Кои деца припаѓаат на Европа?
Македонските иселеници, кои во последните години забрзано итаат кон западните индустриски развиени земји, се чини развиле психолошки одбранбен рефлекс за наједноставно да можат да ги објаснат мотивите за одлуката да ја напуштат својата земја. Дури и кога не ги прашувате зошто се иселиле, многумина од нив ќе ви кажат: „Можевме да продолжиме и некако да се снаоѓаме, да крпариме од месец до месец, но го направивме ова за децата, за нивна подобра иднина“.
„Кога дува северен ветар се чувствува смрдеа од мртвта фабрика. Сите заминаа одовде. Останаа тие што не можеа“, пишува во еден од своите романи полскиот писател Анджеј Стасјук, познат по својата патеписна литература и есеите во кои ја опишува реалноста на Источна Европа и нејзиниот однос кон западниот свет. Впечатливите ликови на Стасјук, транзициски губитници од демографски опустошените источноевропски простори (она што обично го нарекуваме сиромашен Исток, источните гранични подрачја на ЕУ) се во постојано, незапирливо движење кон недофатливиот просперитет.
Веќе неколку години пред крахот на финансискиот капитализам во 2008 година и подоцнежната криза во еврозоната, американскиот економист Џејмс Галбрајт ги истражуваше нееднаквостите во рамки на ЕУ, констатирајќи дека тие, според некои параметри, биле изненадувачки поголеми од нееднаквостите во САД. Галбрајт извлекол заклучок дека сиромашните Европејци ќе го интензивираат иселувањето кон големите градови во северозападна ЕУ, а што, напоредно на тоа, ќе предизвика засилување на нетрпеливоста кон емигрантите и ќе ја засили европската екстремна десница. Токму тоа денес и се случува, посебно во т.н. стара ЕУ.
Нееднаквостите и понатаму претставуваат сериозна закана за иднината на ЕУ, поради што, според Галбрајт, е неопходна силна регионална политика на расопределба на ресурсите. Отворениот европски пазар се темели врз такви претпоставки. Невработеноста во најсиромашните европски региони, како, на пример, во Бугарија и Романија, не е само бугарско и романско прашање, туку со прекуграничното слободно движење на работна сила станува заедничко европско прашање.
Но иселувањето на мигранти од Источна Европа, во потрага по подобар животен стандард, најчесто се одвива според принципот „дај што ќе дадеш“, при што условите за вработување остануваат во втор план. Основен двигател е висината на платите, кои на Западот се пет или десет пати повисоки од ниската заработувачка дома. Тоа се вклопува во сликата на она што се нарекува модерен „европски прекаријат“, Европејци кои немаат сигурни вработувања и се потиснати на маргините на системите на социјална и општествена заштита. Тие всушност и немаат повеќе што да изгубат, повеќе од она што веќе го изгубиле, чекајќи со години нешто позитивно да се случи за нив и за нивната иднина во долготрајниот процес на транзиција.
Интересни се податоците што покажуваат колку населението во ЕУ-членките просечно се зголемувало или намалувало на годишно ниво, пресметано врз основа на податоците за миграциите и разликата меѓу бројот на родени и умрени. Во негативната зона на долгорочен негативен природен прираст, почнувајќи од 2000 година па наваму, јасно се присутни прибалтичките земји, Грција, Полска, Унгарија, Хрватска, Естонија, Романија и Бугарија. Зависно од големината на земјите, тоа отприлика значи дека секоја година кај нив исчезнува по еден град во големина од 50 до 100 илјади жители.
Често се изнесува уверување дека членството во ЕУ ќе го запре иселувањето на младите. Но реалноста ги демантира таквите тврдења. Бројките што го покажуваат иселувањето на жителите на ЕУ во потрага по работа и подобар живот во други земји-членки, е во постојан пораст. На врвот на табелата убедливо се издвојува Романија со речиси 20 проценти од работноспособното население што ја напуштило земјата. 14 проценти од граѓаните на Хрватска и 12,5 проценти од граѓаните на Бугарија на возраст од 20 до 64 години лани биле регистрирани како жители во други земји-членки на ЕУ.
Преку 400.000 Грци, пред се млади и образувани луѓе, емигрирале во последните години, според извештај од Грчката централна банка. Вкупно земено, станува збор за околу четири проценти од грчкото население. Грците, како и народите од поранешна Југославија, масовно се иселувале и во минатото, во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век, вработувајќи се во фабрики во Германија, Белгија, Шведска и во други западноевропски земји. Но во тој период главно се иселувала нискоквалификувана работна сила, додека сега главно емигрира високообразуваната генерација, која во нормални услови би требало да претставува иднина на земјата.
Но приказните за наезда од полски водоинсталатери, романски и бугарски питачи, или македонски шофери, западните десничарски популисти вешто ги користат за да ги потхрануваат стравувањата и чувствата на несигурност меѓу домицилното население.
Европа е компликуван континент со застрашувачка историја. ЕУ, која е поврзана со демократски институции, може да функционира само доколку се покаже разбирање за меѓусебните искуства, сеќавања и кошмари. Францускиот претседател Макрон успеа, барем привремено, да го прекине парализирачкиот ЕУ-песимизам со политика на една променета и пофанзивна ЕУ. Но се чини не направи многу кога станува збор за непосредното соседство, на пример кога е во прашање „вишокот историја“ што постојано ги конфронтира и го „парализира“ развојот на балканските земји. Брисел, по проблемите поврзани со еврокризата, мигрантската криза, климатските прашања, пандемијата и крахот на солидарноста, премолчено ѝ дозволи на Бугарија на голема врата во ЕУ да внесе уште еден повод за разидувања, наметнувајќи ги историско-ревизионистичките барања и редефинирањето на идентитетските прашања како предуслов за добрососедска политика и прием на нови ЕУ-членки. Да, членство во ЕУ како надеж дека населението малку ќе се исполни со оптимизам за да остане дома.
Сликата за „мртвите фабрики“ и иселените транзициски губитници во прозата на Анджеј Стасјук, лесно може да се препознае и во кој било демографски опустошен и економски девастиран дела на Македонија. Претпоставките за масовно иселување и понатаму се присутни и предупредувачки. Македонските иселеници, кои во последните години забрзано итаат кон западните индустриски развиени земји, се чини развиле психолошки одбранбен рефлекс за наједноставно да можат да ги објаснат мотивите за одлуката да ја напуштат својата земја. Дури и кога не ги прашувате зошто се иселиле, многумина од нив ќе ви кажат: „Можевме да продолжиме и некако да се снаоѓаме, да крпариме од месец до месец, но го направивме ова за децата, за нивна подобра иднина“.
Ваквите пораки тешко допираат до македонските политички партии, кои, целосно зафатени со меѓусебно уништување во заслепена борба за власт, со обвинувања кој повеќе украл, корумпирал и проневерил, кој повеќе се задолжил и ја упропастил економијата, и кој треба или не треба да лежи во затвор, однапред јавно осуден како мафијаш и криминалец, немаат време да забележат што се случува со нивниот сопствен народ. Македонските партии не покажуваат некаква посебна смисла и волја, туку пред сè немоќ да ја третираат дијаспората како неразделен дел од националниот корпус. Во најдобар случај, во бескрајните коалициски пазарења, се потфрла одвреме-навреме понекое министерско столче за дијаспората без ресор (читај: без ресурси).
Од која било Македонија, историски гледано, па и од оваа денешнава, Северна, деца се зарануваат за да се иселат од дома, сите оние кои можат да го направат тоа, со отворена можност пред нив да ѝ припаѓаат на Европа.