Кога нема кадар на пазарот компаниите се подготвени да инвестираат во негова обука
Голем број на компании изразеија подготвеност да се вклучат во дуалното образование и да организираат пракса за средношколците запишани во стручните училишта.
Дури 85 проценти од 400 компании изразуваат подготвеност да ги отворат своите врати за пракса на ученици од средните стручни училишта, со што би помогнале во подготовка на нивниот иден кадар, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска по средбата во Општина Илинден како дел од проектот „Учи паметно, работи стручно“.
Министерката информира дека оваа иницијатива ја прават заедно со компаниите и со општините за да можат уписната политика да ја прилагодат на потребите. Во подготовка е и конкурсот за упис во средните училишта, што ќе биде објавен на 31 март. .
– И ова првпат го правиме на овој начин, наместо по инерција да распишуваме повик за запишување на ученици согласно некои претходни искуства. На овој начин ќе видиме кој ќе биде ефектот по запишувањето, но значајно е дека Министерството ќе понуди и стипендии токму за профилите кои се појавуваат како потребни на централно и локално ниво и со тоа сметаме дека дополнително ќе стимулираме. Друго е дека општините заедно со училиштата и компаниите во следна фаза, во април ќе треба да прават презентација на дуалните паралелки или оние кои ќе се отворат во соработка со компаниите за да може и учениците и родителите да видат каква е работната средина, што значи тој профил на кој ќе се запишат и за да стекнат доверба едни во други, затоа што тоа е единствениот начин на кој може да пркажеме дека средното стручно образвание нуди и поплатени работни места. Јас сум сигурна дека секој напор дава резултати, па и овој исто така – рече Царовска.
Најголем дел од компаниите, речиси во секој град по една комнанија, се одзва и е подготвена да отвори дуална паралелка или да ги отвори вратите за феријална пракса.
Наваков начин ќе се подготвуваат програмите за наредната учебна година за средните стручни училишта заедно со компаниите.
Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија истакна дека нивните анализи покажуваат дека 63 проценти од компаниите се соочуваат со недостиг на стручен кадар, којшто веднаш би влегол во работните процеси, но најчесто како проблем ја сметаат уписната политика и неусогласеноста на потребите од квалификации и од она што се нуди низ призмата на образованието.
– Оваа кампања е многу важна затоа што има еден отворен дијалог каде што секој ги кажува своите потреби, но од друга страна се разбрани истите потреби и можат заеднички со таков дијалог да се изнајдат решенија и да се излезе во пресрет на потребите на компаниите – рече Јаневска.
Според неа, следна е реализацијата на практичната обука која е многу важна за компаниите, бидејќи тие се свесни дека сами мораат да го обликуваат стручниот кадар којшто подоцна ќе можат да го вработуваат.
Јаневска истакна дека најважно од се е да се зголеми и буџетот за образованието од 3,5 на 5 проценти за, како што рече, да се доближиме до европскиот буџет, односно процентот кој го предвидува ОЕЦД.
Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, потенцира дека оваа иницијативе е целосно комплементарна со напорите на Дирекцијата и Владата за зајакнување не само на вештините и продуктивноста коешто на крајот да резултира со засилен интензитет на раст на платите, не само на рабониците кои се ангажирани кај странските инвеститорим, туку генерално во ниво на целата нашата држава.
Градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски смета дека за подигнување на нормите, вредностите, квалитетот на образованието и образовниот систем секогаш се потребни соработки меѓу Министерството за образование, бизнис секторот и локалната самоуправа.
Тој истакна дека општините се тие кои што имаат обврска да обезбедат поквалитетни услови за учениците и за наставниците и дека е потребно е да се наградат и најдобрите меѓу нив.
– Општина Илинден е вклучена во овој процес со потпишување на меморандуми во средното образование со повеќе компании во нашата Општина, каде што меѓусебните обврски се во делот на практичната настава, односно учениците од нашето Средното техничко училиште одат на практична настава кај компаниите, а исто така менаџерскиот тим од компаниите доаѓаат во училиштето каде што директно врши предавање и обуки на учениците – рече Стојановски.