Кој за што гласа во ЕУ?
Насекаде во Европа се дебатира за заедничките, наднационални прашања, какви што се климатските промени, миграциите, конкурентската способност и социјалната сигурност, борбата против криминалот. Но прашање над сите прашања е сепак војната во Украина и ЕУ-поддршката на Киев. Прашање за кое директно се врзува иднината и слободата на Европа.
Доколку Русија би победила, тоа би имало последици за повеќе идни генерации, рече деновиве шведскиот премиер и лидер на конзервативните Модерати, Улф Кристоферсон, во парламентарната дебата посветена на главните прашања во пресрет на изборите во ЕУ, што ќе се одржат на 6-9 јуни.
Тоа практично го отсликува расположението и централните заложби на политичките елити во повеќето ЕУ-членки, кои сега треба да добијат израз и да се прекршат преку волјата на избирачите во изборната трка за пратеници во Европскиот парламент. Насекаде во Европа се дебатира за заедничките, наднационални прашања, какви што се климатските промени, миграциите, конкурентската способност и социјалната сигурност, борбата против криминалот. Но прашање над сите прашања е сепак војната во Украина и ЕУ-поддршката на Киев. Прашање за кое директно се врзува иднината и слободата на Европа.
Но, за разлика од европските политички лидери, се чини дека е далеку потешко да се утврди кој за што гласа во ЕУ, кога се во прашање расположенијата и ставовите меѓу обичните граѓани. Гледиштата се мошне различни и отвораат низа перспективи, не помалку интересни и кога ќе се погледне поблиску каква е излезноста на избирачите и нивната мотивација да поверуваат дека со својот глас можат да повлијаат на агендата на ЕУ-институциите.
Во дел од ЕУ-членките граѓаните се во мошне мал обем заинтересирани да гласаат на изборите за европратеници. На претходните ЕУ-избори во 2019 година одвај нешто повеќе од 24% од граѓаните на Словачка со право на глас излегле на избирачките места, а во Бугарија, Словенија, Чешка и Хрватска приближно 30%. Кои делови од бирачкото тело во споменатите земји ги претставуваат нивните европратеници, е прашање кое вреди да се постави.
Интересирањето околу изборите за Европскиот парламент е ниско и во голем број други членки. Многумина едноставно не чувствуваат дека Брисел и неговата европска бирократија се блиску до нив, иако ЕУ-директивите, кои секоја година интензивно се штанцуваат и усвојуваат во Брисел, директно влијаат на секојдневието на жителите на Унијата. И во западните ЕУ-членки според најновите прогнози се очекува пад на излезноста. Во Данска, на пример, пред пет години излегоа околу 66 отсто од избирачите, а сега се очекува значаен пад на околу 50 отсто.
Но, според многумина критичари, и овој пат се неизбежни сомневањата дали политичарите ќе успеат да ја прикријат празнината и неефикасноста содржани во ЕУ-изборите. Затоа се случува интензивно шминкање на предизборната кампања, поради што овие избори може да се сметаат за мртва школка без никаква политичка суштина. Оттука, гласањето станува еквивалентно на политичка резигнација. Европскиот парламент нема право да иницира легислатива, туку е принуден да поаѓа од предлозите на Европската комисија, која не е избрана од гласачите.
-Време е да се затворат границите – мора да имаме нула баратели на азил – рече Герт Вилдерс кога неговата Партија на слободата (ПВВ) лани извојува убедлива победа на холандските парламентарни избори.
Реториката која пред десет години беше поврзана само со улични демонстрации на крајната десница, сега ја користат успешни европски етаблирани политичари, во Франција, Шведска, Германија, Данска.
Пред претстојните ЕУ-избори повеќе експерти посочуваат дека постои ризик односот на силите во парламентот да се помести надесно. Знаците дека тоа ќе се случи може да се видат во националните политики на земјите-членки, но и во фактот дека десничарските групации во Европскиот парламент го менуваат имиџот на своите заложби. Во исто време, односот кон Русија игра решавачка улога за натамошниот ангажман на ЕУ во војната во Украина. Прашањето кое, значи, се наметнува како важен фактор пред европските избори е колку стабилна ќе биде линијата на ЕУ во војната во Украина, доколку европската десница добие поголема моќ. Факт е дека некои партии во западните ЕУ-членки веќе го фаворизираа Путин пред војната. За некои тоа беше идеолошки пристап, во согласност со нивните критики кон ЕУ, која ја сметаат за премногу либерална, про-имигрантска и склона кон мешање во сопствените работи на земјите-членки.
Од друга страна, Источна Европа се ослободи од комунизмот, но нејзините обиди да ги копира западните идеали и вредности беа во голем обем осудени на неуспех и создадоа реакција која се карактеризира и со ултра-национализам и ксенофобија.
Фактот дека главно млади луѓе се иселуваат ја менува демографската слика во Источна Европа. Тоа и причината поради која се продлабочуваат состојбите кои некои ги нарекуваат „демографска паника“ во источноевропските земји, дека населението, вклучувајќи ги и најобразованите и највештите, масовно емигрираат, со слаби изгледи да се вратат.
Според најновите статистички податоци, ЕУ има вкупно работоспособно население од околу 333 милиони луѓе. До 2070 година, се проценува дека ќе се намали на 292 милиони. Наталитетот во ЕУ е 1,46 деца по жена, што е значаен пад под бројката од 2,1, а што би можело да ја одржи големината на населението во иднина.
Токму затоа зачудуваат и се доживуваат како контрапродуктивни заложбите на европските екстремни десничари дека „на ЕУ и треба нулта визија за спречување на економската миграција“. Но доколку на ЕУ, во економско развојна смисла, и е нешто навистина потребна, тоа се, всушност, повеќе луѓе кои ќе продолжат да доаѓаат и ќе ја пополнуваат потребата од доселеничка работна сила во Унијата.
Во секој случај, оддалечувањето од идеалите на ЕУ, од либерална демократија на Унијата, кое сега е присутно и во најголемите и најмоќни членки, ја прави европската иднина да изгледа загрижувачка, особено во време кога Европа е поблиску до војна отколку што беше во изминатите децении.
Иднината на ЕУ, видена и преку процесот на проширување и прием на нови членки, заради заокружување на европскиот мировен проект и јакнење на стабилноста, не дојде до израз во предизборната кампања за Европскиот парламент. Особено не кај европските десничарски популисти и екстремисти.
Во меѓувреме, Македонија, која е дел од приказната на доближување кон европските интеграции, се чини најмногу придонесува кон ЕУ со иселувањето на своето работоспособно население. Македонија веќе со децении чека ЕУ да ја прими под свои закрила и да ја спаси од сиромаштијата, наместо конечно да се определи за изградба на општество со функционална демократија и отворање на економски развојни перспективи кои иселеничките еднонасочни билети ќе ги направат помалку атрактивни.