КОЈ НЕ ПОСТИГНАЛ ДОГОВОР СО САД ЌЕ СИ ПЛАЌА ЦАРИНА Трамп ги става во сила царините

Американскиот претседател вели дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „има 200 земји“ и дека „не можете да разговарате со сите“.

56

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да ја продолжи 90-дневната пауза на царините за повеќето земји по рокот за преговори на 9 јули и дека неговата администрација ќе ги извести земјите дека трговските санкции ќе стапат на сила доколку не се постигне договор.

Трамп вчера во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека известувањата за царини ќе почнат да се испраќаат до земјите со кои не е постигнат договор „прилично брзо“ како што се приближува рокот за преговори.






– Ќе видиме како земјата ќе се однесува кон нас, дали ќе се однесува добро кон нас или не толку добро. Не сме заинтересирани за некои земји, само ќе испратиме многу писма – рече Трамп.

Во писмата, рече Трамп, ќе пишува – „честитки, ви дозволуваме да купувате во Соединетите Држави, ќе плаќате 25%, или 35%, или 50%, или 10% царини“.

Трамп додаде дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „има 200 земји“ и дека „не можете да разговарате со сите“.

Зборувајќи за односот со Кина, Трамп го пофали неодамнешниот трговски договор постигнат со Пекинг за извоз на ретки земни метали од Кина и рече дека воспоставувањето порамноправен однос меѓу двете земји би барало значителни тарифи.

– Мислам дека доброто сложување со Кина е многу добра работа. Кина ќе плати многу тарифи, но имаме голем (трговски) дефицит, тие го разбираат тоа – рече Трамп.

Тој додаде дека би бил отворен за укинување на санкциите за испораките на иранска нафта во Кина доколку Иран покаже „дека може да биде мирен“ и доколку покаже, САД „нема да нанесат поголема штета“.

Трамп посочи и дека САД не се плашат од одмазда од Пекинг, а на коментарот на водителот на „Фокс њуз“ дека Кина се обидела да хакира американски системи и да украде интелектуална сопственост, Трамп одговори: „Зарем не мислите дека ние им го правиме тоа?“

 

Поврзани содржини