КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ НА ЛЕУКЕМИЈАTA? Силвио Берлускони почина од оваа болест која го разорува организмот
Замор, отежнато дишење, модринки кои не поминуваат, крварење од непцата, хемороидите и матката, покачена телесна температура и инфекции се предупредувачки знаци кои бараат итен лекарски преглед.
Веста дека поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони почина на 86-годишна возраст изненади многумина. Имено, Берлускони подолго време боледуваше од леукемија, поради која интензивно се лекуваше, но сепак ја загуби битката.
Тој бил примен во болницата Сан Рафаеле во Милано во петокот заради медицински прегледи, изјавија извори минатата недела.
Милијардерскиот медиумски тајкун бил пуштен од болница минатиот месец по лекувањето од инфекција на белите дробови поврзана со хронична миеломоноцитна леукемија (ХМЛ).
Здравјето на Берлускони значително се влоши во последниве години, со операцијата на отворено срце во 2016 година и бројни приеми во болница откако се зарази со Ковид-19 пред три години. Во април, тој бил примен на интензивна нега во Одделот за кардиологија на болницата Сан Рафаел, откако имал проблеми со дишењето.
Додека бил таму, на Берлускони му била дијагностицирана инфекција на белите дробови и ХМЛ – редок карцином на крвта кој се карактеризира со висок број на бели крвни зрнца. Берлускони претходно го победи ракот на простата, кој го опиша како „кошмар кој трае со месеци“.
Што е леукемија?
Леукемијата е малигно заболување на коскената срцевина, каде што се создаваат клетките на крвта, црвени крвни зрнца или еритроцити, бели крвни зрнца или леукоцити и крвни плочки или тромбоцити. Се јавува како последица од создавање на исклучително големо количество леукоцити.
Леукемијата сочинува околу 10 проценти од сите малигни заболувања и е најчеста кај возрасните на возраст меѓу 65 и 74 години, а почесто се јавува кај мажите отколку кај жените. Според сопствен опис, пациентите велат дека леукемијата е болест која доаѓа тивко, но многу брзо прави да се чувствувате слаби поради големиот замор. Замор, отежнато дишење, модринки кои не поминуваат, крварење од непцата, хемороидите и матката, покачена телесна температура и инфекции се предупредувачки знаци кои бараат итен лекарски преглед.
Причина за леукемија
Причините за леукемијата не се дефинитивно познати, а се смета дека на нејзиниот развој влијаат генетски фактори, радијација, хемикалии и вируси. Овие фактори се само делумна причина, и тоа само во одредени случаи. Во повеќето случаи, причината за болеста останува непозната.
Видови на леукемија
Постојат неколку видови на леукемија. Тие се поделени на два начина. Првиот зависи од тоа колку брзо се развива болеста и состојбата се влошува. Вториот е според типот на крвни клетки кои се зафатени.
Леукемијата е или акутна или хронична. Кај акутната леукемија, абнормалните крвни клетки се незрели и не можат да ги извршуваат своите нормални функции. Нивниот број рапидно се зголемува, а состојбата рапидно се влошува. Кај хроничната леукемија, вакви клетки се присутни, но во глобала овие клетки се позрели и можат да вршат некои од нивните нормални функции. Нивниот број се зголемува побавно отколку кај акутната леукемија, па состојбата постепено се влошува. Леукемијата може да настане од два главни типа на бели крвни зрнца – лимфоидни и миелоидни.
Најчестите видови на леукемија:
Акутна лимфоцитна леукемија – најчеста кај малите деца. Ги погодува и возрасните, особено оние над 65 години.
Акутна миелоидна леукемија – се јавува и кај возрасни и кај деца.
Хронична лимфоцитна леукемија – децата ретко се разболуваат, се јавува кај возрасни над 55 години.
Хронична миелоидна леукемија – најмногу кај возрасни
Алармантни симптоми
Иако симптомите варираат во зависност од видот на леукемијата, анемијата е главниот знак. Се манифестира со слабост, брз замор, бледа боја на кожа, а може да се појават и проблеми со срцето.
Поради недостаток на тромбоцити (тромбоцитопенија), на кожата и слузокожата се јавуваат модринки и мали точексти крварења. Зачестени се и инфекциите, бидејќи е намален бројот на здрави леукоцити. Како резултат на тоа, имунолошкиот систем е исто така ослабен.
Овие симптоми често се придружени со главоболка, повраќање, болка во горната лева страна на желудникот предизвикана од зголемена слезина. Потоа, болки во коските, крварење на непцата, ноќно потење, необјаснето губење на тежината.
Лекување
Повеќето пациенти се лекуваат со хемотерапија. Се користи и радиотерапија и/или трансплантација на коскена срцевина или биолошка терапија. Во некои случаи, спленектомија (отстранување на слезината) може да биде дел од лекувањето.