КОКСАКИ ВИРУСОТ РАСПЛАКА 25 БЕБИЊА ВО ГРАДИНКА ВО ВЛАЕ Директорката на „Пролет“ не верува дека градинката е извор на заразата

Заразените најчесто креваат температура и им се појавува осип на кожата, а инфектолозите точно знаат каква терапија да припишат според симптомите, изјави епидемиологот д-р Александар Стојанов.

1,367

Директорката на детската градинка „Пролет“ во Влае не верува дека токму установата со којашто таа раководи е извор на вирусот коксаки, со кој, како што објави Слободен печат, наводно се заразиле 25 бебиња и мали деца од јасли.

Директорката на градинката, Соња Јанчевска, во разговор за Плусинфо тврди дека се многу мали шансите децата да се заразиле со вирусот за време на нивниот престој во градинката, оти, како што објаснува таа, симптомите ги добиле за време на викендот, а не во текот на работната недела.






– Имаме само едно дете кое е заразено со коксаки вирусот и кое поседува соодветен документ дека е заразено. Сите останати деца се повлечени од градинката по барање на родителите. Од друга страна, симптомите на вирусот им се појавиле за време на викендот, а не во периодот додека децата биле во градинка. Родителите си ги носат своите деца на игралишта, на роденденски забави во игротеки и на разни други места, а не само во градинка. Колкава е веројатноста коксаки вирус да се шири во детска градинка? Во секој случај, ние веднаш направивме целосна дезинфекција на целиот објект. Ја дезинфициравме целата постелнина, креветчињата, играчките и сите други предмети – вели Јанчевска.

Во објавата на Слободен печат, родител на дете заразено со вирусот коксаки се жали на хигиената во градинката.

– Првите симптоми се појавија минатата недела и скоро сите мислевме дека е алергија. Моето дете се разболе во петокот. Детето се исфрли по телото со красти по нозете и на рацете. Матичната лекарка потврди дека се работи за коксаки и сите родители во групата беа известени. Нема никаква хигиена во градинката – обвинува мајката на детето.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, пак, информираат дека вчера бил извршен редовен инспекциски надзор во оваа градинка, при што е констатирано дека санитарно-хигиенската состојба во градинката е на солидно ниво, спроведени се мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и здравствено-санитарни прегледи за вработените, согласно законските рокови.

– Известен е и Центарот за јавно здравје-Скопје, кој ја следи состојбата во градинката и во текот на вчерашниот ден во просториите кои ги користи оваа група, извршено е вонредно механичко чистење по кое е спроведена дезинфекција на просторот и опремата. ЦЈЗ Скопје и ДСЗИ ја следат состојбата и доколку има потреба ќе се преземаат и дополнителни мерки – одговорија за Плусинфо од Министерството за здравство.

Комисијата за заразни болести сѐ уште не е запознаена со случајот, но како што ни изјави портпаролот д-р Злате Мехмедовиќ, појавата на коксаки вирусот во детските градинки воопшто не е невообичаена работа.

– Немаме информација дека постои поголема група бебиња којашто е заразена со коксаки вирусот, но секако дека веднаш ќе стапиме во контакт со Институтот за јавно здравје. Но, од тоа што го знаеме од минатото, коксаки вирусот е вообичаена појава во детските градинки и тој вирус отсекогаш се ширел помеѓу најмладите. Не би можел да кажам колку е опасен вирусот, но за секое инфективно заболување, пријавите пристигнуваат во Институтот за јавно здравје. Ќе ги провериме информациите и ќе ја известиме јавноста – изјави д-р Мехмедовиќ.

И епидемиологот Александар Стојанов објаснува дека коксаки вирусот најчесто ги напаѓа послабите организми, односно бебињата, но, како што потенцира, тој вирус не се смета за животозагрозувачки.

Брзо се шири од човек на човек, но не се смета за опасен вирус.

Д-р Александар Стојанов Епидемиолог

– Нема место за паника. Коксаки вирусот најчесто се пренесува преку воздух, преку допир со фецес, преку кашлање и преку кивање, а и преку храна. Неговата појава е честа особено во овој период на годината. Брзо се шири од човек на човек, но не се смета за опасен вирус. Тој најчесто ги напаѓа послабите организми, особено бебињата. Во поглед на лекувањето, тоа зависи од случај до случај. Постои симптоматска терапија, а не постои специфична терапија за лекување од вирус. Заразените најчесто креваат температура и им се појавува осип на кожата, а инфектолозите точно знаат каква терапија да припишат според симптомите – ни изјави д-р Стојанов.

Што е коксаки и како се пренесува?

Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и воспаление на мозокот и воспаление на срцевата обвивка.

Коксаки се пренесува преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има.

Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки. Не значи дека ќе се разболи секој што ќе дојде во контакт со коксаки вирусите. Над 90 отсто од инфекциите со коксаки поминуваат без никакви симптоми, и во тие случаи се работи за клинички неманифестирани инфекции.

Но, инфекции од овие вируси предизвикуваат менингитис, миокардитис и перикардитис. Тие може да се развијат кај пет до 10 отсто од заразените.

Поврзани содржини