Кој кому му подметнува сопки во бизнисот со мазут?
Компаниите увознички на мазут и други горива не сакаат конкурентска компанија да врши анализа на квалитетот и бараат мострите да ги земаат обучени лица. И експертите се согласуваат со тоа, а Владата тврди дека веќе го задолжила Бирото за метрологија да склучи договор со акредитирано тело за земање на мостри од мазут за потребите на Државниот пазарен инспекторат.
Компании увознички на мазут и други нафтени производи бараат владата да опреми независна државна лабораторија за испитување и анализа на квалитетот на горивата или да ангажира светски признаена лабораторија која ќе ги врши анализите, со цел да се одбегне нивни конкуренти да ги вршат тие анализи. Тие забележуваат и на нестручноста на цариниците да земаат мостри за испитување, посебно на мазутот.
И експертите се согласни дека државата треба да обезбеди независна анализа на квалитетот на горивата, а Владата тврди дека веќе го задолжила Бирото за метрологија да склучи договор со акредитирано тело за земање на мостри од мазут за потребите на Државниот пазарен инспекторат.
Компаниите увозници на мазут се сомневаат на квалитетот на извршените анализи во лабораториите на компаниите нивни конкуренти и сметаат дека државата дозволила судир на интереси и повреда на конкурентноста.
– Бараме државата да си набави сопствена лабораторија во која ќе го испитува квалитетот на мазутот, а додека го стори тоа, да потпише договор со светски позната и признаена лабораторија за испитување на квалитетот на мазутот. Таква е, на пример, СГС. Истовремено, Царината треба да ги испрати на обука во таа лабораторија цариниците кои земаат мостри од мазутот за испитување, за да не се случуваат немили настани со кои се нарушува угледот на компаниите кои увезуваат мазут – вели Владимир Стаиќ сопственик на компанијата „Супертрејд“.
Увозници на нафтени деривати сметаат дека во прилог на државата и потрошувачите ќе биде ако се обезбеди независна анализа на квалитетот на мазутот, а компаниите ќе имаат еднаков амбиент за работа.
– Секако и добро е да има засилени контроли при увоз на горивото во земјава. Со контролите и со проверката, особено на влез, ќе се заштитат не само државата, туку и крајните потрошувачи. Квалитетен увоз значи постојана контрола и стручност во работата, при тоа сите учесници на пазарот да ги почитуваат правилата и пропишаните стандарди – велат од компанијата „Пуцко петрол“.
Професорот Константин Димитров исто така смета дека државата треба да обезбеди независна лабораторија која ќе ги анализира сите параметри на горивата.
– Многу е нелогично контролата да ја прави оној кој исто така увезува горива, во случајов мазут. Се даваат акредитации на компании кои потоа сами на себе си вршат контрола. Притоа постои елемент на сомневање дека колку и да се опремени овие лаборатории, поради конкуренцијата, на другите под изговор дека е направен превид да им се даде необјективно мислење со што се прави штета на конкурентот. Во актуелниот случај, државата на едни е мајка на други маќеа. На едни им се гледа низ прсти, други се казнуваат и се елиминираат од пазарот, за да се задоволат поединци – вели Димитров.
Тој се чуди што државата има набавена опрема, а не ја користи бидејќи дел од институциите кои се задолжени за тоа не биле акредитирани.
– Како и да се вика институцијата, Биро за метрологија или државна лабораторија е потребна како независно тело за контрола на квалитетот на сите горива не само на нафтата и дериватите, туку и на јагленот дрвото за огрев. Но, најлогично е инспекциските служби да поседуваат лабораторија која ќе ја користат – вели тој.
Во земјава постојат две приватни акредитирани лаборатории за контрола на мазутот и државна подвижна лабораторија која не ги контролира сите параметри. Акредитација имаат лабораториите на компаниите „Макпетрол“ и ОКТА. Биротот за метрологија дури пред некое време има добиено акредитација за контрола на мазут, а државната подвижна лабораторија купена пред некоја година, се стави во функција дури сега, но и таа не ги анализира сите параметри кои се бараат со правилниците.
Плусинфо ја праша и компанијата ОКТА која поседува лабораторија за испитување на квалитетот на горива што мисли во врска со практиката конкурентна фирма да врши испитувањата на квалитетот на увезениот мазут.
– Лабораторијата на работи согласно меѓународниот стандард EN ISO/IEC 17025 и поседува важечка акредитација издадена од Институтот за акредитација на С Македонија. Во оваа лабораторија се вршат анализи на нафтени деривати за сопствени потреби, како и на мостри доставени од други субјекти. Примероците кои се доставуваат на испитување од соодветните државни институции се шифрирани и не содржат информации од која компанија се земени мострите, со што се обезбедува и гарантира објективност и независност на целокупниот процес на испитување во акредитираните лаборатории во државата – велат од ОКТА.
И Царинската управа тврди дека нема место за сомневње во резултатите дадени од страна на лабораториите на „Макпетрол“ и „Окта“ кои се избрани на тендер. И двете лаборатории се акредитирани согласно стандард ИСО 17025.
– Самата акредитација претставува доказ за непристрасност и сигурност дека резултатите нема да бидат цел на влијанија и конфликт на интереси.Набавката на услуга за испитувања во независни лаборатории се врши врз основа на спроведување на постапка за Јавна набавка, која редовно се спроведува од страна на Царинската управа и истата е отворена за секоја лабораторија/правно лице која е во можност да ги анализира бараните параметри за испитување посочени во тендерската документација и која е акредитирана за истите и Царинската управа не може своеволно да набавува услуги за испитувања во надворешни лаборатории, односно мора да го почитува Законот за јавни набавки – велат од Царинската управа.
Во однос на земањето мостри од страна на цариниците од Царината тврдат дека тоа се врши по посебен упатство, а мострите се земаат во присуство на царинскиот застапник на компаниите.
Од Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за економија, пак, одговирија дека не се надлежни за таа проблематика.
Министерот за економија Крешник Бектеши и на денешната прес- конференција рече дека Министерството е одговорно да ги донесе законите и тие да бидат во согласност со европската регулатива што е и направено.
– Она што можам да го кажам е дека Правилникот во делот на квалитет на течните горива е целосно усогласен со барањата на Европската енергетска заедница. Во делот на спроведувањето и вршење контрола не е надлежно Министерството за економија. Има други надлежни институции кои директно одговараат пред Владата, но ние како одговорно Министерство секојдневно вршиме состаноци со цел да дојдеме до наоди каде имало пропусти. Сите информации кои ќе доставиме до надлежните институции. Министерството за економија не е јавно обвинителство – рече Бектеши.
Тој ги повика компаниите кои не се задоволни од резултатите од анализите направени до сега, да побараат второ мислење.
– Секоја компанија која не се согласува со резултатите од анализите направени од мобилната државна лабораторија можат да бараат и второ мислење односно од втора независна лабораторија – рече Бектеши.
Од Владата велат дека веќе е задолжено Бирото за метрологија да склучи договор со акредитирано тело за земање на мостри од мазут за потребите на Државниот пазарен инспекторат.
– На 76-тата седница усвоивме дополнителни заклучоци на веќе донесените од претходната 75-та седница во однос на увозот, контролата и анализата на увезениот мазут. Со новите заклучоци донесени на оваа седница, Владата го задолжи Бирото за метрологија да склучи договор со акредитирано тело за земање на мостри од мазут за потребите на Државниот пазарен инспекторат.Со уште еден заклучок се задолжени и Царинската управа и Бирото за метрологија, за потребите на Државниот пазарен инспекторат, по барање на Државниот пазарен инспекторат, да спроведат постапка за земање примероци за анализа и анализа на мазут, согласно Правилникот за квалитет на течни горива и да ги достават на испитување до акредитирана лабораторија – велат од Владата.