Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски на Фејсбук реагира по најавите за дислокација на Универзалната сала и му се обраќа на градоначалникот Петре Шилегов.
„Петре зошто ја рушиш Универзална? Ти оставив готов проект. Бев кај вашиот министер Алаѓозовски му го однесов проектот и го замолив да започне градбата но проектот не продолжи. Се прашував зошто луѓево не ја градат Универзална ?“, пишува Трајановски.
Тој посочува неколку факти за јавноста да се запознае подобро.
„Универзална сала се наоѓа во градската четврт 3 11, а во истата четврт е и поранешата фабрика „Треска”. Пред извесно време јавноста ја брануваше деталниот урбанистички план за „Треска” во кој се предвидуваат 50 згради. За да се оствари процентот на зеленило во оваа градска четврт можеби се жртвува Универзална сала на чие место треба да има парк, а со тоа на просторот на Треска се добива поголем кофициент на изграденост. Почитувани Скопјани ако е така се прашувам ова ли е тоа „Скопје – чекор по чекор” ?“, пишува Трајановски.
Градот Скопје распиша конкурс за идејно решение за изградба на нов парк со летна сцена, на местото на Универзална, откако за идејата да се гради нова концетна сала на истото место од Асоцијацијата на архитекти им било речено дека програмата за новиот објект е преобемна за да се гради на местото на Универзална.