Во Неготино до зградата на Основниот суд, под ист покрив од неодамна е отворено казино. Тоа може да се види и на фотографијата која стана хит и на социјалните мрежи каде собира лајкови, коментари и шеги на сметка на судот. Додека граѓаните тераат мајтап на Фејсбук, во судот во Неготино се чудат кој го дозволил тоа, дури и размислуваат да покренат и иницијатива за преселба на казиното со кое делат ист покрив, а кое било, како што ни рекоа во судот, издадено под закуп од приватно лице, а не од страна на судот.
– Станува збор за станбено деловен објект, во средината е сместен Основниот суд во Неготино. Ние, немаме никаква врска, надлежност, ниту право да одредуваме кој се ќе работи тука. Има банка, маркет, од пред дваеесетина дена се отвори и казиното. Секако дека не е убаво до нашата институција да има казино, но за тоа треба да се праша сопственикот на објектот кој го издал под кирија. Нејасно е зошто досега не реагираа станарите – велат од судот за Плусинфо.