Македонија како Словенија

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека треба да се намали бројот на пратеници во Собранието, бидејќи, како што посочува, не постои реална логика во тоа една мала држава со едвај два милиони жители да има парламент со 120 пратеници.

– Со намалувањето на бројот на пратеници автоматски ќе се намалат и трошоците, а податоците покажуваат дека годишно околу еден милион евра ќе се заштедува на плати, придонеси, патни трошоци. Освен заштедата, намалувањето на бројот на пратеници ќе предизвика и зголемување на моќта на самите пратеници. Тогаш моќта дополнително ќе се сконцентрира и борбата да се биде пратеник ќе биде жестока и пострашна. Кај нас сè уште нема вистинска демократија за да можеме да кажеме дека владите брзо ќе паѓаат откако ќе се намали бројот на пратениците, туку напротив, сметам дека владите ќе се зацврстат и дополнително ќе се зголеми прагот на добивање пратеник – објаснува Пекевски.

На помалите политички партии ќе им се случи пропаст доколку се намали бројот на пратениците, а во исто време не се воведе една изборна единица.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

Тој предупредува дека помалите партии целосно ќе извисат доколку се намали бројот на пратеници, а доколку не се воведе една изборна единица.

– Дефинитивно, на помалите политички партии ќе им се случи пропаст доколку се намали бројот на пратениците, а во исто време не се воведе една изборна единица. Тие партии буквално ќе исчезнат, па повторно ќе имаме биполарна ситуација. Затоа, ако сакаме навистина да имаме пошаренолик состав на Собранието, потребно е да се воведе една изборна единица во истиот момент кога ќе се намали бројот на пратениците – вели Пекевски.

Професорката Гордана Силјановска Давкова и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ смета дека ако Словенија може да има функционален систем со само 90 пратеници во Собранието, тогаш можеме и ние.

– Ние во науката велиме дека бројот на пратениците треба да биде кубен корен од бројот на вкупниот број на гласачите во државата. Ние имаме голем парламент, а секоја реформа треба да почнува од себе. Значи, штедењето треба да започне од нас. Затоа мислам дека е сосема во ред да се намали борјот на пратениците од 120 на 90, но и да се воведе една изборна единица. На пример, една изборна единица има во Србија, Холандија, Словачка и во Црна Гора. Значи, четири држави го имаат овој модел и сите четири држави се релативно мали земји. Со воведувањето една изборна единица ќе дојде до израз националниот интерес. Ние имаме проблем со националниот интерес кога го градиме и во поглед на регионалните разлики, ама и во поглед на етничките разлики – истакна Силјановска-Давкова.

Доколку на изминатите парламетнарни избори во 2020 година се гласаше во една изборна едница, тогаш и распоредот на силите во Собранието сега ќе беше малку поразличен од актуелниот. На пример, коалицијата на СДСМ и Беса наместо 46 пратеници, би освоила 45, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наместо 44 ќе имаше 43 народни избранци. По еден помалку ќе имаа и ДУИ и коалицијата на Алијанса и Алтернатива – 14 наместо 15, односно 11 наместо 12.

Од овие поместувања најмногу би добила Левица. Таа наместо 2 би имала дури 5 пратеници, а едно место во Собранието би добила и Интегра. ДПА би останала исто со еден пратеник.

Ова го покажува симулацијата на тоа каков парламент би се добил во 2020 година доколку тогаш се применеше предлогот на помалите партии за една изборна едница без изборен праг. Секако, уште поразлична слика Собранието би добило ако се искористат резултатите од локалните избори.

Тенденциите се јасни, велат политичките аналитичари. Со една изборна единица се добива разноликост и поголема правичност каде еден глас вреди исто насекаде во државата, но се добива и ризик за почести трансфери во Собранието.

Двајца се караат, третиот користи?

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека со 90 пратеници на долг рок се крати на трошоци и се добиваат повеќе средства за инвестиции. Според нивните пресметки, ако се смали бројот на пратеници, за четири години ќе се заштедат околу четири милиони евра со кои пари ќе се изградат две училишта, четири градинки и една амбуланта.

– Бројот од 120 пратеници во Собранието е преголем и затоа е потребно да се намали на 90 за функционална демократија и намалување на финансиските трошоци, пари на граѓаните. Ваков пример на Собрание од 90 пратеници има во Словенија. За бројот колку што ќе се намали македонското Собрание, 30 пратеници, граѓаните месечно плаќаат по 51.000 евра по основ на плати и придонеси, а 612.000 евра годишно. Ако се земе предвид дека на народните претставници им се исплаќа и за патни трошоци, државата годишно инкасира скоро еден милион евра. За еден милион евра заштедени годишно, државата може да набави над 15 амбулантни возила и 10 противпожарни возила за граѓаните. За овој предлог, како и за предлогот за една изборна единица ги повикуваме сите политички партии на дебата, како и за консултации за поддршка за овие предлози – порачуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

Но, СДСМ ги оценува како лицемерни настапите и идеите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Зборуваат за намалување на бројот на пратеници во Собранието, а сите добро знаеме дека до пред три години имавме дополнителни уште три пратеници од дијаспората. Со ова се докажува дека нивниот сегашен став е лажен и лицемерен. Исто така, кога зборуваме за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, треба да знаеме дека за тоа да се случи најпрво треба да има уставни измени, бидејќи во Уставот е регулирано дека бројот на пратениците може да биде од 120 до 140 пратеници. Евентуалното ново отворање на Уставот би можело да направи дополнителна штета на државата. Живееме во турбулентни времиња, а за тоа прашање е потребен посериозен разговор помеѓу сите политички партии, помеѓу сите пратенички групи, разговор кој ќе обезбеди консензус. Да не заборавиме и на предлогот за воведување една изборна единица, кој датира уште од 2016 година, но беше блокиран токму од ВМРО-ДПМНЕ со илјадници амандмани за да не дојде воопшто до разговор на таа тема – велат од СДСМ.

Првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ, пак, вели дека измените на Изборниот законик и на Уставот треба да се направат со консензус меѓу партиите, а ако веќе се отвора Уставот, според него, треба да се отворат и други прашања.

– Ме радува фактот што опозицијата е подготвена за отворање на Уставот. Во тој случај ние имаме и други теми кои треба да бидат опфатени во овие уставни измени како што е спорот со Бугарија или вметнувањето на бугарската, хрватската или црногорската заедница и укинувањето на ограничувањето од 20 отсто за употреба на албанскиот јазик – рече Груби.

Некој „за“, некој „против“

Коалициските партнери на СДСМ, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов и ЛДП на Горан Милевски, го поздравија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници.

– Полека се гради консензус околу реформа на изборниот процес во целина и очекуваме тоа да се случи со темелни промени на Изборниот законик, за да се обезбедат рамноправни услови и демократски правила за изборен натпревар на сите политички партии. Бараме за измените на Изборниот законик најитно да се закаже расправа во парламентот и да се донесат промените – велат од ДС.

Горан Милевски, ЛДП: Добро е тоа што и другите политички партии конечно се свесни дека ни се потребни мали и ефикасни институции.

И Горан Милевски од ЛДП истакнува дека неговата партија уште во 2010 година ја промовирала идејата за намалување на бројот на пратеници.

– Добро е тоа што и другите политички партии конечно се свесни дека ни се потребни мали и ефикасни институции. Ние знаеме дека идеите на ЛДП во моментот на предлагање беа неразбирливи и неприфатливи, но добро е да се знае дека сме пред времето со нашите ставови. Се радуваме што и другите политички чинители конечно разбираат дека на македонската држава ѝ се потребни мали и ефикасни институции – посочи лидерот на ЛДП.

ДОМ останува на првобитниот предлог за изборен модел со една изборна единица без изборен праг и отворени листи на кои 50 проценти ќе бидат жени на листите.

Од ВМРО-Народна партија го поздравуваат предлогот за промена на изборниот модел во една изборна единица, но за нив е неприфатлив предлогот за намалување на бројот на пратеници.

– Ја поздравуваме иницијативта на ВМРО-ДПМНЕ со која се предлага промена на моменталниот изборен модел во една изборна единица. Но, во исто време сметаме дека предлогот за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 не е прифатлив затоа што ваквото намалување ќе доведе до уште поголемо монополизирање на македонскиот парламент во интерес на големите политички партии. Оваа промена ќе значи уште поголема елиминација на помалите политички партии независно дали се основани врз база на идеолошка или етничка основа, што во суштина ќе значи и удар врз мултикултурниот живот во државата – велат од партијата на Љубчо Георгиевски.

Сличен став дели и Демократската партија на Турците, сметајќи дека барањето за намалување на бројот на пратеници се евтини обиди за да се минира иницијативата за една изборна единица.

Ќе го отвориме Уставот, ама не сега!

Претседателот на државата Стево Пендаровски се согласува дека имаме гломазен државен апарат и дека треба да се намали бројот на пратеници во Собранието, но поради тоа што е потребно и отворање на Уставот, тој порачува дека во овој момент тоа не е потребно.

– Имате политички субјекти кои веќе сега најавуваат дека не само намалување на бројката пратеници туку и дека некои други прашања би можеле да се отворат. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот. Ако ме прашате мене, не ни треба. Сега на државата не ѝ треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа – вели Пендаровски.

Тој поддршката за намалување на бројот на пратеници во иднина ја објаснува со тоа што ќе се редуцираат трошоците и вели дека е добар моделот на Словенија која има речиси ист број на население, а 90 пратеници во парламентот.

– Секојпат е добро да се рационализираат трошоците што ги прави државата. Не зборувам за конкретната иницијатива. Познато е дека ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тој државен апарат. Знаете дека на секој пратеник доаѓаат по неколкумина што го опслужуваат, дека пред неколку години доградувавме неколку куполи бидејќи немаше доволно физички простор за секој пратеник да биде во посебна канцеларија… Сè што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел, јас го поддржувам – рече Пендаровски.

Претходно, и премиерот Димитар Ковачевски позитивно одговори на предлогот на опозиционерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека СДСМ ги кани сите политички партии и политички фактори во државата на разговор за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 во македонското Собрание, со што, според него, ќе се подобри функционалноста на македонската демократија и ќе се намалат трошоците.

Поврзани содржини