КОЈ ГО ИСТУРИ МЛЕКОТО ВО ВЛАДАТА? Попарени министри нетранспарентно молчат
Османи, но и вицепремиерот Бојан Маричиќ треба да одговараат за кривични дела по основ на две обвиненија. Тие треба да одговараат за делото вознемирување на јавноста, како и за злоупотреба на службената должност, бидејќи велат дека земјата била хибридно нападната, а притоа не приложуваат никакви докази, вели Боцевски.
Преговарачкиот процес меѓу Македонија и Бугарија се води нетранспарентно и далеку од очите на јавноста, што потоа резултира со ширење на дезинформации и невистини кои ја вознемируваат јавноста. Ова го тврдат нашите соговорници, кои без задршка констатираат нетранспарентност во преговарачкиот процес.
Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски смета дека нетранспарентноста во преговорите со Софија, е всушност резултат на кукавичлукот на владите од двете земји, кои тешко се носат со притисокот. Но, главен проблем според него е спинот на министерот Бујар Османи, дека Македонија се нашла под удар на хибриден напад, кога наводно од одредени кругови биле лиферувани дезинформации за т.н. „француски предлог“.
– Османи, но и вицепремиерот Бојан Маричиќ треба да одговараат за кривични дела по основ на две обвиненија. Тие треба да одговараат за делото вознемирување на јавноста, како и за злоупотреба на службената должност, бидејќи велат дека земјата била хибридно нападната, а притоа не приложуваат никакви докази – вели Боцевски.
Тој додава дека Македонија активно учевствувала во изготвувањето на предлогот, што неодамна премиерот Димитар Ковачевски го одби во Брисел.
– Сè уште сметам дека предлогот неоправдано се нарекува француски. Тоа е предлог изготвен од Ковачевски и од Петков и затоа треба да се вика според нив двајцата. Францускиот претседател Емануел Макрон јавно потврди дека во предлогот се содржани македонските предлози, а слична изјава даде и неговиот министер за надворешни работи. Ние уште не знаеме каков бил предлогот, а ниту знаеме што тоа Ковачевски одби во Брисел, бидејќи според тоа што го соопштија од Владата, предлогот не ни бил испратен. Индикативно е тоа што Марјан Забрчанец (Специјалист за односи со јавност) ги нападна јавно тие што беа против договорот, нарекувајќи ги подржувачи на проруска политика. Истиот тој Забрчанец по одбивањето на предлогот од страна на Ковачевски, го пофали премиерот дека водел антируска политика. Тука нешто не е јасно – порачува Боцевски.
Однесувањето на политичарите од владејачката коалиција, Боцевски го спореди со анегдота од младоста.
– Во една прилика моите помлади братучеди на мое големо изненадување беа многу мирни и послушно си цртаа. Тогаш во просторијата влезе баба ми, прашувајќи изнервирано кој го направи тоа. Одговорот на децата беше, ние не го истуривме млекото. Така е и со нашиве политичари, кои не го прифаќаат предлогот , иако тврдат дека не знаат што пишува во него – додава тој.
Меч со две острици
Дека преговорите се водат нетранспарентно не е никаква тајна, смета Владимир Перев, новинар во пензија и одличен познавач на односите меѓу Бугарија и Македонија.
– Факт е дека нема транспарентност во водењето на спорот и од двете страни. Факт е и дека се водат тајни преговори зад затворени врати. Транспарентноста во овој момент е меч со две острици, бидејќи би можело во јавноста да се дебатира за некоја работа, за која преговарачите допрва треба да пронајдат согласност – вели Перев, кој е сигурен дека дезинформациите и шпекулациите кои допираат во јавноста се резултат на апсолутната тајност на преговорите.
Владат се потпира на тесен круг луѓе
Проблемот на актуелната Влада во градењето на еден конзистентен, двонасочен и успешен македонско-бугарски комуникациски дијалог се состои во начинот на кој што таа влада дојде на власт. Политичкото насилство воедно со боите на шарената револуција го воведе волунтаризмот на политичката акција на коалицијата СДСМ и ДУИ и вулгаризацијата на реформскиот процес на прифаќање на европските реформи, односно приопштувањето на европските вредности кон македонскиот вредносен систем како единствена привилегија на таа коалиција, истакна Марјан Ѓорчев на трибината организирана од ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓорчев посочи дека начинот на кој се влезе во процес на потпишување на договорот со Бугарија, тогашната Влада предводена од двоецот Зоран Заев и тогашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров беше апсолутно погрешен кој што се базираше на ад хок стратегија која ја немаше во предвид бугарската позиција која што е градена 130 години и во која основа се состои синтагмата дека македонизмот не може во Европската Унија.
– За жал, во контекст на нашиот македонско-бугарски дијалог, начинот на кој што тогашните претставници од таа влада, двоецот Заев-Димитров влегле во подготовката на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, беше апсолутно погрешен базиран на ад хок стратегија, стратегија која што ги немаше вековните тенденции на бугарската држава за негација и на македонската во современ облик и пред тоа на македонскиот јазик, македонската култура и историја. Така што, уште тогаш владата немаше претстава силината на бугарската позиција која што е градена повеќе од 130 години и која што во основа се состои во една синтагма, Македонија како втора бугарска држава може во Европа, меѓутоа македонизмот не – вели Ѓорѓев.
Ѓорчев смета дека главна причина за тоа е што Владата во преговорите со Бугарија, се потпирала исклучиво на еден тесен круг на луѓе, проблемот е анализиран во затворена дебата помеѓу нив, без да се консултираат сите чинители во македонското општество, пред сè науката.