„КОЧАНИ, НЕ СТЕ САМИ“ Владата издвои 30 милиони денари, „Пониква“ станува центар за рехабилитација

Од Владата порачаа дека ова е заедничка борба, и дека никој од повредените или семејствата на загинатите нема да остане сам.

1,194

По трагедијата со трагични размери во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица, Владата соопшти дека презема итни и конкретни мерки за помош на повредените и нивните семејства, како и за расветлување на случајот.

Од владината прес-служба велат дека болката на семејствата не може да се измери, но институциите се должни да сторат сè за да ја олеснат маката на преживеаните и блиските на настраданите.






„До сега како Влада обезбедивме 30 милиони денари за транспортот и сместувањето на придружбата – односно на членовите на семејствата на повредените пациенти. Но нашата грижа не завршува тука. Кочани е наш приоритет и никој не смее да биде заборавен“, пишува во соопштението.

Дополнително, активирана е специјална телефонска линија која е во директна комуникација со претседателот на Владата. На бројот 070/355-526, повредените и нивните семејства можат да ги изнесат своите барања, потреби и предлози.

На следната владина седница ќе се донесе и одлука за пренамена на одморалиштето „Пониква“ во рехабилитациски центар, каде ќе се овозможи здравствена и психолошка поддршка за повредените.

„Објектот има капацитет од 27 соби и 56 легла. Медицински тимови таму ќе работат на рехабилитација и психофизичка стабилизација“, наведуваат од Владата.

Од Владата порачаа дека ова е заедничка борба, и дека никој од повредените или семејствата на загинатите нема да остане сам.

„Ќе сториме сè што е во наша надлежност да помогнеме и да ја ублажиме болката. Ова се конкретни мерки од интерес за граѓаните. Државата мора – и се менува“, додаваат од Владата.

Поврзани содржини