КОДЕКСОТ И ЗАКОНОТ СЕ ЈАСНИ Градоначалниче, непристојниот службеник од Ѓорче Петров мора да биде казнет!

„Јас имам многу сериозни намери во пресрет на локалните избори да поведам жестока битка против недоличното поведение на партиските војски во јавната администрација. Ние, даночните обврзници, Ве плаќаме, градоначалниче Александар Наумоски, не да се биете за власт со вербална агресија, туку да им служите на јавниот интерес и на сите граѓани, без оглед на нивната политичка припадност“, пишува во обраќањето до градоначалникот на Ѓорче Петров, новинарот Бранко Героски.

2,865

Почитуван градоначалниче на Општина Ѓорче Петров, г-н Александар Наумоски,

Како што веќе Ве известив во неделата на 15 август, со пост на Фејсбук, лицето Горан Трипуновски, под моја објава на оваа солцијална мрежа, објави вулгарен и навредлив коментар, со кој постапи недостоинствено, но го наруши и угледот на институцијата со која Вие раководите и на администрацијата во целина.






Тоа е овој коментар:

 

Лицето Горан Трипуновски не го познавам лично. Знам само дека тој со ништо, освен со мојот став за една владина уредба, не бил предизвикан на ваков настап на Фејсбук.

Разбрав дека ова лице е вработено во Вашата општина (добив и други интересни информации за неговиот бекграунд, но тие сега не се битни), а тоа и самото потврди дека таму работи, наводно веќе дваесет години.

На Фејсбук Ви го поставив прашањето дали коментирањето со зборовите „ќе го јадеш немиен“ (упатени кон мене) е во рамките на Кодексот за однесување на службениците во јавната администрација и во рамките на соодветниот закон. И при тоа, градоначалниче, Ве предупредив дека Кодексот го регулира и поведението на овие службеници и на социјалните мрежи.

На мое изненадување, Вие, за жал, избравте да ме игнорирате, а лицето Горан Трипуновски прво се обиде да ми „објасни“ дека без оглед што е вработено во Општина Ѓорче Петров, после 16 часот е приватно лице кое може да прави што сака. Подоцна, веројатно подучен од некого, вашиот неодговорен службеник ја избра опцијата со еден коментар на Фејсбук да ми се „извини“ поради тоа што наводно јас не сум ги разбрал ѓорчепетровскиот говор и традиција. Или така некако …

Почитуван градоначалниче Наумоски, чувствувам дека има потреба нашата, засега еднострана комуникација (која ќе потрае колку што е потребно, до изборите ако треба, а и после нив), да ја подигнам на малку повисоко ниво. И да Ви објаснам некои работи кои или не Ви се познати, или за кои мислите (погрешно) дека не се однесуваат на Вас.

Во Кодексот на административни службеници („Службен весник на РМ“, бр. 183 од 12.12.2014), во членот 15, во првите три става, се вели:

„Административниот службеник го разбира и доживува работењето во администрацијата како одговорна, угледна и почитувана професија. Без да се оневозможи остварување на правото на градење на сопствен став и јавно изразување на мислење, административниот службеник се воздржува од давање на штетни изјави за службата.

Административниот службеник во службата, во приватниот живот и во јавноста се однесува достоинствено и не постапува на начин со кој би се нарушил неговиот личен углед, угледот на институцијата и на администрацијата во целина.

Во своето однесување и дејствување надвор од работата, во претставувањето на јавни настани, на социјалните мрежи или во каков било друг облик на комуникација, административниот службеник претставува пример за соодветно и достоинствено однесување …“

Се надевав дека Вие, градоначалниче, како и Вашиот службеник Трипуновски, го имате прочитано и разбрано Кодексот. Бидејќи очигледно тоа не е случај, должен сум да Ве повикам да го прочитате барем делот што го издвоив, за да сфатите дека административните службеници не се тоа само „до 16 часот“. И посебно да обрнете внимание на делот кој, да повторам, вели: „Во своето однесување и дејствување надвор од работата, во претставувањето на јавни настани, на социјалните мрежи или во каков било друг облик на комуникација, административниот службеник претставува пример за соодветно и достоинствено однесување“.

Освен ако и Вие, г-не Наумовски, не се согласувате со мислењето на г-н Трипуновски дека коментарот „ќе го јадеш немиен“ е одлика на некаков традиционален ѓорчепетровски манир на поведение, јасно е дека со ваквиот настап на Фејсбук, вашиот службеник постапил директно спротивно на Кодексот.

Неговото „извинување“ мене ништо не ми значи, а не треба и на Вас да Ви значи, градоначалниче, не само затоа што е лажно и надмено. Вие сте должни да постапување според Законот за административни службеници, чиј консолидиран текст од 2021 година Ве упатувам многу внимателно да го прочитате.

Во членот 71 точка 22 од тој закон, однесување спротивно на одредбите од Кодексот претставува дисциплински престап. А според член 74 став 2 од Законот, најмалата казна за дисциплински престап е парична (30 отсто од платата во период најмногу до 6 месеци), додека најстрогата казна е отказ. Законот не пропишал можност административниот службеник што сторил престап да се спаси со некакво извинување.

Почитуван градоначалниче на Општина Ѓорче Петров,

Од Вас не барам ништо друго освен да постапите според словото на Законот за административни службеници и според Кодексот на административни службеници. Освен што сте законски обврзани да постапите на таков начин, Вие имате и морална обврска да им дадете пример, не само на административните службеници со кои раководите, туку и на многу други во нашата земја, кои пред секои избори масовно ги кршат и Кодексот и Законот, со отворени демонстрации на својата партиска определеност, со жестоки атаци врз политичките неистомисленици и со непристојно однесување и во приватниот живот и на социјалните мрежи.

Јас имам многу сериозни намери во пресрет на локалните избори да поведам жестока битка против ваквото поведение на партиските војски во јавната администрација. Ние, даночните обврзници, Ве плаќаме, градоначалниче, не да се биете за власт со ваква вербална агресија, туку да им служите на јавниот интерес и на сите граѓани, без оглед на нивната политичка припадност.

Не би сакал баш Вие, г-не Наумоски, да се најдете во фокусот на таа битка, бидејќи немам некакви посебни сознанија за некаква Ваша лична непристојност од тој аспект. Вас не Ве познавам, но сум имал чест и задоволство да го запознам Вашиот татко. И ако важи онаа народната „круша под круша паѓа“, не очекувам допрва за Вас да слушам грди работи …

Но, ако Вие изберете со мене да водите битка на непристоен начин, со молк и со игнорирање на Вашите обврски кон Кодексот, кон Законот и кон јавноста, тогаш ќе се биеме, градоначалниче. За мојот нарав можеби во ѓорчетровскиот сленг се користат придавките „клет“ и „задрт“, но бидете сигурен дека сум многу упорен, особено кога правдата и аргументите се на моја страна.

Во очекување на Вашата реакција, Ве поздравувам и Ви посакувам успешна работна недела.

Бранко Героски

Поврзани содржини