КОЈ САКА ДА ЈА ЗАПАЛИ „ТРЕСКА“? Синоќа се појавил чад, пожарникари го гаснеле (ВИДЕО)
„Заедно со ЗХГ се прашуваме дали пожарот во Треска е подметнат, со цел да изгорат дрвјата и да се отвори пат за нова бетонизација“, се вели во реакцијата на Ана Петровска, поранешната, а сега разрешена директорка на Инспекторатот за животна средина, инаку независен кандидат за градоначалник на Скопје.
Видео од густ чад кој ја зафаќа поранешната фабрика „Треска“ се појави синоќа на социјалните мрежи, а скопската Пожарна интервернирала и успеала да го изгаси огнот, пишува Мета. Дојавата за пожарот стигнала од граѓани, а биле оштетени стари хали, полни со остатоци од мебел и крш. Според порталот Мета, при јавување на 193 на граѓаните им било речено дека чадот е од тоа што непознати лица ,,топеле кабли на куп” и дека нема потреба да се грижат за чадот.
Видео: Фејсбук/Мета
Кој и зошто сака да ја запали „Треска“? Коментарите по социјалните мрежи се дека урбаната мафија сака да си направи простор за побрзо градење на таканаречените згради „наполитанки“ кои треба да никнат оваа локација.
„Тоа што сега се гледа како чад е само од испарувањето“ објаснија од скопска Пожарна за „Мета“.
Според порталот „Мета“ евентуалниот оган кој може да настане во „Треска“ би ги задушил во токсичен чад околните куќи и згради на улиците Владимир Полежиновски, Христо Смирненски, Теодосиј Гологанов и Рузвелтова. Пожарот го коментираше и Јана Белчева од „Шанса за Центар“, кандидат за градоначалник и поранешна советничка во Општина Центар.
„Уште само неколку простори кои ни преостанаа и кои се бориме да ги спасиме во Центар, меѓу нив и Треска. Избројани над 90 дрва, конкурс во тек, а денес ова…. Не сакам да верувам дека нема да се реагира и ќе се остави кој што сака да уништува и опустошува. Во кој европски град е вака и како тоа ние мислиме во ЕУ, а ни сами не сакаме да се заштитиме од пакосници?“, напиша Белчева на својот фејсбук-профил.
Не поминаа ни 24 часа, а веќе со реакција за чадот, излезе и Ана Петровска, поранешната, а сега разрешена директорка на Инспекторатот за животна средина. Петровска е воедно и кандидат за градоначалник од „Зелен Хуман Град“ на претстојните локални избори.
Во продолжените, ја пренесуваме реакцијата на Петровска и ЗХГ во целост:
„Заедно со ЗХГ се прашуваме дали пожарот во Треска е подметнат, со цел да изгорат дрвјата и да се отвори пат за нова бетонизација.
Треска е еден од ретките простори во општина Центар што дава можност тука да никне нов парк, а објектите да се пренаменат за културен центар и младински зелени стартапи.
Новиот ГУП мора да го зачува овој простор од изградба на нови згради. За борба против загадувањето во градот мора да остане „светото тројство“ што го формираат Градскиот парк, парк-шумата Гази Баба и Расадник, но не смее да се бетонизираат ниту Треска, ниту просторот пред Холидеј Ин.
За изработка на новиот ГУП, мора да донесе Катастар и Стратегија за урбано зеленило со кои зеленилото ќе се попише, постојните паркови ќе се заштитат и ќе се предвидат нови, согласно Законот за урбано зеленило.“, се вели во реакцијата на ЗХГ.