КОГА ЌЕ СЕ ИЗГОРИШ НА КОРОНА ЌЕ ДУВАШ И НА МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ Сепак, внимавајте со кого ќе гужвате чаршафи!

Скоро и да не постојат шанси мајмунските сипаници да се претворат во пандемија, затоа што оваа болест многу потешко се пренесува во споредба со коронавирусот. Сепак, забележано е оти мајмунските сипаници најчесто се шират помеѓу хомосексуалците, а првичните симптоми, како што посочува, се слични на ковид-19, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов во разговор за Плусинфо.

467

Мајмунските сипаници постојат повеќе од половина век и тоа не е болест со којашто не можеме да се справиме. Ова во разговор за Плусинфо го тврдат епидемиолозите и микробиолозите, кои посочуваат дека постојат две варијанти на болеста – конгоанска и западноафричка – но која и да е на сила, велат тие, со сигурност нема да прерасне во нова пандемија слична на таа со коронавирусот.

Според здравствените експерти, најмногу на удар од мајмунските сипаници се хомосексуалците, кои најчесто си ја пренесуваат болеста преку сексуалниот чин, а првите знаци на сипаници (папули), појаснуваат нашите соговорници, се појавуваат на гениталиите.






Но, дури и да се зарази човек, лекарите тврдат дека инкубацијата трае најмногу три недели и дека лекувањето е прилично лесно и едноставно.

Комисијата за заразни болести објави дека ја следи состојбата со мајмунските сипаници во светот, како и препораките на Светската здравствена организација (СЗО) кои во моментот не предвидуваат ограничување на движење на луѓе и стока во рамки на земјите каде не се регистрирани, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

Во среда, посочи тој, е закажан состанок на Комисијата, а една од точките на расправа ќе биде состојбата со мајмунските сипаници во светот и можноста за евентуално пренесување кај нас и подготвеноста на системот да се справи со евентуална епидемија или пандемија која би се појавила во светот и кај нас.

– Што ќе се дискутира на состанокот на Комисијата за заразни болести в среда ќе информираме по неговото завршување, за тоа што понатаму планираме да спроведеме како активности во однос на тоа системот да биде што поподготвен за евентуална епидемија која би можела да се случи – додаде д-р Мехмедовиќ.

Сепак, голем е стравот во светот и во Европа. Белгија стана првата земја што воведе задолжителен 21-дневен карантин против сипаници – бидејќи 14 земји сега го потврдуваат избувнувањето на вирусната болест. Заразените со вирусот на мајмунска сипаница сега ќе мора да одат во самоизолација три недели, соопштија белгиските здравствени власти, откако беа пријавени три случаи во земјата.

Нема простор за пандемија

Скоро и да не постојат шанси мајмунските сипаници да се претворат во пандемија, затоа што оваа болест многу потешко се пренесува во споредба со коронавирусот, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов во разговор за Плусинфо.

Тој појаснува дека забележано е оти мајмунските сипаници најчесто се шират помеѓу хомосексуалците, а првичните симптоми, како што посочува, се слични на ковид-19.

Папулите најчесто се јавуваат на гениталиите и токму затоа болеста најчесто се шири помеѓу хомосексуалците.

Д-р Александар Стојанов Епидемиолог

– Ако зборуваме за најновите случаи со мајмунски сипаници во Англија, забележано е дека болеста се шири помеѓу хомосексуалците. Првичните симптоми се висока телесна температура и малаксаност, а дури потоа се појавуваат плускавци познати како папули, кои, пак, на крајот се претвораат во краста и отпаѓаат. Папулите најчесто се јавуваат на гениталиите и токму затоа болеста најчесто се шири помеѓу хомосексуалците. Треба да се избегнува да не дојдеш во контакт со таков заболен. Болеста ја пренесуваат мајмуни и глодари, а такви животни кај нас не постојат. Најголем ризик е отворањето на летната сезона и тоа што луѓето ќе патуваат во странство, но не верувам дека голем број Македонци токму летово ќе одлучат да отпатуваат во Конго или во Гамбија. Така што, опасноста од мајмунските сипаници е далеку помала од опасноста со којашто се соочивме за време на пандемијата со коронавирусот во изминатите две години. Но, кога ќе се изгориме на млеко, потоа дуваме и на јогурт, нели? Нормално е луѓето да се плашат и да стравуваат, но овојпат навистина нема потреба од потресување – објасни д-р Стојанов.

Имаме лекови за лекување на мајмунските сипаници, а имаме и вакцина, доколку се појави таква потреба, додаде епидемиологот.

– Луѓето коишто имаат примено вакцина против вариола се заштитени од мајмунските сипаници. Јас бев прва година гимназија кога нѐ вакцинираа против вариола, а потоа се родија еден куп генерации кои не се вакцинираа. Не знам дали по 50 години оттогаш ние вакцинираните сѐ уште имаме имунитет против вариола, но сметам дека и вакцината против морбили помага во заштитата од мајмунските сипаници. Како и да е, имаме лекови и имаме вакцини, па нема да дозволиме болеста да се претвори во пандемија или во епидемија. Инкубацијата е една недела до две, најмногу три недели. Симптомите се слични како тие што ги дава короната, па апелирам до колегите лекари да бидат внимателни и добро да ги проценуваат пациентите. Лекарите треба да ги прашуваат пациентите со кои луѓе и во кои региони се движеле во изминатиот период, па ако се посомневаат дека можна е заразеност со мајмунски сипаници, тогаш треба веднаш тие луѓе да се стават во карантин и да се тестираат – појаснува д-р Стојанов.

Не се смртоносни!

Микробиологот Никола Пановски во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека мајмунскиоте сипаници не заслужуваат никакво внимание, освен научно истражување и епидемиолошко значење.

– Мајмунските сипаници се покс сипаници. Тоа е кога излегува меурче. Ова трае со децении. Стручен назив е вариолавера, во Англичаните го викаат смол покс. Нашите новинари, а понекогаш и стручните лица го преведуваат како мали сипаници. Кај нас малите сипаници најчесто ги викаме морбили, додека смол покс и ние и Србите, Хрватите, Русите, ги викаме големи сипаници. Низ годините имало појава на спорадични случаи на мајмунски сипаници, но вакцините од малите сипаници пружаат голема заштита од оваа болест. Пред некој ден слушав дека СЗО вели дека ако сте вакцинирани од мали сипаници, 85 проценти ќе бидете заштитени од мајмунски сипаници. Кога би било тоа вистина, би било одлично, бидејќи од мајмунски сипаници се сите вакцинирани, додека од вариола вера, односно од големи сипаници, вакцинирани се оние кои се постари од 51 година. Значи Југословените два пати, а останатите во светот еднаш. Сите останати не се вакцинирани – објаснува Пановски.

Д-р Пановски: Проблем е тоа што во медиумите се објавуваат страшни слики од екстремни случаи кои предизвикуваат страв кај населението

Тој посочува дека мајмунските сипаници за првпат се појавиле во 1958 година во Копенхаген.

– Слична покс сипаница е варичелата, што ние ја викаме овчи сипаници, а врска нема со овци. Во иста фамилија спаѓаат вариолавера, мајмунски сипаници и вакциниа. Вакциниа е болест на кравите од која се разболуваат луѓето. Фамата се крена бидејќи во последниот месец се појавија стотина случаи. Но, за разлика од вариола вера, мајмунските сипаници не предизвикуваат смрт. Проблем е тоа што во медиумите се објавуваат страшни слики од екстремни случаи кои предизвикуваат страв кај населението – објаснува Пановски.

Младите мажи на удар

Мајмунските сипаници е обично лесна вирусна болест, придружена со треска и карактеристичен грутчен осип и затоа не постои причина за загриженост, изјавил српскиот виролог и микробиолог Миланко Шеклер.

Тој посочува дека во Европа речиси и да нема смртни случаи од мајмунски сипаници, а како што тврди, вирусот не е толку заразен како што се прикажува во медиумите.

– Сите пациенти, колку што знам, се мажи на возраст меѓу 20 и 40 години и јасно е откриено дека одреден број од нив биле во близок контакт со друг заразен маж, мислам на хомосексуалноста – вели д-р Шеклер и потсетува дека постоечката фармаколошка терапија е ефикасна, додека, пак, Светската здравствена организација тврди дека вакцините кои досега се користеа за искоренување на големи сипаници се и до 85% ефикасна заштита.

Д-р Шеклер: Сите пациенти, колку што знам, се мажи на возраст меѓу 20 и 40 години и јасно е откриено дека одреден број од нив биле во близок контакт со друг заразен маж, мислам на хомосексуалноста

Професор Џими Витвард од лондонскиот Институт за хигиена и тропски болести вели:

– Повеќето луѓе со мајмунски сипаници целосно се опоравуваат за неколку недели. Сепак, има сериозни случаи кои бараат хоспитализација. Формата на болеста која сега е евидентирана во Европа е западноафриканскиот код, кај кого стапката на смртност е од 1 до 100 – објаснува Витвард.

Д-р Клер Даснап, претседател на Британската асоцијација за сексуално здравје и ХИВ, исто така рече дека епидемијата може да има „огромно влијание“ врз пристапот до услугите за сексуално здравје во Британија.

Дете кое моментално се наоѓа во критична состојба во болница во Лондон исто така се разболело од мајмунски сипаници, додека во Европа се регистрирани уште 100 инфекции.

– Нашиот одговор овде е навистина критичен. Следната недела ќе има повеќе дијагнози. Колку, тешко е да се каже. Најмногу ме загрижува тоа што има инфекција низ цела Европа, па веќе се проширила, веќе циркулира во пошироката популација. Да се ​​дојде до врвот на сите контакти на овие луѓе е огромна работа. Бројот на пациенти би можел да биде поголем во следните две или три недели – изјави д-р Даснап за „Sky News“.

Колку се чести мајмунските сипаници?

Болеста е предизвикана од вирусот на мајмунски сипаници, член на истата фамилија на вируси како и на малите сипаници, иако тие се многу помалку сериозни.

Експертите велат дека шансите да се заразите со нив се многу мали. Тие се јавуваат главно во оддалечените делови на Централна и Западна Африка, во близина на тропските дождовни шуми.

Двајца заразени пациенти во Велика Британија пристигнале од Нигерија, па многу е веројатно дека се заболени од западноафриканскиот вид на вирусот, кој обично има поблаги симптоми, но сè уште не е потврден. Третиот случај бил здравствен работник кој го „фатил“ вирусот од еден од пациентите.

Помеѓу четирите понови случаи – три во Лондон и еден во северозападниот дел на Англија – немаат познати врски или историја на патување. Вирусот е регистриран и во Шведска, Португалија, Шпанија, САД и во Канада.

Кои се симптомите?

Почетните симптоми се: треска, главоболка, оток, болки во грбот, болки во мускулите и општа малаксаност.

Кога температурата ќе ви падне, може да избие исип, најчесто прво на лицето, а потоа да се прошири на другите делови од телото, најчесто на дланките и на стапалата.

Исипот, кој може да предизвика екстремно чешање, се менува и поминува низ различни фази пред конечно да формира краста, која подоцна паѓа.

Лезиите можат да остават лузни, а заразата обично поминува сама по себе и трае помеѓу 14 и 21 ден.

Како се пренесува?

Кога некој ќе дојде во близок контакт со заразено лице.

Вирусот може да влезе во телото преку пукнатини на кожата, респираторниот тракт или очите, носот или устата. Може да се пренесе и преку директен контакт за време на сексот.

Може да се пренесе и преку контакт со заразени животни како мајмуни, стаорци и верверички или преку предмети контаминирани со вирусот, како прибор за јадење, постелнина и облека.

Колку се опасни?

Повеќето случаи на вирусот се благи, донекаде слични на сипаници и исчезнуваат сами по себе во рок од неколку недели. 

Сепак, мајмунските сипаници понекогаш може да бидат посериозни, посебно кај луѓе со послаб имунитет, а постојат и наводи дека предизвикале компликации и смрт во Западна Африка.

Поврзани содржини