КОЈ ГО БИЛДА КВАДРАТОТ? Трговци-градежници ја кренаа цената на 2.000 евра

Градежници тврдат дека во секторот последниве години се влезени трговци кои внеле огромни пари, градат и си заминуваат. Во борбата за добивање локација за градење овие трговци им нудат високи цени на сопствениците на парцелите кај кои, пак, во меѓувреме сѐ повеќе растат апетитите.

5,227

Рекордно високи цени на становите во Скопје се забележани во последните месеци. Квадратот се продава и над 2.000 евра во централното градско подрачје. Градежниците велат дека овие цени се дел резултат на поскапените репроматеријали и поскапата работна рака, но поголемиот дел се резултат на вештачкото зголемување на цената на градежниот квадрат, односно на зголемените апетити на сопствениците на градежните парцели и влегувањето на голем капитал во градежништвото преку трговци – градежници кои купуваат парцели, градат и си заминуваат.

Градежниот Никола Велковски вели дека и покрај тоа што се инсистира да се прикаже цената на репроматеријалите во градежништвото како главен виновник за зголемување на цената на станбениот квадрат, тоа не е така.






– Цената на репроматеријалите на крајната цена на градежниот квадрат влијае само со 30 отсто. Остатокот го прават условите на пазарот кои ги диктираат градежни трговци и сопствениците на градежните парцели. Тоа значи дека ако квадрат станбен простор се продавал по 1.000 евра со поскапувањето на репроматеријалите би чинел 1.300 евра. Но во градежниот сектор последниве години влегоа трговци кои внесоа огромни пари, градат и си заминуваат. Во борбата за добивање локација за градење овие трговци им нудат високи цени на сопствениците на парцелите кај кои, пак, во меѓувреме сѐ повеќе растат апетитите. Па така, цената сега од 25 отсто нето изградена станбена површина од пред една година порасна на 30 отсто. Конкретна цена за градежен квадрат, меѓутоа, не може да се каже бидејќи од парцела до парцела таа се менува според желбите и апетитот на сопственикот на парцелата и желбата на градежниците да ја добијат. Но, ова зголемување секако го плаќа крајниот купувач на станот со тоа што ќе плати 1.800 или 2.000 евра за квадрат – вели Велковски.

Но, додава тој, за таа цена граѓанинот кој купува стан не добива и повисок квалитет на градбата на станот.

Според него, 10 градежни компании во земјава кои се активни и не се трговци-градежници, ни од далеку не можат да обезбедат пари за вакви цени на парцелите.

Градежниците се согласни дека започнатиот тренд на растот на цените на станбениот квадрат нема да запре и следната година бидејќи на сето ова дополнително ќе влијаат и повисоките цени на струјата и на другите енергенси кои влегуваат во крајната цена на градежните материјали. Дополнителен мотив за повисока цена е и растот на цената на трудот.

– Челичните профили и цевки поскапеа за 66 отсто и има најава дека дополнително ќе поскапат за уште 33 отсто. Металите учествуваат со околу 30 отсто во цената на градежниот квадрат. Нови повисоки цени има и на другите репроматеријали. Дрвната граѓа поскапе за 55 отсто, додека полимер бетонот е поскапен за 47 отсто, а геокомпозитот за 45 отсто – велат од Здружението за градежништво при Стопанската комора.

Од ова здружение побараа и намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за увоз на градежни материјали за кои ќе докажат дека се поскапени и доследно спроведување на Законот за облигациски односи во членот 656 за материјали чие поскапување битно влијае на компаниите или на граѓаните.

Градежниците се жалат и дека во изминатиот период и моментално некои општини имаат мораториум за градење при што се издаваат и помалку одобренија за градба, што дополнително влијае на намалување на градбата наспроти зголемената побарувачка на станови. Во прилог на ова говори и податокот на земени станбени кредити од граѓаните годинава. Податоците за ноември се дека на годишно ниво станбените кредити бележат пораст од 16,1 отсто.

Податоците од Државниот завод за статистика за октомври, пак, велат дека се интензивира градбата во земјава. Бројот на одобренија за градба е зголемен за 88,5 отсто. Дури 63, 1 отсто од одобренијата се во високоградбата. Предвидена е изградба на 2.311 станови, со вкупна корисна површина од 164.243 м2.

Податоците на Народната банка за цената на недвижнините покажуваат раст на цените во текот на целата година. Во првиот квартал растот изнесувал 3,2 отсто, во вториот 4 отсто, а во третиот квартал 5,9 отсто. Се очекува овој раст да биде повисок во четвртиот квартал од годината.

Моменталните цени на станови кои се градат во Скопје, огласени на веб огласниците се движи меѓу 950 и 2.000 евра за квадрат зависно во која населба се наоѓа градбата и кога е почната да се гради. На пример, во Капиштец може да се најде стан во изградба за 1.100, 1.250,1.350 но и за 2.000 и за 2.116 евра.

Поврзани содржини