ОДБИВААТ ДА ПРАВАТ ПЦР ТЕСТ Омикронот хара низ земјава, ама во официјалната статистика опаѓа
Од 9 болни што ги знам во моментов, само тројца сме тестирани со ПЦР, другите се тестирани со домашни тестови, а некои не се тестирани ни со домашни тестови. Секој сам си одредува колку време ќе седи во изолација, иако официјално треба 10 дена да се биде изолиран, вели скопјанка.
Бројката на заболени лица со ковид-19 кои не влегуваат во официјалната статистика што ја објавува Министерството за здравство е најмалку два до три пати поголема.
Познавачите на состојбата со пандемијата со коронавирусот истакнуваат дека оваа бројка на т.н. „сиви“ болни се должи на лицата кои откако ќе добијат симптоми на коронавирусот за да го потврдат неговото присуство купуваат од „брзите“ тестови кои се достапни во аптеките. Се тестираат сами дома и не прават ПЦР тестови.
Причините за ваквото однесување на граѓаните се бројни. Претходно, лицата со симптоми тешко можеа да добијат термин за ПЦР тест во некоја од државните лаборатории и мораа со денови да чекаат за термин, па наједноставно им беше да си купат антигенски тест од првата аптека и да го направат во домашни услови.
– И самите матични некогаш тоа го препорачуваат – да не се тестираат пациентите со ПЦР тест за да не ги внесат во систем, а да ги лекуваат од корона. На тетка ми така ѝ направија. И после кога дојде ред да провери Д-димери, не можеа да ѝ дадат упат оти ја немаше во системот. Па мораше да си плати на приватно – сведочи скопјанец.
Има граѓани кои избегнуваат да направат и бесплатен тест во некоја од државните лаборатории сѐ со цел да не влезат во официјалната статистика, а со тоа да добијат и решение за изолација, кое ќе треба да го почитуваат. Вака, си се тестираат сами дома, си се лечат преку познати, и излегуваат од изолација кога самите ќе проценат дека се здрави, а колку што е познато, препораките на лекарите се дека изолацијата треба да се почитува 10 дена.
Дури и да се добие решение за изолација од 7 дена, што е случај кога пациентот е асимптоматски или немал температура, уште дополнителни 3 дена се препорачува задолжително носење маска кога е во контакт со други лица.
– Замислете колку е раширен вирусот, а болните не се евидентирани во официјалната статистика. Од 9 болни што ги знам во моментов, само тројца сме тестирани со ПЦР, другите се тестирани со домашни тестови, а некои не се тестирани ни со домашни тестови. Секој сам си одредува колку време ќе седи во изолација, иако официјално треба 10 дена да се биде изолиран – вели скопјанка.
Факт е дека заболените со варијантата омикрон на ковид-19 во овој период имаат полесна клиничка слика и дека за нив е потребна само витаминска терапија, но и тоа дека вирусот е мошне распространет меѓу луѓето и дека официјалните бројки на заболени се далеку од точни. На сечија совест останува одлуката да се изолираат од другите со цел да не го шират вирусот меѓу домашните и во околината.
– Ми се јави пациент кој ми кажа дека направил тест купен од аптека и дека е позитивен, при што побара да му се препише терапија со цел да се лекува. Веднаш му препорачав да направи ПЦР тест, но тој одби. Не добив одговор за причината. Потоа најнормално му беше дадена витаминска терапија и му беше укажано дека доколку состојбата му се влоши ќе мора да направи ПЦР тест со цел да се продолжи со натамошно лекување во некоја од здравствените установи, специјализирани за пациенти болни со коронавирус – вели матичен лекар од Скопје.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за Плусинфо вели дека во Комисијата многу пати се разговарало во врска со ова прашање.
– На почетокот на летниот бран неколку дена се соочувавме со немање слободен термин за ПЦР и антигенски тестови кои влегуваат во официјалната статистика, но тој проблем беше надминат откако како Комисија предложивме да се зголемат капацитетите и во здравствените установи да се земаат повеќе примероци на лица кои имаат симптоми на ковид-19 – вели д-р Мехмедовиќ.
Тој додава дека ова е направено особено за лицата со посебна симптоматологија и на кои им е потребно лекување, а тука не станува збор за лицата кои се асимптоматски и на кои не им е потребно лекување.
– Ние и натаму препорачуваме сите оние кои имаат какви било симптоми на ковид-19 веднаш да се јават кај својот матичен лекар и да побараат термин за тестирање во специјализираните лаборатории за тоа со цел да имаме увид во точната бројка заболени. Можеби некои од тестовите кои се купуваат во аптека се слични со тие кои се прават во здравствените установи, но сепак потенцирам дека подобро е примерокот да биде земен од лице кое е обучено да го направи тоа, а не граѓаните да го прават тоа дома на своја рака – рече портпаролот на Комисијата.
Д-р Мехмедовиќ истакнува дека е свесен дека бројката на т.н. „сиви“ болни или лица кои не се внесени во официјалната статистика е поголем од оној кој го објавуваат институциите и нагласува дека подобро е за сите, како за Комисијата, така за матичните лекари, за здравствениот систем, но и за пациентите, сите кои се позитивни на коронавирусот да влезат во официјалната бројка со цел подобар увид на ковид-состојбата во земјата. Освен зголемениот број на капацитетите за тестирање што е воведен сега, д-р Мехмедовиќ вели дека не постои друго решение да се контролираат оние пациенти кои купуваат тестови за домашна употреба.