Кој вели дека слонот мора да влезе во стакларник?

Македонската влада не смее да наседнува на провокации. Едно од решенија е тактиката што ја вети премиерот Мицкоски – нема да разговара на теми коишто создаваат тензија и злоупотребуваат етнички прашања. Дали тоа ќе ги спречи расправиите што водат кон меѓуетнички конфликт? Не, но сериозно ќе ги обеснажи и ќе ги остави на маргините на вкупната политичка дебата.

4,486

Има една позната и веќе излитена фраза, со која често се опишуваат ситуациите кога невнимателноста и нетрпеливоста можат да предизвикаат големи штети во фрагилно опкружување и во деликатни околности.

Така е во животот, така е и во политиката.






Па се вели – се однесува како слон во стакларница.

Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, Влен и на ЗНАМ е опкружена со фрагилни институции, кои со години се жариште на клиентилизам, корупција и криминал, кои се последица на нивната партизација. При тоа, не можеме да ги затвориме очите и пред фактот дека во некои сектори и средини партизацијата има нагласена моноетничка боја.

Владата е соочена и со деликатни околности: од една страна, опозицијата се обидува да произведе меѓуетнички конфликт со провокации на секој чекор и во секоја прилика; од друга страна, Влен и ЗНАМ често подлегнуваат на сопствената нетрпеливост, па се добива впечаток како тие сè уште да се во предизборна агенда.

Што да прави „слонот“ во таква ситуација?

Има едно едноставно и мудро решение – воопшто да не влегува во стакларница!

Мислам дека тоа е тактиката што се обидуваат да ја наметнат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, особено кога се во прашање чувствителните теми од домашната политика и отворените прашања во сферата на меѓународните односи.

„Нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања. Ги повикувам сите партии, субјекти и лидери – ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економијата, образованието и иновациите кои носат иднина“, изјави Мицкоски на Илинден.

Секако, тој не е првиот кој се сетил на оваа тактика и нема да биде последниот на кој нема да му успее да ги натера другите да не фрлаат камења кон стакларникот.

Но, тој е „слонот“. Најмногу, сепак, зависи од најмоќниот, од „најтешкиот“, од тој што реално може да предизвика најголема штета, ако подлегне на провокациите или ако компулсивно се опседне со непродуктивни расправи за проблемите за кои не постојат инстант решенија.

Оттаму, дури и едностраниот „мораториум“ на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ ќе има големо значење за релаксирање на односите, особено меѓу двете најголеми етнички заедници во Македонија.

Најдобар пример за тоа е како владата на Мицкоски ја менаџира ситуацијата поврзана со непријатниот инцидент на косовската претседателка Вјоса Османи на Скопскиот аеродром.

Сите ние имаме свое „мислење“ за тоа кој е виновен за инцидентот и кој како требало да постапи. Некои истрчаа веднаш да ги соопштат своите „ставови“, во обид да остават силен впечаток во јавноста, да ќарат политички поени, а некои, едноставно, да се покажат колку се паметни и информирани, бидејќи имале повеќегодишно искуство од летање со авиони.

Инфантилно летање со паметот…

Според официјалните информации од ТАВ, постојат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови. На ваков тип процедури е подложен секој, без оглед дали е премиер, претседател или друго ВИП лице. Но, овие информации, иако важни и веројатно пресудни, се само почеток на истрагата, која треба да покаже кој бил виновен за непријатниот инцидент, дали некој ги пречекорил овластувањата, дали некој кризирал и слично.

Тие што итно побараа извинување од македонските власти за инцидентот – не добија. Официјално Скопје изрази жалење, но истрагата на надлежните институции треба да покаже дали некој треба да се извини. Да се потсетиме, таква беше и првата реакција на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, таков е и одлучниот став на премиерот Христијан Мицкоски. А дека жалењето за непријатноста е искрено, говори и тоа што Мицкоски јавно се понуди да ја придружува косовската претседателка Османи на секое нејзино следно гостување на аеродромот во Скопје.

Косовскиот премиер Албин Курти, во манир на искусен и разборит политичар, ги прифати изразите на жалење на инцидентот и најавата за официјален извештај за настанот. Наспроти очекувањата на некои провокатори, Курти не само што потврди дека дипломатските односи меѓу Скопје и Приштина не се нарушени, не само што одлучно кажа дека не смее да има тензии, туку и додаде: „Јас и премиерот Мицкоски не можеме во исто време да сме премиери, цариници, полицајци и граничари. Во однос на суштината на прашањето, верувам дека сите потребни мерки се преземаат и дека нови слични инциденти нема да се случуваат во иднина“.

Тоа е тоа.

Слонот овој пат не влезе во стакларник. Нема потреба.

И во иднина, многу поважни и почувствителни прашања, треба да се решаваат со трпение, со внимателност, со меѓусебна наклонетост меѓу партнерите во владејачката коалиција, со изрази на блискост и доверба меѓу етничките заедници, со јасна демонстрација на почитување и пријателство со соседните народи и држави.

Оваа влада може успешно да се бори за одбрана на своите позиции и особено за своите стратешки цели и без да наседнува на провокации, без да се кара, без да се врти кон секое куче што џавка крај патот.

Само аргументирано, истрајно, трпеливо и упорно.

Патем речено, за оној кутриот слон има уште една поучна поговорка.

Вели вака – како се јаде слон?

Полека.

 

Поврзани содржини