Колективна меморија
Мудриот Малески не е забележан ниту со едно несогласување со чекорите на министерот за надворешни работи Османи или со претседателот Пендаровски чиј советник беше едно време. А поводи имаше повеќе. Како не му текна наместо за колективна меморија да даде анализа на бугарско-албанските односи, со посебен однос и на ставовите на албанските политичари кај нас кога се во прашање националните интереси на Република Македонија.
Првиот ни министер за надворешни работи во експертската влада на премиерот Никола Кљусев, беше водњанаското дете, Денко Малески. Текстот кој следи не е полемика со професорот непознат во меѓународните научни кругови, од областа на меѓународно јавно право. Повеќе е локално познат како министер за надворешни работи и амбасадор кој во клучните моменти во вклучувањето на Република Македонија во меѓународната заедница, од нему само познати причини, се повлече во Њујорк со што ја отпочна традицијата на македонската дипломатија, министрите за надворешни работи да одат за амбасадори. Полемиката на македонскиот медиумски простор кај нас не заживеа, посебно во рамките на цивилизациската размена на мислења. Обично полемиките кај нас наликуваат на кавги на мариовските невести на селската чешма или преку соседските тараби.
И нашиот прв министер надворешни, Малески, претера со повикувањето на неговиот (Тукидид) политички реализам во своите ламентирања за нашата тотална изгубеност и неснаодливост во лавиринтите на меѓународната политика. Големите прават што сакаат дури и лажат, му се пожалил своевремено првиот ни министер за надворешни работи на претседателот на независна Република Македонија К. Глигоров, и си поднел оставка, што не беше баш патриотски чин. Факт е дека Малески беше министер во најтешкиот период на признавањето на Република Македонија и воспоставувањето дипломатските односи, поради што и од објективни причини, мораше повеќе да се посвети на главното мултилаатерално прашање, додека билатералата на некој начин беше во втор план.
Забележена е неговата посета на трите Балтички држави со идеја за воспоставување соработка меѓу малите држави при нивните интеграции во евроатлантските структури. За Балтичките држави имало и други идеи и дека биле во право покажува нивниот денешен статус, а и нашиов. Во Њујорк пристигна како амбасадор, прв шеф на нашата Мисија, институција на која ние не ѝ посветивме соодветно значење, пред сѐ, со кадровско екипирање, а во која нашата иницијатива за донесување Резолуција со која се бара да се изврши паралелна анализа на почитување на човековите права во нашиот регион, од прагматични причини не беше реализирана. После тоа само гласавме за резолуции, не секогаш добро промислено. Ние сметавме дека таква наша иницијатива ќе биде доказ за наш премиерен настап како нова членка на ОН. Макар пост фестум (пристигна после приемот на Република Македонија во ОН) за процесот за приемот на нашата држава во ОН, министерот, а потоа и амбасадор Малески требаше подобро да ја проучи Повелбата на ОН, посебно оној дел што се однесува за приемот на нови членки. И покрај тоа што дополнителните услови беа наметнати од посилните кои прават тоа што сакаат (Тукидид), ние како сиромашни и слаби, требаше макар и формално да укажеме дека во случајот на приемот на РМ во ОН е прекршена Повелбата (член 4 став 1 и членот 2, ставовите 1,4 и 7).
На експертот за меѓународно право му беше достапна архивата на ОН па можел да се запознае со Резолуцијата 113/2-1947 која се однесува на обраќањето на ГС на ОН до Меѓународниот суд на правдата во врска со условите за приемот на новите членки на ОН. Мисијата на РМ доживеа персонални златни моменти со претседовањето на нашиот поранешен МНР, кој осоколен со едногодишното претседавање, се кандидира за избор на Генерален секретар на ОН, ама не заврши славно. Но, поразите и скандалите врз него не оставаат видлив траг.
Но, да се вратам на тезата на докониот пензионер Малески изнесена во единствениот македонски неделник минатата недела, а која се однесува на „ранетата психа на Македонците поради нашата колективна меморија базирана на фактот дека Македонија за време на балканските војни, е поделена од нашите соседи и од митот дека таа е само наша татковина, во нашите етнички граници“, што имало и рефлексија на современата македонска држава. Нешто ми личи познато, како заземање позиција, сепак на еден поранешен министер за надворешни работи, кој во колективната меморија ќе остане запаметен како политичар кој во нашето Собрание изјави „дека доколку Република Македонија се одвои од Југославија како независна држава, тогаш не можеме да рачунаме на него“.
Да не западнам во епистемолошки лавиринт на улогата на историјата и колективната меморија, како експертот Малески, да напоменам дека колективната меморија на Македонците, секако не влече корени од последиците на балканските војни. Ламентирања на Малески за колективната меморија и опасноста дека македонската верзија можеше, а и сега таа варијанта не се исклучува, лесно да ги запали меѓунационалните војни, како оние во Југославија во последната декада од дваесетиот век, се ставаат во контекст на актуелните настани во односите помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи историјата е во директна интеракција со колективните мемории. Малески смета дека будењето на историските мемории го комплицира водењето модерна политика и дипломатија на една држава, поради што неговиот дипломатски ментор, тогашниот претседател Глигоров со неговиот тогаш гулаб писмодоставувач (messagesdelivery), во ликот на министерот за надворешни работи, колективната меморија ја ставија во шише (подоцна и еден друг министр надворешни стана познат по коперфилдското полнење на шише), а кога Аладин го отвори шишето после приемот на нашата држава во ОН, национализмот произлезен од долго потиснуваната колективна меморија, стана катализатор за проблемите дома и реакција на притисоците од Вашингтон и од Брисел. Така Република Македонија почна да ги влече тешките куфери преполни со колективна меморија. Поради колективната меморија, вели мудриот Малески, заглавивме 25 години со Грција, а сега сме заглавени со Бугарија на неизвесен временски период.
Се разбира повод за ваква дипломатско-политичка- филозофска и социолошка анализа на феноменот колективна меморија, се актуелните односи меѓу Скопје и Софија, кои впрочем се дополнително оптоварени „со претераниот патриотизам на противниците на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за пријателство со Бугарија“. Индикативно е што колумната на Малески е објавена („Фокус“, 9 март о.г.) една недела пред пристигнувањето на Борел во Скопје и во Охрид, за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина чиј исход одамна е познат. Ние изборот на местото на средба на Вучиќ и Курти го толкуваме како голем успех на македонската дипломатија, која Малески одамна ја глорифицира, од нему само познати причини. Борел ќе дојде во Охрид и да го почне лобирањето на Брисел, а се разбира и на Вашингтон, за имплементација на т.н. француски предлог зајакнат со понижувачките протоколи, после што следи наезда на тешкаши од Вашингтон и од Брисел, со цел реализација, попрецизно менување на нашиот Устав, со вклучување на Бугарите, како конститутивен народ.
Во оцена на квалитетот на нашата непостоечка дипломатија, Малески е очекувано недоследен. Прво тврди дека во негово време (до приемот на нашата држава во ОН) сме имале модерна дипломатија која зборуваше меѓународен дипломатски есперанто јазик, не потенцирајќи ги нашите историски трауми. Сега, пак, ја фали нашата виртуелна дипломатија, не лелека поради неправдите од минатото и понизно ги прима шамарите кои ги добиваме од сите страни. Да го потсетам професорот во мировина Малески, дека нашата дипломатија не решила самостојно ниту еден проблем, туку само ги предизвикувала поради волунтаризмот и внатрешните скандали во кои беа вовлечени и некои шефови на дипломатијата.
Малески никако да проговори како стана прв министер во експертската влада. Макар амбасадорско дете, тој немаше никакво дипломатско искуство и харизма за таква позиција. Еден од врвните југословенски дипломати, последен амбасадор на СФРЈ во Атина, беше одбиен. Заборава, ама колективната меморија не заборава дека не даде одговор, зошто самостојно ја напушти функцијата министер за надворешни работи и конечно да објасни кои се тоа спектакуларни дострели на нашата дипломатија во негово време, а и денес. Ако мисли за приемот на Република Македонија во ОН под референца или на потпишување на Преспанскиот договор или Договорот за пријателство со Бугарија, не го препознава ракописот на странскиот фактор и нашата епизодна улога. И во трите случаи улогата на нашата дипломатија беше безначајна. Напротив со потпишните договори, кои секако беа потребни, ние доживеавме дипломатски и национален пораз.
Со уникатниот прием во ОН, покажавме дипломатско несноаѓање, што нѐ вовлече во нерамноправна дипломатска битка со Грција, која ја изгубивме, за формулациите во Договорот за пријателство со Бугарија, ја покажаа незаситната желба на владејачката партија да поентира со почетокот на преговорите со ЕУ, а со тоа отвори простор за бугарско-дипломатско пенетрирање. Три најголеми грешки. Не одигравме добро и во неговото (Малески) време во односите со останатите соседи. На меѓународен план, односно во меѓународните гремиуми сме анонимни. Своевремено кружеа злобни озборувања дека наводно странските амбасадори на Ист Ривер кои си ја подигале редовно поштата од фаховите на своите држави, во една прилика го прашале возачот на нашиот амбасадор кој ја земал поштата, дали е тој новиот македонски амбасадор. Мудриот Малески не е забележан ниту со едно несогласување со чекорите на министерот за надворешни работи Османи или со претседателот Пендаровски чиј советник беше едно време. А поводи имаше повеќе. Како не му текна наместо за колективна меморија да даде анализа на бугарско-албанските односи, со посебен однос и на ставовите на албанските политичари кај нас кога се во прашање националните интереси на Република Македонија. Во дипломатската архива можеше да прочита и за престојот во Софија кон крајот на деведесетите од минатиот век, на поранешниот лидер на ДПА, А. Џафери, односно неговата изјава околу фалсификување на историјата на Балканот.
Да, нашиот народ е умен и памети. Колективната меморија е секако важен катализатор на општествена консолидација. Во колективната меморија ќе биде забележено и образложението на тогашниот министер Малески дадено до неговиот ментор, дека дава оставка, бидејки повеќе не може да ги трпи лагите на западните дипломати, кои еден ден зборуваат едно, а вториот ден, или истиот попладне, друго. Пред да прифати да биде прв министер за надворешни работи, требаше таа лекција да ја знае.