Кога министерот за правда бара објаснување и одговорност, а институциите молчат
Ако министерот за правда не смее да праша, кој тогаш смее?
Јавното обраќање на министерот за правда Игор Филков, со кое тој побара објаснување за одлуката со која притвор беше заменет со куќен притвор во предмет од висок јавен интерес, отвори едно многу длабоко прашање. Дали институциите во правосудниот систем навистина ја разбираат својата улога кога јавноста и министеорт бараат одговорност?
Министерот не побара пресуда, ниту пак побара влијание врз конкретна судска одлука. Тој побара нешто што е сосема нормално и разбирливо, објаснување и евентуално утврдување одговорност. Побара институциите, во рамките на своите законски надлежности, да утврдат дали во конкретното постапување на надлежните органи при определувањето куќен притвор наместо притвор за бегалецот Груби, постои основ за одговорност.
Во правна држава, тоа не треба да биде проблем. Напротив, тоа треба да биде нормална институционална реакција на министер за правда. Наместо тоа, (ако добро ме држи сеќавањето) јавноста се соочи со молк од Судски совет на Република Македонија и формално соопштение од Совет на јавни обвинители во кое се наведува дека тие немаат надлежност да вршат надзор во оваа фаза од постапката, повикувајќи се на член 28 од Законот за јавното обвинителство. Формално-правно, ваквото толкување е точно. Но суштински тоа не е одговор на поставеното прашање на министерот за правда Игор Филков. Прашањето не беше кој врши процесен надзор врз постапката, туку дали постои основ за утврдување одговорност. Повикувањето односно одговорот за процесна ненадлежност не е одговор на прашањето за одговорност.
Разграничувањето меѓу „надзор“ и „одговорност“ е клучно. Надзорот над постапувањето на обвинителот во конкретен предмет може да биде во надлежност на повисокото обвинителство. Но утврдувањето на дисциплинска одговорност на јавен обвинител е во рамките на надлежностите на Советот на јавни обвинители. Токму затоа повикувањето исклучиво на процесна ненадлежност остава впечаток дека институцијата одговара на прашање кое никој не го поставил, а го избегнува она што навистина се бара, прашањето за евентуална институционална и лична одговорност.
Во предмет во кој станува збор за обвинение за милионска штета, лице кое 14 или повеќе месеци било во бегство и одлука која отвора сериозни дилеми во јавноста, институциите не можат да си дозволат луксуз да бидат само формални толкувачи на надлежности. Тие имаат обврска да покажат дека системот функционира.
Кога тоа изостанува, се создава опасна перцепција: дека во системот постои детална распределба на надлежности, но и колективна неподготвеност некој навистина да ја преземе одговорноста.
А токму тука се поставува суштинското прашање: Што значи да се биде министер за правда во ваков систем?
Ако министерот нема право ниту да побара отчетност од институциите, тогаш неговата функција се сведува на административен координатор без вистинска можност да реагира кога довербата во правниот систем е сериозно разнишана.
Но ако министерот има право да бара одговори (што е суштински дел од политичката, институционалната и личната одговорност) тогаш молкот и формализмот на институциите не можат да бидат одговор.
Сите ние мора да разбереме и да имаме на ум дека правната држава не се брани со молк, а уште помалку со тесно толкување на надлежностите односно со повикување на одредби кои никој не им побарал да ги толкуваат.
Правната држава се брани со транспарентност, со подготвеност да се утврдат фактите и со јасна порака дека во системот постои одговорност како институционална така и лична. Во спротивно, јавноста ќе продолжи да добива впечаток дека системот е строго организиран кога станува збор за формата, но изненадувачки празен кога станува збор за суштината односно за одговорноста.
Ако овие институции сметаат дека министерот за правда не треба да поставува прашања кога тој и јавноста бара објаснување и евентуална одговорност, тогаш тие треба јасно да кажат што всушност значи таа функција во системот.
Затоа сакам да јавно да прашам: Дали министерот за правда е институција што треба да реагира кога довербата во правосудството е разнишана, кога некој ги пречекорил или пак замижал пред надлежностите и обврските или само административен декор во системот? Ако барање на министер за правда се доживува како проблем, или пак неговото барање се игнорира или формализира, тогаш вистинскиот проблем не е во прашањето. Вистинскиот проблем е во системот кој дозволил институциите да молчат, премолчуваат и да не бидат санцонирани тогаш кога јавноста најмногу бара јасни и децидни одговори.
Правната држава не се брани со повикување на ненадлежност туку таа се брани со подготвеност некој да преземе одговорност.