КОЛЕКТОРСКИОТ СИСТЕМ РАБОТИ, ИСПУШТА ВОДА ОД ВТОРА И ТРЕТА КАТЕГОРИЈА Проблем се објектите што не се поврзани на системот

Согласно анализите од ЦЈЗ Колекторскиот систем работи според своите капацитети заедно со пречистителната станица и испушта води од втора и трета категорија, кои соодветствуваат на стандардите за испуштање во реципиент река Црн Дрим – се вели во реакцијата на ЈП Колекторски систем – Скопје.

531

ЈП Колекторски систем – Скопје испрати реакција на нашиот текст со наслов ,,Колекторот не функционира, Охридско Езеро заситено со фекалии! Загрижувачки извештај на Институтот за јавно здравје“, која ви ја пренесуваме во целина:

Имено, како што е наведено и во Извештајот, се работи за пречистителната станица во комплексот Св. Наум која е изградена во 2013 година, која, нажалост, во извештајот (на Институтот за јавно здравје, наша. заб.) е пишана како колекторски систем, кој воопшто не постои.






Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро е изграден во 1987 година и истиот ги покрива деловите од Пештани на охридската страна до Елен Камен на струшката страна од езерото, а завршува во пречистителната станица во Враништа.

Согласно анализите од ЦЈЗ истиот работи според своите капацитети заедно со пречистителната станица и испушта води од втора и трета категорија, кои соодејствуваат на стандардите за испуштање во реципиент река Црн Дрим.

Не е точно дека не работи и дека има само дробилици за третман.

На истиот во текот на 2019 и 2020 година се започна со санација која продолжува во текот на оваа година со што состојбата во која го затекнавме во 2019 година, денес со ГОРДОСТ можеме да кажеме дека го вративме во нормала фиункционирањето и нема никакви излевања и внес на фекалии во езерото од наша страна.

Во тек е изработка на проекти и техничка документација за засебни пречистителни станици за Љубаништа, Радожда, нова пречистителна станица за Охрид, собирање на отпадните води од село Елшани и ревизија на проектот од 2015 година за санација и реконструкција на пречистителната станица во Враништа со кои проекти ќе се аплицира во ЕУ фондовите за обезбедување на средства и конечно целосно покривање на македонската страна од Охридското Езеро“ – се вели во реакцијата на ЈП Колекторски систем – Скопје.

Во меѓувреме, и Центарот за јавно здравје од Охрид за МИА појасни дека водата во Охридското Езеро е чиста и исправна за капење, спорт и рекреација. Тоа го покажале последните анализи на квалитетот на водата што редовно ги спроведува ЦЈЗ од Охрид.

– Последните физичко-хемиски и микробиолошки анализи спроведени минатата седмица на северниот дел од крајбрежејто на Охридското Езеро, на потегот од хотелот „Милениум“ до „Андон Дуков“, покажуваат дека водата е од прва и втора класа и е исправна за капење и рекреација, значи истата е здравствено безбедна. Моментално се врши анализа на водата од Струга до Радожда, а наредната седмица од Свети Наум до хотел „Парк“. Претходните анализи на сите тие локации, од Свети Наум до Радожда, покажаа дека водата е со исклучителен квалитет – изјави за МИА Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Тој вели дека, очекувано, последните анализи покажуваат мала деградација во квалитетот на водата во северниот дел на езерото, но оти тоа е ситуација што се повторува последните триесет години. Појасни дека тоа е последица што во овој период од годината температурата на водата расте, што ја намалува нејзината сатурација, а секако врз квалитетот на водата притисок има и од зголемената популација во градот во летната сезона.

– Наназад години се соочуваме со истите проблеми, за истите алармираме и ги истакнуваме во сите извештаи. Потенцијална опасност за квалитетот на водата во езерото се пред се реките што се вливаат – Сатеска, Коселска, Велгошка (Грашница) и Черава на албанската страна. Тие четири реки носат најмногу загадување и влијаат негативно врз еко-системот. Исто така проблем се и оние делови од езерото каде нема приклучок кон Колекторскиот систем – од Свети Наум до Десарет на источното и од Струга до Радожда на западното крајбрежје, како и неколку станбени објекти во Стариот дел на Охрид што не се поврзани на Колекторот – рече Точков.

Загадувачи на езерото се и неколку цевки од системот на атмосферска канализација во Охрид, од кои во одредени моменти се излева вода, најмногу во Студенчишкиот канал.

– Моќта на самопрочистување на Охридското Езеро е исклучително висока, се работи за проточно езеро и олиготрофно, и нема големи индикации за загадување. Како и да е, сите потенцијални загадувачи влијаат врз квалитетот на водата и целиот еко-систем и доколку не се преземе нешто поконкретно во иднина ќе се јават проблеми со квалитетот на водата во езерото – рече Точков.

Институтот за јавно здравје на РС Македонија на 7 јули го објави Извештајот за кватитетот и здравствената безбедност на површинските води и провенка на здравствениот ризик пред почетокот на летната сезона за капење.

Во него се вели дека, согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ, перзистираат (опстојуваат) објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи, а тоа се: хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел Десарет до Св. Наум., потоа хотелско – угостителските објекти и туристичките населби од Струга до с. Радожда, како и приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео. Се посочува дека единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел Бисер и с. Калишта.

КОЛЕКТОРОТ НЕ ФУНКЦИОНИРА, ОХРИДСКО ЕЗЕРО „ЗАСИТЕНО“ СО ФЕКАЛИИ! Загрижувачки извештај на Институтот за јавно здравје

Поврзани содржини