Кого лаже Бујар Османи? Европски башибозлук
Министерот најдобро знае дека ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ се токму протоколите, од коишто два се веќе потпишани, а треба да ги има секоја година. Оваа обврска не се реализира, бидејќи комисијата нема резултати. На таа основа, Софија ќе нѐ прави партал во текот на преговорите со ЕУ.
Како реакција на бугарската колешка, на 18/12/2023, (Канал 5 вести, Република…) Бујар Османи изјави – „Не е важно дали Бугарија во иднина ќе има нови барања, важно е дека ние создадовме ѕид кон кои било бугарски барања, а тоа е Преговарачката рамка, А ПРОТОКОЛИТЕ НЕ СЕ ДЕЛ од неа“.
Еве што пишува во член 5 од Преговарачката рамка, со која се согласил Османи: “… посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување на видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, (КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ според член 12)“. На англиски, овој дел гласи – (“as well as the BILATERAL PROTOCOLS to implement it“). Дилеми, значи – нема. Протоколите се дел од рамката.
Дека е така, има уште две потврди: во „Предлог – заклучоци на Советот (на ЕУ)“, и во „Заеднички став на ЕУ“, усвоени заедно со Преговарачката рамка, на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, на 19/7/2023. Заклучокот е идентичен – „Советот го поздравува договорот за ПРОТОКОЛОТ од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (меѓу Македонија и Бугарија) формирана според член 12 од овој договор“.
Министерот најдобро знае дека ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ се токму протоколите, од коишто два се веќе потпишани, а треба да ги има секоја година. Оваа обврска не се реализира, бидејќи комисијата нема резултати. На таа основа, Софија ќе нѐ прави партал во текот на преговорите со ЕУ. Прегледите, или протоколите, како милувате, треба да се однесуваат речиси целосно на резултатите од работата на историската комисија. Поточно, да се реферира за нашите отстапки од сопствената историја. Тоа го бара Софија и само така ќе напредуваме кон Брисел. Се’ е јасно, нели?
Чуми вакви лаги и манипулации, министер Османи?
* * *
Почетокот од текстот е резултат на најновата изјава на Османи. Во продолжението се неговите поранешни грешки, сите на сметка на Македонците.
Замислете, колку е страшно кога силувачот јавно тврди дека чинот бил заложба на силуваниот! Токму така нас нѐ третира Унијата. Ем си играат мајтап со нас, ем ние сме виновни. Во Предлог – заклучоците на Советот (на ЕУ), од 19/7/2022, на првата меѓувладина конференција со Македонија, напишале дека Уставот треба да се менува СПОРЕД НАША ЗАЛОЖБА!
Да, токму така пишува! А, општо е познато дека со блокада, уцена и ултиматум, нѐ присилија тоа да го сториме! И, “нормално“, сега инсистираат да ја извршиме “сопствената заложба“! Така е кога државата ја водат лица кои немаат поим што е тоа политика, а за дипломатија ниту чуле. Да се согласиш со таква формулација, значи дека не знаеш што правиш. Тоа е ситуацијата во која се наоѓа Македонија денес.
А дома, истите “политичари“ шират измами дека за нивните утки е виновен некој друг. Ја заглавија државата, нѐ доведоа во тунел без излез, и сега велат дека опозицијата го спречува напредокот на земјата. Дека таа била антиевропска, проруска, националистичка… А, сосема со право, таа не сака туѓ диктат, уцена и ултиматум. Не сака бидејќи тоа значи внесување на бугарски Тројански коњ во Уставот, чија цел е да нѐ разнебитува од внатре. Халуцинираат ли луѓево од власта?
Прифатија дека ќе го менуваат Уставот, што е вон памет, а морале да знаат дека за тоа немаат потребно мнозинство во Собранието! И, сега, други, коишто не биле ниту консултирани за овие фантазмагории, треба да ја носат одговорноста!
Власта се согласила во Уставот да стават грст бугарско малцинство (3.504 лица според пописот), игнорирајќи стотици илјади Македонци во Бугарија. Тие се без никакви универзално признати права, изложени на вековен геноцид и, ако нашите “умници“ тргнеле од основното дипломатско правило – реципроцитетот, ќе решеле и наш клучен проблем. Софија ни пружи извонредна шанса, којашто се пропушти.
Впрочем, како можеле да потпишат договор за пријателство со држава која не признава дека ние постоиме како народ, со свој јазик, историја…? Признале и дека некој таков има малцинство кај нас. Овие чекори се монструозни. Како ќе пријателствуваш со некој што не те есапи, што те игнорира, што постојано те блокира, уценува… До каде не дотераа овие изроди!
Неспорно е дека вакви погубни чекори, на нашиве “умници“, им наметнуваат странците. Да беа паметни, ќе ги прашуваа – добро, бе, дали вие би ставиле во вашите устави малцинство на некоја (соседна) држава која вас не ве признава како народ, со свој јазик, историја…? Одговорот е познат, без оглед дали ќе го дале прашаните, или ќе го одбегнеле.
Впрочем, кој било човек на улица треба да се праша – дали би примил на гости, на слава, некој (комшија) кој секој ден го навредува, го плука, кој му го блокира излезот на улица…? Одговорот и тука е јасен. Ако некој го разбере…
Впрочем, треба да се учи и од соседите. Што и порачал Дачиќ, МНР на Србија, на Софија – нема Срби во Бугарија? Одлично! Нема ниту Бугари во Србија! Тоа е достоинствена политика.
Страшното е што бројни светски бирократчиња, без оглед на нивото во нивната хиерархија, свесно нѐ манипулираат дека промената на нашиот устав е техничко прашање, дека со тоа нема ништо да загубиме… Тие немаат поим што зборуваат ама се платени да нѐ присилат да го исполниме прифатеното.
(Наша трагедија е, пак, што и врвните “политичари“ од земјава – претседател, премиер… исто така тврдат дека промената на уставот е техничка работа!? Невидена будалштина)
Ако веќе ништо не им е јасно, нашиве “мудреци“ морале барем да се запрашаат – а зошто ова барање се поставува како ултиматум? Може ли тоа да нема сериозен повод и причина? И, веднаш ќе им било јасно дека тие што не те признаваат, а те присвојуваат, и сакаат да влезат во твојот Устав, имаат единствена цел – да се обидат да те освојат – од внатре. Преку твоите институции, најлесно ќе те дотолчат.
Игнорирајќи го пописот, за “Бугари“, Софија ги смета сите 120 илјади носителите на бугарски пасоши. Тоа е чиста манипулација, ама за нив е неспорен факт, иако ниту еден процент од нив не се чувствуваат “Бугари“. Напротив, преку 99 проценти пасошите ги зеле од чисто економски потреби, за да работаат во западните земји. И Софија, и сите тоа го знаат.
Клучно е што тие лица, и ако излажале за бугарски корени, се водат и како Македонци. Имаат и македонски пасоши. А, можеш да имаш и пет пасоши ама националноста ти е – една. За сите 120 илјади во случајов – неспорно македонска. Во спротивно, и на пописот ќе се изјаснеле како “Бугари“. Имаше и добро организирано гласање за бугарските избори, и повторно излегоа неколку стотини. Тоа е реалната ситуација.
Меѓутоа, мора да ни биде јасно дека срамните историски синдроми на Бугарија – немаат граници. Тие работат посветено и на долгорочна основа. Воопшто не е случајно што уценуваат за нивните грст сонародници да влезат во нашиот Устав. Тие се нивни Тројански коњ. Во текот на нашите преговори со ЕУ, главниот интерес на Софија ќе биде токму позицијата на носителите на нивни пасоши во земјава.
Калкулациите се незамисливи. Тие 120 илјади со пасоши, имаат и други членови на семејствата коишто, нели, мора да се исто така “Бугари“. Иако, лично не се изјаснувале. Ако просечно семејство има три члена, еве речиси 400 илјади бугарчиња во државава. Секој четврти, или петти.
Значи, прашањето е најмалку – техничко. Софија максимално ќе ги (зло)употребува нашите преговори со Унијата и само ќе диктира услови врз оваа основа. Ќе бараат гарантирани пратеници, министри (како Србите на Косово)…, правична застапеност…, школи и универзитети на бугарски јазик…, издавачка дејност, стопански комори… Листата нема да има крај, а сето тоа неизбежно ќе следува.
Македонија е доведена до дното. Нема веќе место за рутински политики. Ако не сакаме да останеме во тунелот без излез, потребни се радикални промени во надворешната политика. Тоа значи итно откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија, и двата катастрофални протоколи. Набргу потоа, доколку сакаме да преживее македонизмот, ќе мора да следува и суштинска ревизија, иако етапна, и на Нивици.
Ристо Никовски
Декември, 2023