КОГО ДА ПОМОГНЕ ВЛАДАТА КОМПAНИИТЕ ИЛИ ГРАЃАНИТЕ? Нов ценовен шок за граѓаните по одмрзнување на цените на производите
Компаниите на кои имаат замрзнати цени на производите, најавуваат повисоки цени по 31 јануари кога се очекува тие да бидат одмрзнати.
Ново ценовно цунами ги очекува граѓаните по одмрзнување на цените на основните прехранбени производи на крајот на месецов. Индустријата која се најде во ценовен енергетски шок и замрзнати цени на своите производи излез гледа во зголемување на цени на производите, ако нема нови владини мерки за надминување на кризата во која се најде. Од Министерството за економија велат дека засега се анализираат податоците од Државниот завод за статистика поврзани со растот на цените и трошоците на живот, па ќе се донесе одлука дали цените ќе бидат одмрзнати или ќе останат замрзнати уште некој период. Одлуката треба да се донесе до крајот на месецот.
Индустријата која е опфатена со мерката на владата очекува цените да се одмрзнат или Владата да размислува како да ја помогне бидејќи и таа веќе претрпува шок од енормниот раст на цената на струјата, гасот и на нафтата.
Мелничко-пекарската индустрија која веќе регистрира загуби поради високата цена на струјата и на гасот, најавува зголемување на цената на производите и бара помош од владата за месеците додека цените беа замрзнати, а веќе се забележани и загуби од зголемените цени на струјата од 400 отсто и многукратното зголемување на цената на гасот.
– Поскапување на нашите производи секако ќе има по одмрзнување на цените. Не се знае дали тоа ќе биде веднаш или некое време потоа. За тоа ќе одлучи секоја компанија зависно од тоа колку поради цената на струјата и гасот е во загуба. За да биде појасна состојбата месечно една компанија од секторот има зголемени трошоци од 240.000 евра само за струја. Компаниите добија еднострано раскинати договори од снабдувачите со струја и сега мора да ја плаќаат пазарната цена на струјата која е зголемена за 400 отсто. Дополнително и цената на гасот се зголеми неколкукратно, а тука се и бензините. Сето тоа влијае компаниите сами да не можат да се изборат со состојбата – вели Горан Малишиќ претседател на Групацијата на мелничко-пекарска индустрија во рамки на Стопанската комора.
Тој очекува Владата да најде начин и да ја помогне индустријата бидејќи таа самата нема да може да се справи со состојбата.
– Ние пред изборите имавме средба во владата ги изложивме нашите ставови во врска со замрзнувањето на цените на нашите производи и високите цени на струјата и гасот, но досега немаме одговор. Дури ни кога се донесуваше одлуката за замрзнување на цените на одделни прехранбени производи не ни беше дадено ветување дека нешто ќе се направи за овие два месеца кога и ние како компании го доживеавме најголемиот шок поради цената на струјата и гасот. Сега владата ќе мора да најде начин да помогне бидејќи оваа индустрија нема да го издржи ова темпо на зголемени цени, ако замрзнувањето на цените продолжи – вели Малишиќ.
Тој не зборува за отпуштање на работници, но вели, индустријата е пред целосен колапс.
Од Министерството за економија кое предложи замрзнување на цените на прехранбените производи велат дека засега не се знае дали тие ќе останат замрзнати и во следниот период или ќе се одмрзнат.
– Како Министерството за економија и кога ја предложивме мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи се повикувавме на официјални податоци од Државниот завод за статистика. Ќе ги чекаме податоците за месец декември и согласно анализите кои ќе ги направиме ќе донесеме одлука дали ќе се продолжи оваа мерка и во наредниот период – велат од Економија.
Во однос на поддршката на компаниите кои ги произведуваат производите чии цени се замрзнати со одлуката на Владата, од министерството велат дека ќе најдат начин да ги поддржат.
– Ние секако дека ќе најдеме начин да излеземе во пресрет на домашните компании кои се засегнати со замрзнувањето на цените, бидејќи во рамки на Владата имаме обезбедено средства, особено за вложувања, но можеме да имплементираме и дополнителни посебни мерки какви што имавме во време на поинтензивна пандемија. Можеме да продолжиме и некои други мерки се со цел да покажеме дека сме тука и дека се грижиме на сите – велат од Министерството за економија.
Оттаму не кажуваат кога би им била дадена некаква помош на компаниите.
Владата ги замрзна цените во период од два месеца 1 декември лани до 31 јануари годинава на: лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 отсто 3,2 и 3,5 отсто; свежото месо и сувомеснати производи и на сирењето и урдата.
Според податоците на Државниот завод за статистика минатата година заврши со статистички пораст на цените во декември од 4,9 отсто. За една година маслото поскапело за 25 отсто, лебот и шеќерот за околу 9 отсто, овошјето, зеленчукот и месото за околу 6 отсто. Транспортот, пак, поскапел дури за 17 отсто.
Граѓаните кои добија некакво олеснување во однос на цените на производите пред празниците, се шокираа со цената на струјата и парното по празниците сега ги очекува нов шок од новите цени кои ги очекуваат по одмрзнувањето на цените на прехранбените производи кои ги користат секојдневно.
Владата најави мерки за помош на граѓаните со ниски примања, а сметките за струја и побара општините и Град скопје да партизипираат во сметките за парно.
– Станува се потешко да се живее. Секојдневно слушаме нови цени, а платите се исти. до каде ќе оди сево ова не знам. Нема што да се коментира. Ќе се обидуваме да преживееме со кратење и од храната, а долговите за струја и парно ќе се трупаат. Најмногу работа мислам, пак, ќе имаат извршителите – вели скопјанка.
Синдикатите кои редовно ги пресметуваат минималните трошоци на живот на граѓаните алармираат дека таа за една година поскапела за 1.500 денари и бараат минималната плата со закон да се утврди да изнесува 60 отсто од просечната плата, а работодавците велат дека нема да можат да издржат уште еден пораст на минималната плата кој не е одраз на продуктивноста на трудот.
Владата која најави 18.000 денари минимална плата, сега, вели треба да се слушне мислењето на сите во економско-социјалниот совет.
На високиот раст на цените во изминатата година реагираше и опозицијата која смета дека тие се резултат на неснаоѓањето и лошите политики на власта.