Кога нашите „реформатори“ на образованието ќе признаат дека ништо не знаат?
Тогаш кога ќе признаат, јас можеби ќе почнам да им верувам. Како на Сократ кога вели – сега знам дека ништо не знам. Оти, во фокусот на реформите мора да бидат нашите деца. Децата на оваа смартфон-генерација, за која од ден на ден знаеме сѐ помалку и сѐ потешко ја разбираме.
Деновиве читам за намерите на оваа влада да го реформира нашето образование и се прашувам дали покрај надежта дека со една реформа би можеле да се решат некои отворени политички спорови на Македонија со соседите, постои друга, легитимна и сериозна причина за коренити промени во оваа област. Многу се зборува за тоа дека нашите деца се преоптоварени, дека „наставната програма“ и училиштата ги тераат да „бубаат“, да меморираат непотребни податоци, а при тоа целосно се запоставени нивната креативност и развојот на критичкото мислење.
Како родител, се разбира, се придружувам кон овој кус, иако краток попис на „симптомите“ на болеста од која одамна страда нашето образование. Кон пописот, како аргумент, ќе приложам и една куса анализа на една наставна единица од предметот Историја за осмо одделение. Во учебникот таа се води под насловот „Создавање на грчката држава“. Темата ја избрав сосема случајно.
Еве како се трупаат непотребни податоци за меморирање
Во текстот што децата треба да го прочитаат, да го научат, а потоа и да го „раскажат“ ако бидат прашани („раскажувањето“ на лекциите, за жал, е најчестиот метод на проверка на усвоените знаења), се наведени едно чудо податоци. Се спомнуваат организацијата Филики Етерија, без превод на значењето на зборовите; етеристот Aлександрос Исиланти, но не е наведено зошто е тој толку значаен за да биде издвоен; востанието од март 1821 година на Пелопонез; потопувањето на османско-египетската флота во октомври 1827 година, кај Наварино (каде е тоа?), од страна на здружена англиско-француско-руска флота; формирањето на Грција, првата православна христијанска независна држава на Балканот под влијание на европските сили (како тоа независна, а под влијание на некои сили?); востоличувањето на првиот грчки крал Отон, син на баварскиот крал; незадоволство од Отон во 1843 година, кое довело до првиот грчки устав во 1844 година; залагањето за голема грчка државата што требало да ја опфати и Македонија (не се кажува што е Македонија, држава ли е, област ли е); соборувањето на кралот Отон во 1862 година; востоличувањето на данскиот принц Георг како грчки крал под името Георгиос I; добивањето на Јонските острови и Тесалија (нема мапа да се види каде се овие области); доаѓањето на Елефтериос Венизелос на чело на грчката влада во 1909 година, заслужен за големите грчки придобивки во Балканските војни (Епир, Крит и Егејските острови, повторно без мапа)…
Во обоени боксови има уште хронолошки и други детаљи за историјата на Грција од овој период, има некакви фотографии на кои не може да се види речиси ништо, како и она клучното: во бледо црвени боксови има и задачи за учениците. Потсети се на формирањето на Филики Етерија! Опиши како Грција дошла до својата независност! Размисли зошто во истиот период Грција добила независност, а Србија не! Опиши ја состојбата во Грција за време на кралот Отон! Објасни на кој начин Грција станала голема балканска држава!
Се извинувам што малку поопширко ја раскажав содржината на оваа лекција од учебникот, но го сторив тоа за да видите колку многу неважни детаљи, според дидактичкиот пристап на просечниот македонски наставник по историја, треба да измеморира осмооделенецот во само една лекција. Кој од вас се сеќава на Филики Етерија, на Александрос Исиланти, на кралот Отон и на принцот Георг или Георгиос I? Кој се сеќава на сите тие датуми напишани во лекцијата? Јас имам учено историја во основно училиште, во гимназија и многу сериозно и на факултет, но речиси на ништо од ова не се сеќавам. А бев баш „бубалица“!
Што, всушност, треба да се научи?
Она што кај мене останало како дериват на приложените историски факти за Грција во овој период е сознанието дека модерната грчка држава е формирана во 19 век (како и повеќето модерни европски држави-нации), со пресудно влијание и со помош на тогашните европски велесили и дека од периодот пред формирањето на модерната грчка држава до крајот на Балканските војни, таа доживеала сериозни територијални проширувања, кои резултираат, всушност, со денешните граници на оваа земја. Мислам дека тоа се клучните факти што и денес еден осмооделенец треба да ги научи за овој историски период на нашиот јужен сосед. За да не биде ученикот во заблуда дека модерната грчка држава (како и другите модерни држави-нации на Балканот) има апсолутен историски континуитет, од античко доба до денес. Така полесно може да се разбере и развојот на македонската нација и создавањето на македонската држава, влијанието на историскиот контекст (борбата против Османлиската империја, Балканските и двете светски војни и интересите на големите сили), како и околностите во кои другите балкански народи се оформуваат како модерни европски нации и ги формираат денешните држави.
За жал, акцентот на дидактичките упатства од учебникот до наставникот и до ученикот го дефокусираат вниманието во друга насока, меѓу другото и кон небитни прашања. Пред сѐ, зошто има потреба ученикот да ги измеморира сите тие податоци? Зошто, на пример, има потреба да се потсетува на движењето Филики Етерија? Зошто ученикот посебно да ја опишува ситуацијата за време на кралот Отон, кога самиот текст вели дека најважен е периодот на раѓањето на мегали-идејата (никаде не е спомната како таква, под тој назив, а важен е), чиј творец се смета токму Венизелос, периодот кога Грција ги оформува сегашните граници?
Искрено се сомневам дека има многу наставници по историја кои ќе сфатат што е најважно ученикот да научи за создавањето на модерната грчка држава и кои ќе се потрудат тој тоа и да го стори. А не да „буба“ и да ги научи сите оние небитни имиња на историски личности, имиња на локации, сите оние месеци и години што осмооделенецот веројатно мора да ги измеморира за да добие петка. И потоа брзо да ги заборави…
За некој да не добие погрешен впечаток, ќе се потрудам да бидам многу прецизенѓ. Јас секако не мислам дека предметот Историја треба да се укине, или да се спојува со други општествени науки во некој нов предмет. Ќе биде голем срам за нас, како нација и како држава, ако се случи утре нашите деца да завршуваат училишта, основни и средни, згора на тоа и со одличен успех, а да не можат да кажат дека учеле предмет Историја! Исто така, јас не би ја менувал спомнатата лекција во учебникот (потребни се мали редакции, се разбира) и воопшто, не би го менувал целиот учебник, како и пристапот на авторите во пишувањето на оваа книга. Таа книга навистина треба да содржи мноштво податоци, што не значи дека од учениците треба да се бара сите да ги запомнат. Но, упатно е барем еднаш да ги прочитаат, за да ги доживеат историските приказни со сите нивни детаљи, често многу интересни, па и забавни (на пример, во лекцијата што ја спомнав, интересен, но заборавен, е податокот дека од почетокот на грчката револуција во 1821 година до 1834 година, главен град на Грција е денес малото гратче Нафлион – туристите кои патуваат во регионот на Атина и на Пелопонез, често го посетуваат ова атрактивно место со медитерански шмек).
Дидактиката е уметност и вештина, тука е клучот за реформите!
Значи, клучот е во дидактичкиот пристап. Едно е да се знае, друго е да се подучува. Дидактиката е посебна наука, уметност, вештина. Ако сакаме децата да не бидат преоптоварени и да не „бубаат“, туку да научат да размислуваат со сопствените глави, потребно е прво наставниците да научат (ако не знаат) да ги селектираат клучните факти и кога е во прашање предметот Историја, на пример, да ги насочат учениците кон разбирање на историскиот контекст, на процесите и на поважните настаните. За таа цел, реформски потег би било учебникот по Историја за осмо одделение, на пример, да се дополни со еден дидактички прирачник (наменет само за наставниците), во кој поединечно, за секоја лекција, ќе се објасни кон што треба да се фокусира вниманието на учениците, што да се бара од децата и најважно, со какви задачи (со мали истражувачки проекти, поединечни и тимски, со есеи, со препорачани книги и филмови, со посети на значајни историски места и слично) кај нив да се развие потребата да го продлабочат својот интерес за „материјалот“ што го учат и да развијат способност за критичко мислење.
За мене, ете тоа би значело реформски пристап кон предметот Историја. Општо земено, реформскиот пристап во образованието треба да тргне од вистинско разбирање на потребите, но и на капацитетите на учениците. Да, јас се согласувам дека нема никаква потреба од тоа наставата да се сведува на декламирање на наставникот, учењето да се сфаќа како меморирање на илјадници небитни податоци, а оценувањето да биде награда за еден таков, би рекол мрзелив и непродуктивен пристап. Од друга страна, не треба да се потценуваат капацитетите на нашите деца.
Срамота е тоа што нашите училишта не ги мотивираат децата многу повеќе да се дружат со книгите, на пример. Срамота е осмооделенец во текот на годината да не прочита барем дванаесет книги, една месечно (а за да прочита, треба да научи да ужива во тоа). Срамота е едно дете постојано да добива петки по предметот Музичко образование и да излезе од основното училиште без да научи да свири на барем еден музички инструмент (не мора да биде виртоуз), или да совлада солфеж, или да научи да чита и да пишува нотни записи. Грев е што децата завршуваат основно училиште без посериозно да се насочат кон сериозно, иако аматерско, занимавање барем со еден спорт, а сите имаат петки по Физичко…
Со еден збор, она што децата денес го добиваат како инпут во училиштата е погрешно ангажирање на нивните капацитети, многу често и целосно непотребно малтретирање на учениците во име на „наставната програма“, а истовремено, пак, ме растажува потценувањето на нивните способности да усвојат знаења, да совладаат вештини и да пројават љубов кон разните научни дисциплини, способности за кои погрешно се смета дека се привилегија само на повозрасните.
Гласам за реформи, но со големи резерви кон „реформаторите“
Од тие причини, јас секако гласам за реформи во образованието. Но, не гласам безрезервно. Напротив, моите резерви се огромни. Се плашам дневната политика да не замеша прсти во реформите. И не сум сигурен дали постои доволно експертиза за дизајнирање на промените. Многу ме загрижува тоа што ние сѐ помалку ги разбираме и ги познаваме децата од оваа смартфон-генерација. Имам впечаток дека генерацискиот јаз сега е подлабок од кога и да е порано.
Конечно, се плашам од сите овие самоповикани „реформатори“, кои ги потценуваат овие мои резерви, од овие самобеднисани аџамии кои се далеку до онаа пресвртна точка од која почнува, всушност, обидот да се научи нешто, точката кога треба, како премудриот Сократ, да се каже – сега знам дека не знам ништо. Овие мислат дека знаат сѐ и дека светот баш со нив почнува…
Илустрација: Pixabay