Кого лаже францускиот амбасадор?

Прва фаза е готова, драг Сирил, а за да почнат преговорите, Македонија, монструозно натерана од ЕУ, предводена од твојата Франција, мора да го смени Уставот. Ти се гордееш со тоа, што покажува дека работите ги разбираш. И, замисли, бирократските идиоти и кретени од Брисел тврдат дека ЗАЛОЖБАТА за промена на Уставот била – наша! Не се тие виновни. Нашле овци, и ќе ги стрижат под кожа.

4,653

Во интервју за Радио Слободна Европа, пренесен во Нова Македонија, од 21/12/2022, францускиот амбасадор во Скопје изгледа како да води партиска и политичка кампања што, едноставно – запрепастува. Сосема е неспорно дека, кога се работи за интеграцијата во ЕУ, нашата власт намерно и неконтролирано го лаже народот. Свесна дека мнозинството сака во Унијата, со нереална надеж дека така ќе му се решат проблемите, таа е спремна на сѐ, со цел да ја задржи позицијата која ја има. И, во недостаток на испорачани дела и вредности, шири измислици за да ги контролира масите. Но, со кое право, во нашите внатрешни работи се меша амбасадорот на Франција, и дури го лаже народот?

Францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер, не е прв од европските политичари коишто, очигледно, доаѓаат во земјава со цел да нѐ заведат, за да ги реализираат нивните нелегални и нецивилизациски европски интереси во однос на Македонија и Македонците. Не е спорно дека за ЕУ и нејзините членки, особено главните, е исклучително важно Македонија да си го смени Уставот и да ја забрза бугаризацијата на македонскиот народ.






Тоа е нивна политика, диктирана од САД, којашто ни ја наметнаа на крајно безобразен и бескрупулозен начин. Претходно, во однос на Македонија, тие се изрезилија и во случајот со Грција, и сега им се повторува истото сценарио. Заради безумните и нелегални блокади на Македонија, ЕУ се посрамоти како неефикасна и нефункционална. Затоа, сите тие, на чело со германскиот претседател, при неодамнешната посета на Македонија, обидувајќи се да го спасат угледот на Брисел, се прават наивни и зборуваат работи коишто немаат врска со вистината, и се тешко потценување на Македонците.

Францускиот амбасадор, за да не остане покус, во интервјуто вели – „Франција не се откажува од францускиот предлог и доколку… македонскиот Устав не биде ревидиран, тоа ќе значи дека процесот на европска интеграција моментално ќе биде запрен“!

Всушност, тоа е чиста и подла закана и уцена, подметната од нив. И, продолжува – „Првата етапа сега, реално кажано, е дека вашата земја веќе ги почна преговорите за членство. Нема никаков сомнеж во Европа дека вие веќе ги отворивте преговорите и … Македонија денес се наоѓа во иста состојба како Албанија во однос на евроинтегративниот процес“.

Сирил, МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ИМА ЗАПОЧНАТО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ! Тебе ти е јасно што има одлучено Брисел, ама ни тврдиш поинаку, со јасна намера да не доведеш во забуна.

Ова се тешки лаги, извадени од лев ракав! Прво, во основата, францускиот предлог е – бугарски, со којшто, пак, се согласиле нашите предавници. Франција е само злоупотребена за тие кукавички јајца, и нема место за гордост, Сирил.

Второ, Македонија не ги има започнато преговорите. Отворен е само процесот за нивно отворање и завршена е само првата фаза. Втората фаза е срамната и понижувачка промена на Уставот, којашто ни е наметната на силеџиски начин. Ако оваа држава и малку држи до своето достоинство, Уставот нема да го менува под надворешен притисок. Трето, Македонија воопшто не е во иста состојба со Албанија. Тирана ги започна преговорите и нема никакви нови пречки пред неа.

Впрочем, да не измислуваме. Еве што стои во документите на Брисел во врска со преговорите на Македонија:

По првата меѓу владина конференција меѓу Македонија и ЕУ, Фон дер Лејен, информираше – „За завршување на ПРВАТА ФАЗА на отворање на пристапни преговори меѓу вашата (нашата, де) земја со ЕУ“. Најпросто кажано, ако е завршена само првата фаза, тоа значи дека има и втора, поточно – дека ПРЕГОВОРИТЕ НЕ СЕ ОТВОРЕНИ. Тоа е неспорно за секој чесен набљудувач.

Во член 6 од Предлог – заклучоци на Советот, се вели – „Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на преговорите за пристапување, Советот одлучува да свика друга меѓувладина конференција, со цел да ја претстави Преговарачката рамка и тековната состојба на подготвителните работи… веднаш штом Македонија ќе ја спроведе СВОЈАТА ЗАЛОЖБА за уставните измени…“!?

Прва фаза е готова, драг Сирил, а за да почнат преговорите, Македонија, монструозно натерана од ЕУ, предводена од твојата Франција, мора да го смени Уставот. Ти се гордееш со тоа, што покажува дека работите ги разбираш. И, замисли, бирократските идиоти и кретени од Брисел тврдат дека ЗАЛОЖБАТА за промена на Уставот била – наша! Не се тие виновни. Нашле овци, и ќе ги стрижат под кожа.

Сѐ е јасно: на втората меѓувладина конференција за Македонија, ќе биде усвоена преговарачката рамка, и ќе можат да почнат преговорите. До тогаш, ПРЕГОВОРИ – НЕМА!

Мил Сирил, мала поука: ако си некаде само во прва фаза, со таков услов како нашиот, шансите да нема втора се – огромни. Ако не те известиле за сето тоа еве, јас ти кажувам. За Албанија нема втора фаза и Преговарачката рамка со неа е веќе договорена. За Македонија – не е. Срамно е и недостојно да се лаже, дека двете земји се во иста позиција. Не се. Тоа особено важи кога фактите се јавно познати. На амбасадорите не им личи да изигруваат селски кловнови.

Драг Сирил, сепак, голема благодарност за опомената дека ако не го ревидираме Уставот, за нас – нема ЕУ. Ако е точна информацијата дека твојата сопруга е – Бугарка, тој податок е важен и за тебе лично – заради мир во семејството. Бугарскиот национал-шовинизам, во никој случај не смее да се остави изневерен и на цедило, и на фамилијарен план.

Но, Сирил, еве и знак на добра волја. Заканата ја примивме. Арно ама, што ќе правиме ако Македонија, сепак, не го промени Уставот? Ти се фалиш дека е тоа француски марифет. Дали ќе треба на Франција да фрламе дрвја и камења, ако не успееме да ги отвориме преговорите? Тоа е крајно нелегално, грозоморно и безумно барање од Македонија. Нормална земја, никогаш не би прифатила таква дискриминација. Одговорна и демократска држава, пак, каква што би требало да биде Франција, никогаш и не би поставила таков услов.

Ако ти, Сирил, навистина беше претставник на некаква демократска држава, по логиката на нештата, барем ќе прашаше – а, зошто Македонија да менува Устав за 3.504 измислени Бугари, а стотици илјади Македонци во Бугарија да немаат никакви права? Или, барем, зошто Софија не почитува 17 пресуди на Судот за човекови права од Стразбур, во врска со Македонците? Не е возможно тоа да не се знае и, зарем, за тоа треба некој да те потсетува? Та, не сте вие селска задруга, туку водечка европска земја и дипломатија. Или, кога доминира силата, а вие сте моќни, други критериуми – нема? Познато е дека дипломатите се чесни луѓе што лажат во корист на сопствените држави, ама да се лаже за други држави, тоа е навистина надвор од умот.

Сепак, да не бидеме премногу остри кон Сирил. Тој не спроведува свои политики, туку директиви од Вашингтон, претходно усогласени со Париз, Берлин и Брисел. Не е тој виновен што се тие бесмислени, а нашите генијални политичари, претходно, понизно – ги прифатиле. Тој мора да е свесен дека со неговото интервју ќе изгледа смешен, ама само кај тие што ги разбираат работите. Неговите пораки се за масите и партиските војници, коишто треба да ги завршат гнасните задачи, испорачани од светските центри на моќ.

Се сеќавате што ни се случи со комесарчето, наречено Хан, кога ни порачуваше Уставот за Нивици да го промениме со балкански методи, што значи на криминален начин? И тоа беше политика на ЕУ, а не негова „генијалност“. Сега, само се повторува истиот европски срамотилак.

Сѐ ова ќе беше смешно, ако не беше трагично. Вината е, сепак – наша. Самите се доведовме во ваква катастрофа. Ако народот и понатака ги толерира политичарите коишто не доведоа до ова дереџе, ништо подобро и не заслужува.

Поврзани содржини