Кого лаже Борел?
Ако навистина „нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ“ - зошто, и како му паднало на памет на Борел да спомнува идентитет? Од каде таква идеја? За такво нешто не се разговара во ЕУ!
Жосеп Борел е висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, што би рекле министер за надворешни работи и потпретседател на Европската комисија, или – заменик премиер на европската влада. Човек од самиот врв на ЕУ. Ете, тој Борел, заедно со министерот (комесар) за соседство и проширување, Оливер Вархеји, неодамна (март, 2023), беа службено во Македонија.
Интересот за гостите беше голем, а тие не се воздржуваа од изјави, со кои врз Македонија се врши жесток притисок за итно менување на Уставот, филуван со обиди за заплашување и манипулација, со очигледни блефови и директни измами.
Главната порака на Борел беше – „Не е реално да очекувате дека ќе се создаде можност за повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка. Тоа е најдобра зделка којашто можете да ја добиете“. Следуваше – „земјата треба да продолжи да оди напред, а тоа значи и да ги подобри односите со соседите и да создаде услови за усвојување на уставните измени“. Нѐ потсети дека – „Македонија се обврза дека ќе го промени својот Устав и во него ќе ги вклучи граѓаните… кои се дел од други народи, како што се Бугарите“. За да нѐ утеши, пак, ја спомна Хрватска – „каде (демек, во Уставот) има најмалку 22 заедници што живеат во државата“. Борел смета и дека – „оваа година е клучна“ на нашиот пат кон ЕУ. Борел потенцираше дека – „сега е време политичките партии да покажат одговорност“, и нагласи дека – „вашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ“.
Да почнеме од крајот. Ако навистина „нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ“ – зошто, и како му паднало на памет на Борел да спомнува идентитет? Од каде таква идеја? За такво нешто не се разговара во ЕУ! Логично објаснување нема, отколку дека тој е, сепак, тема за која се разговара, а Борел само нѐ залажува, за да не се плашиме. Кога веќе и Борел го спомнува, прашањето мора да е на маса. Како вели народот – кој си ја има мувата на капата…
Нема никаков сомнеж, Борел знае дека нашиот национален идентитет е нападнат и е под закана. Пред година и половина, нели, Софија им испрати официјален меморандум дека, како народ, ние сме измислени од Тито, дека сме биле Бугари до 1944 година, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот… Со други зборови, македонски народ, како таков – не постои, и затоа бараат да бидеме избришани. ЕУ, исто како и ние, го премолчи тој варваризам.
Според функцијата, Борел морал да го чита тој тежок фалсификат. Ако е така, а не е поинаку, тој одлично знае дека Софија во никој случај нема да ги промени своите ставови. Свесен е за можностите коишто бугарите ги имаат во ЕУ (блокади, уцени, ултиматуми…), за да направат сѐ за да ги елиминираат Македонците. Сигурен во тоа, тој нѐ уверува дека идентитетот не ни е загрозен, а не кажува врз основа на кои факти и аргументи го тврди тоа? Тој не е видовит, ама никој не го спречува да блефира. Следната година му истекува мандатот, и најважно му е да нема бугарска блокада. А разнебитувањето на Македонците, ќе следува потоа.
Уставните измени се следното на што жестоко инсистира Борел. Прво, тој се прави дека нема поим зошто, и со која цел, со брутална уцена тоа го наметнува Бугарија? Второ, го игнорира фактот дека самата промена ние ја прифативме под невиден, силеџиски притисок, со блокада и ултиматум, а не доброволно. Трето, тој се осмелува да не споредува со Хрватска, иако нема претстава за разликите коишто постојат и во двата устави, и во двете земји. Никој не му кажал дека Хрватска и Хрватите не се загрозени од никого. Спомна дека во хрватскиот Устав, на пример, биле – „наброени преку 22 заедници“, без да знае дека со нивниот Устав – „Република Хрватска е национална држава на хрватската нација и држава на нејзините национални малцинства“. После тоа, можеле да набројат и 50 малцинства.
Четврто, Хрватите сами си го пишуваат уставот. Кај нас, пак, особено во последно време, странци го прават тоа. Резултатот е познат: во Преамбулата, којашто ни е наметната, пишува – „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ…“, наредени се уште четири делови од други народи, плус „и други“. Петто, тоа значи дека ова веќе не е национална држава на македонскиот народ и, шесто, дека овде нема малцинства туку делови од други народи, што е сосем друго.
Седмо, според формулациите во нашиот Устав, ако било кој од – „деловите од други народи“, биде на кој било начин, и по било какви критериуми – загрозен, неговата матична држава има јасно право да интервенира (и воено!), за да му помогне! Утре, тоа ќе важи и за Бугарите, ако ги ставиме во иста позиција, а друго решение – нема. Осмо, споредбата на Борел со Хрватска е класично непознавање на работите, чист блеф, тешка измама, и обид македонскиот народ да се доведе во заблуда. Деветто, додека Бугарија не признава ниту вековно македонско малцинство, ние имаме и „делови на други народи“. Чиста глупост. Токму затоа и сме на ова дереџе.
Десетто, Борел секако ги чита и телеграмите од нивната мисија во Скопје околу однесувањето на Бугарите. Знае дека грстот Бугари, според пописот дури 3.504, провоцираат со формирање на клубови кои ги именуваат со соработници на фашизмот. Тие работаат по директиви од Софија, и целта им е да ја менуваат историјата за да го измијат нејзиното фашистичко минато, кога беа наши окупатори.
Тврдењето, пак, на Борел дека – „тоа е најдобра зделка којашто можете да ја добиете“ не е само тешка измама и манипулација туку, може да се каже и злоупотреба на функцијата која ја врши. И да е забеган, а секако не е, тој мора да знае дека во нашиот случај се прекршени сите правила и принципи на Унијата а, пред сѐ, игнорирани се копенхашките критериуми, коишто се алфа и омега за Брисел. Место тоа, како услов за членство, нам ни се наметнати историски небулози, коишто треба да ги расчистуваме со Бугарија, а не со Унијата. Оваа „зделка“ е директно негирање на основните вредности на ЕУ, нејзин срам, а понижување за Македонија.
Затоа, мора да се менува. Борел безочно блефира кога тврди дека – „не е реално да очекувате дека ќе се создаде можност за повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка“. Заборава ли тој дека тоа зависи и од нас? Што, ако заземеме цврст став дека ваква каква што е, рамката не е во склад со праксата и правилата на Унијата и, како таква, е неприфатлива за нас? Ќе мораат да бараат решение. Сите аргументи се на нашата страна. Ако, пак, тие се вратат на блокада, уцена и ултиматум, како нивна силна страна, ќе мораат да се соочат со вистината.
Преговарачките рамки се менуваат и прилагодуваат. Тоа мора да се случи и сега, кога се знае дека кон Македонија е направен тежок преседан. Во Охрид, Борел договори менување на преговарачката рамка на Србија. Впрочем, Србија и Црна Гора ги започнаа преговорите по старата методологија, а продолжија по новата. И тоа беше промена. Значи, може да се менува, а во случајов и мора.
Македонија, пак, има и сопствено искуство со промена на ставовите на ЕУ. Во далечната 1992 година, во Лисабон, Брисел реши дека нашата држава нема да ја признава ако во нејзиното име е и терминот/зборот – „Македонија“. Бргу станаа свесни за својата глупост и тоа го заборавија. Зошто истото да не се повтори, кога за таков пресврт има сериозни аргументи?
Борел инсистира дека членството во ЕУ не смее да биде проект на една партија туку заедничка аспирација на сите. Многу логично и убаво кажано. Арно ама, кај беше тоа да го афирмира кога Унијата ги уценуваше „нашите“ претставници спремни на капитулација, коишто прифаќаа сѐ, жртвувајќи ги суштинските интереси на македонскиот народ? Зошто тогаш не се огласи Борел, за да каже дека, за налудничавите отстапки, потребна е согласност и од нашата опозиција? Или, тогаш триеше раце бидејќи Македонија се предаде?
Борел е единствено во право кога констатира дека Унијата е наш главен партнер во многу нешта – од донатор, преку инвеститор, до трговски партнер. Меѓутоа, не смее да заборава дека веќе преку 20 години Брисел си игра мајтап со нас. Цело време не тера да голтаме големи кнедли со ветување дека сме тука, на влез во Унијата, а ништо реално да не се случува. Така е барем од потпишувањето на ОРД (2001). И, кај сме сега? Подалеку од Унијата, од кога било. Според сите реални показатели, на ист начин ќе завршат и сегашните притисоци за нови кнедли. Пак ќе бидеме – грубо излажани.
Но, никој од странците не е виновен. Тие максимално професионално си ја вршат службата за којашто се високо платени, а дали нашиот идентитет е доведен во прашање, воопшто не ги тангира. Ако ние се однесуваме индолентно и ги прифаќаме сите нивни погроми, коишто ни ги наметнуваат без да трепнат, тие си остануваат со чиста совест. Сосем со право, како пензионери или приватни лица, ќе не потсетуваат дека не ни ставиле пиштол на чело туку самите сме се сложувале со сите нивни барања, иако биле налудничави.
Борел не понуди ништо во врска со нашето членство во Унијата. Добро му е познато дека е тоа 20 и повеќе годишна МОЖНА перспектива. Тоа треба и мора да ни биде само нов доказ дека во никој случај, и по никоја цена, не смееме да го менуваме Уставот. Што ќе се случи со светот за 20 години, не знае никој во моментов.