Кога критиката станува „предавство“, а молкот – доблест
Во демократски систем, различното мислење е знак на живот, кај нас пречесто е сигнал за прогон. Штом некој ќе се осмели да постави прашање, да укаже на погрешна одлука или да понуди поинаков правец, следува добро познатата шема, наместо расправа за аргументите почнува расправа за мотивите, критичарот станува „непријател одвнатре“, „човек на други центри“, „предавник“, со тоа дебатата умира уште пред да почне.
Пораката на пратеникот Фатмир Битиќи дека критиката во партиите не смее да се третира како предавство доаѓа во вистински момент, но и отвора многу подлабока рана во македонската политика, проблемот не е само во односите меѓу партиите, проблемот е што сè почесто несогласувањето внатре во партиите се доживува како закана, наместо како потребен коректив.
Во демократски систем, различното мислење е знак на живот, кај нас пречесто е сигнал за прогон. Штом некој ќе се осмели да постави прашање, да укаже на погрешна одлука или да понуди поинаков правец, следува добро познатата шема, наместо расправа за аргументите почнува расправа за мотивите, критичарот станува „непријател одвнатре“, „човек на други центри“, „предавник“, со тоа дебатата умира уште пред да почне.
Видовме што им се случи и што им се случува на Шилегов, Деспотовски, Куновска, но и на сите други во СДСМ што се осмелија јавно да го критикуваат и поранешното и сегашното раководство, наместо аргументите да им се слушнат, тие беа јавно жигосани, прогласувани за проблем, а не за совест на партијата, не беа третирани како луѓе што предупредуваат, туку како луѓе што треба да се замолчат, тоа не беше политичка дебата, туку дисциплинирање преку страв, јасна порака до сите останати, секој што ќе крене глас, ќе биде ставен на столбот на срамот, во таква атмосфера различното мислење не се побива со аргументи, туку се казнува со изолација и етикети.
Ова не е идеолошки проблем, ова е проблем на политичка култура.
Кога лидерот се поистоветува со партијата
Коренот на оваа појава лежи во моделот на лидерство што доминира со децении, лидерот не е прв меѓу еднаквите, туку станува мерка за лојалност, кога една партија ќе се сведе на волјата на еден човек или на тесен круг околу него, секоја критика на одлука автоматски се толкува како напад врз авторитетот.
Но, партиите не се приватни фирми, тие се организирани заедници на луѓе со различни искуства, ставови и визии, обединети околу заеднички политички цели и идеологија, во кои внатрешниот дијалог и различното мислење се природен дел од демократското функционирање, кога тие разлики се замолчуваат, партијата престанува да се развива и почнува да стагнира, нема ништо поштетно од моментот кога лојалноста кон една индивидуа ќе стане поважна од компетентноста, а дисциплината и покорноста поважни од вистината.
Стравот зад тишината
Зад задушувањето на критиката ретко стои сила, почесто стои страв, страв од губење контрола, од внатрешна конкуренција, од можноста дека некој друг можеби има подобар аргумент, наместо да се соочи со тие аргументи, лидерите односно раководството избираат полесен пат, дискредитација. Но. да не заборавиме дека заканите од ,,анонимни’’ сопартијци се составен дел на оваа одамна вткаена патрица.
Така се создава атмосфера во која луѓето не молчат затоа што се согласуваат, туку затоа што се плашат, таму каде што владее страв нема искрен совет, нема предупредување дека нешто оди во погрешна насока, нема корекција на време, партијата почнува да живее во сопствена реалност.
Етикетата како средство за контрола
Етикетирањето не служи само за да се замолчи еден глас, тоа служи како порака до сите останати, кога ќе видат што му се случува на оној што зборувал гласно, другите учат лекција, „подобро да молчам“, така постепено се губат најискрените и најкритичките луѓе, токму тие што најмногу ѝ се потребни на една организација.
Околу лидерот остануваат тие што никогаш не поставуваат незгодни прашања, на краток рок тоа создава привид на единство, а на долг рок тоа е рецепт за сериозни грешки и тешки порази.
Лично искуство со двојни аршини
Ова не го зборувам како апстрактна анализа, ова сум го почувствувал лично, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше под раководство на Никола Груевски, само затоа што имав поинакви ставови и укажував на одредени погрешни политики и незаконити дејствија на дел од првите чуѓе во партијата. Тогаш бев изложен на обид за нестатутарно исклучување од партијата, не поради штета што сум ја направил, туку поради став што не се вклопуваше во тогашната линија. Пораката беше недвосмислена, критиката е непожелна, а лојалноста кон првите луѓе е над сè.
Кратко време по овие ,,демократски изливи на партиски вредности и правила’’ јавноста сведочеше на сериозни политички потреси, поделби и историски одлуки што доведоа пратеници од нашите редови да гласаат за промена на името на државата и за Преспанскиот договор. Дел од луѓето што имаа надреална моќ во тие процеси и кои беа креатори, мотиватори и наредбодатели за гласањето на пратениците, никогаш не беа јавно етикетирани како „предавници“ од сопствените редови. За нив важеше молк или внимателно одбирање зборови. Одговорноста на поранешните први луѓе на партијата за жал не беше именувана со истата жестина со која се напаѓаа внатрешните критичари, иако за воља на вистината извршителите и наредбодавачите на одлуката за гласање за промена на името и за Преспанскиот договор го извршија најголемото предавство не само на партијата, туку пред сè на државата и народот.
Од овој пример јасно може да се види и заклучи дека суштина на лесно залепливата етикета „предавник“ не се дели според тежината на последиците, туку според степенот на послушност.
Молкот како најголема опасност
Задушената дебата може краткорочно да донесе мир во „куќата“, нема јавни судири, нема отворени расправии, сè изгледа под контрола, но цената се плаќа подоцна, кога никој не смее да каже дека стратегијата е погрешна, дека луѓето се оддалечуваат или дека теренот испраќа лоши сигнали, грешките стануваат системски. Тогаш поразите доаѓаат како „изненадување“, иако предупредувањата одамна постоеле, но биле замолчени.
Критиката може да биде непријатна за лидерот и раководството, но молкот е опасен за иднината на партијата.
Демократијата почнува во сопствениот двор
Партиите често повикуваат на дијалог во општеството, на толеранција и почитување различни мислења, но тие вредности не можат да се бранат надвор ако не се живеат внатре, ако во партиските простории владее страв од збор, тогаш повиците за демократија звучат празно.
Вистинската зрелост на една политичка организација и нејзиниот лидер не се мери по тоа колку силно сите аплаудираат, туку по тоа колку слободно и гласно некој може да каже „Не се согласувам“ без да биде прогласен за непријател.
Во здрава партија, критичарот не е предавник, тој е сигнал дека сè уште постојат луѓе што размислуваат, што се грижат и што сакаат работите да бидат подобри, мудрите лидери не го казнуваат тој сигнал, тие го слушаат.
Досегашната историја на политичките партии недвосмислено покажа едно правило без исклучок, партиите не се распаѓаат од премногу зборување, туку од предолго и недозволиво молчење. Вистинската критика, онаа што предупредува и укажува на грешки, не е закана за партијата, туку нејзина крв и душа, без која секоја организација станува мртво тело. Лидерството без способност да слуша забелешки и аргументи е рецепт за побрзо фаќање удолница. Вистинската моќ не се мери со тоа кој молчи, туку со тоа кој има храброст да зборува и кој е спремен да ги слушне тие гласови, дури и кога тие гласови се непријатни, но неопходни.