Кој ги убива луѓето (2)

Зад превисоката смртност стојат подлабоки фундаментални причини. Три децении, спонзорите што нѐ одржуваат во живот како држава, бараа дерегулација на системот - да ја промовираме слободната конкуренција како панацеа за сите болести наследени од „тоталитарниот стејтизам“, значи мала, но ефикасна држава, флоскула во која, помалку или повеќе, пократко или подолго, сите паднавме во стапицата.

10,631

Починати според нашите здравствени институции

Земјотресот во 1963 испрати на „оној свет“ 1.050 граѓани на Македонија. Колку ли, точно, испрати ковид-19? Надлежните институции објавија дека бројот на починати од пандемијата на ден 21.07.2021. изнесувал 5.488 лица. Кога оваа бројка би била точна, кога се во прашање човечките животи, ни се случиле повеќе од пет катастрофални земјотреси како оној на кој деновиве се потсетивме. Од текстот што следува ќе видиме дека големата несреќа е најмалку двојно поголема, а ќе уследи и едно од можните објаснувања зошто е тоа така.






Починати според Институтот при Универзитетот Вашингтон (САД)

Институтот за здравствени мерења и проценки при Универзитетот во Вашингтон изградил методологија според која проценува колку луѓе починале како последица од вирусoт. Методологијата вклучува шест компоненти кои, според експертите од Институтот, влијаеле врз стапките на морталитет во одделните земји во светот. Тие се следниве:

а) порастот на вообичаената (пред пандемијата) стапка на морталитет, односно бројот на починати директно поврзани со корона-вирусот SARS-nCoV-2;

б) порастот на морталитетот поради задоцнетата или сосема одложена здравствена нега за време на пандемијата;

в) порастот на морталитетот поради зголемувањата на менталните нарушувања, вклучително депресијата, зголеменото консумирање алкохол и зголеменото користење на опоиди;

г) редуцирање на стапката на морталитетот поради намалувањето на повредите што резултира од општото намалување на подвижноста поврзана со задолжителните социјални дистанцирања;

д) редуцирање на стапката на морталитетот поради намалената трансмисија на други вируси, особено инфлуенца (грипот), респираторниот синцицијален вирус и сипаниците; и

е) редуцирање на стапката на морталитетот за бројот на починати од некои хронични болести, како кардиоваскуларната болест и хроничната респираторна болест, што се случува кога исцрпените индивидуи од основното заболување би имале фатален крај од овие болести, но починале порано од ковид-19.

Врз основа на резултатите од мерењата со вака конструиран индикатор, наведениот Институт, меѓу другото, ги рангирал 20-те земји во светот (медиумите во Македонија регистрираа дел од оваа информација во месец мај) кои имаат највисока стапка на починати како последица од пандемијата.

Редоследот на овие земји е следен:

Да издвоиме барем неколку сознанија од оваа табела.

Македонија, не само што се наоѓа во групата од 20 земји со највисока смртност (што е вистинскa трагедија и срам) туку таа е и во првите шест од нив.

Институтот вели дека, заклучно со месец април, македонските власти известиле за 237,1 починати од ковид-19, на секои 100.000 жители. Македонија, според Државниот завод за статистика, брои 2,1 милион жители. Ако се помножат 237,1 починати со 21 (во 2,1 милион жители има 21 пати по 100.000 жители), излегува дека бројот на починати од ковид -19 во Македонија заклучно со април изнесувал 4.979,1 жители.

Но, Институтот од Вашингтон (IHME) пресметал дека во Македонија, во тој период, не починале 237,1 жител, како што известувале надлежните од државата, туку 482,3 лица на 100.000 жители. Тоа, пак, значи дека во Македонија не починале „само“ 4.979,1 жител (до крајот на април) туку 10.128, односно за нешто повеќе од два пати од тоа што соопштиле нашите државни органи. (Имено, 482,3 помножено со 21 ја дава токму таа бројка). Ако на оваа бројка се додадат и дополнително починатите за месеците мај, јуни и јули, јасно е дека вкупниот број на починати според методологијата на Институтот од Универзитетот Вашингтон, ќе биде помеѓу 11.000 и 12.000.

Број на починати изведен од извештаите на Државниот завод за статистика на Македонија (ДЗС)

Ако некому не му се допаѓа оваа „сложена“ методологија на наведениот Институт за утврдување на фактичката состојба на починати како последица од ковид-19, односно има забелешки на таквата методологија, ќе направиме друг вид на проверка на (не)точноста на објавените податоци од нашите здравствени институции. Ќе се послужиме со податоците на ДЗС кои ги објавува со големо задоцнување. Имено, ДСЗ вели дека во период од пет години, заклучно со 2019 во Македонија умирале секоја година приближно по дваесетина илјади жители. Просечно месечно по околу 1.700 граѓани (мажи, жени деца). Во 2020 година, ДЗС соопштува дека починале вкупно 25.049 граѓани на Македонија. Над 5.000 повеќе од просекот.

ДЗС, исто така, информира дека во првиот квартал на 2021 починале 6.925 жители, што е меѓу 1.800 и 1.900 жители над кварталните просеци пред пандемијата. Со ланскиот вишок на починати над неколкугодишниот просек (плус 5049) и со овој од првиот квартал (плус 1.800 до1.900) доаѓаме до близу 7.000 починати над просеците од пред пандемијата. Но, во овие податоци не се вклучени податоците од вториот квартал на 2021 (април, мај, јуни) зашто ДЗС податоците за вкупниот број на починати и родени ги објавува со три месеци задоцнување. Во земјите од Европската Унија истите податоци се објавуваат на неделна основа, а во Британија ваква статистика постои од 1990 година. Дури, и овие податоци на ДЗС, за првиот квартал од оваа година сѐ уште се со ознаката, „претходни“. Според тоа кога, конечно, ќе пристигнат податоците за починатите и за вториот квартал од годинава, повеќе од веројатно е дека нивниот број собран до овој момент од постоењето на вирусот, ќе биде поголем за најмалку 11.000 над просечниот за истата временска секвенца од пред пандемијата. Тоа значи, двојно повеќе од бројот на починати објавен од нашето Министерство за здравство и не баш различно од пресметките на IHME (Институтот за здравствени мерења и проценувања при Универзитетот Вашингтон, САД).

И, кога сме сѐ уште кај бројките за починатите, да потсетам на уште една запрепастувачка информација. Пред нешто повеќе од една седмица, во пладневното информативно издание ТВ Канал 5 објави информација од Институтот за јавно здравје, која гласеше: околу 44 проценти од хоспитализираните пациенти во Македонија не се вратиле живи дома. Но, информацијата брзо ја снема, без заслужените коментари, како да им избегала од контрола на контролорите на вистината. Ужасно, зарем не? Или, Бог да чува од бетер?

Дали Македонија, според степенот на (не)развиеност, треба да биде перјаница во светот кога е во прашање стапката на смртност од ковид-19?

Кога би постоеле само европските држави, не би било никакво изненадување Македонија да биде меѓу првите земји што најлошо се справуваат со последиците од ковид-19. Зошто? Затоа што според најголемиот број економско-социјални индикатори, заедно со останатите држави од т.н. Западен Балкан, цврсто стои на дното во Европа. Кога е во прашање, пак, вкупниот број земји во светот, тоа е вистински срам.

Имено, ООН секоја година објавува годишен извештај за човечкиот развој на сите земји во светот. Во него секоја година го соопштуваат и синтетизираниот индикатор, наречен „Human development index“ според кој (уште од 1990 година) се составува ранг-листа за човечкиот развој во која се наредени скоро сите држави во светот. (Патем, во овој индикатор имаат вложено ум корифеи на економската наука во светот од рангот на нобеловците Џозеф Стиглиц (Joseph Stiglitz), Амартија Син (Amartya Sen) и слични. Според овој индекс, Македонија последниве години се наоѓа некаде околу осумдесеттото место на листата од близу двесте земји. Значи, нѐ сместуваат, иако една од најнеразвиените во Европа, некаде во средината на светската ранг-листа. Но, ете, според бројките, кои покажуваат како се справуваме со пандемијата, се чини дека сме во групата на најнеразвиените земји во светот. И, тоа мора да има објаснување.

Епидемијата ја дотолчи Македонија, ја покажа таква каква што е: перманентно расуло

Значи, видовме дека сме на самиот врв во светот според висината на стапката на починати од ковид-19, со ужасното сознание дека скоро секој втор примен во здравствените институции не се вратил дома жив. Би требало да бидеме вџашени од наведените факти, ако ги слушаме секојдневните бајки на министерот за здравство, Филипче и на некои други лица од власта кои цело време како џубокс машини, со говор од гркланот, неуморно повторуваат дека ситуацијата целосно ја контролираат, дека ги преземаат навреме сите потребни мерки. Ако пак изложиме само дел од стотиците и стотици, да не кажам илјадниците доживеани судбини на семејствата за тоа на кој начин нивните сакани ја загубија битката со корона-вирусот, ќе видиме уште појасно зошто Македонија е потоната во губитништво и дезориентација и дека ништо повеќе не го оголи расулото на македонската држава отколку оваа пандемија.

Од тие исповеди (благодарност за пожртвуваноста на малиот број медицински персонал) може да видиме: како пациентите биле третирани од немоќните матични доктори ширум државата; како не можеле навреме, или воопшто да добијат болничко сместување, за потоа, откако починале, да им се кажува на блиските и на јавноста дека не се јавиле навреме; со какви протоколи се лекувани; како некои безглаво бегале од некои државни болници, гледајќи го лошиот третман и полнењето на црните вреќи; колку се задолжиле одејќи на лекување во приватните болници, со надеж дека таму ќе преживеат. Би било корисно секој да ја прочита потресната исповед на новинарот Сашо Ангелески (објавена во „Женски магазин од 28 јули годинава) за тоа низ што сѐ минале во битката за спас на неговата, на крајот сепак почината 24-годишна ќерка Симона, зашто токму тој пример е вистинската слика за состојбата во нашето здравство и за начинот на „успешното справување“ со пандемијата.

Нема лекови и адекватна здравствена нега, има изобилство вештачки образи

Наспроти грдата стварност која вреска, надлежните институции и лица имаат друга: бришат стварност, пишуваат дека сме Шангри Ла. Вештачките образи се менуваат секој ден – ги има во безброј варијанти. Само нема бројни важни лекови, нема чисти болници, нема доволен број и доволно квалитетен медицински персонал; нема грижа на совеста, нема трошка емпатија и има бесрамна навреда на починатите и нивните зацрнети семејства. Еве неколку изјави и пози како да сме земјата на Џејмс Хилтон, опишана во неговиот роман „Загубениот хоризонт“.

Министерот Филипче, 14 февруари, 2020 (Макфакс) по средбата во канцеларијата на СЗО, меѓу другото изјави: „Целиот систем е спремен, како превентивниот така и системот за препознавање и системот за транспорт. Спремни се одделенијата во инфективните болници, имаме во овој момент сосема доволно опрема…“

На 4 февруари, оваа година, во изјава за ТВ24, уште подрско и побезобразно вели: „Не потфрливме во набавката на вакцини, ние го имаме еден од најподготвените системи за набавка на вакцини…“

Кога подоцна ќе почне да се ниже бројот на мртвите и кога ќе се види дека стануваме негативна перјаница, истиов ќе каже, запрепастувачки навредливо и за мртвите и за нивните семејства: „Не е најдобар критериум бројот на мртвите“ за оценување на (не)успешноста на политиките и мерките.

Кога пак притисокот од грдите факти уште повеќе се зголемуваше, неговата и вината на државата веднаш ја дислоцира кон други адреси, па, почна постојано да повторува: „Никој не може да се справи со вирусот ако граѓаните не ги почитуваат мерките“ (А зошто служат институциите на државата?) и ако „медиумите не престанат да изнесуваат спекулации и непроверени информации за бројот на заболени. Тоа внесува конфузија кај населението и недоверба кон институциите“. Овој нов казуист во редовите на СДСМ, покажа неверојатна способност за монополизација на информациите. Ништо без негова дозвола. Ги папса и оние ретки новинари кои на почетокот се обидуваа да поставуваат логични прашања, со одговори без одговор, со полуинформации, со „ќе провериме“, со еклатантни невистини. Па и тие, скоро неми и исплашени, почнаа да му пречат.

Радмила Шекеринска, која никогаш нема проговорено за свињариите на нејзините сопартијци и нејзината партија, а на другите им посоли памет да не шепотат, туку да зборуваат, веднаш, како вистински министер за одбрана, притрча да помогне со изјава која инстантно стана хит за мајтапење на социјалните мрежи, велејќи: „Она што го правевме… е да ги добиеме вакцините без некој да каже дека ние го нудиме нашето население за тестирање… Тоа не го направивме (набавката) зашто сакавме да прифатиме практично завршен период на тестирање“ (ТВ Сител, 28.01.2021). Истиов борец против молчењето и шепотењето, на 07.02. оваа година, на ТВ Телма, со нов дострел: „Не брзаме со определувањето на бројот и видот на вакцините за да не ни останат непотрошени“. Значи, не брзаа да набават вакцини за да не „експериментираат“ со нашите граѓани, наспроти сите влади на западните земји (кои се „неодговорни“). Не брзаа да набават и да се определат за видот на вакцината за да не им останат непотрошени (големи домаќини). Произлегува дека само луѓето се quantite negligeable. Имено, се одлучија да го тестираат природниот имунитет на своите граѓани и видовме: добивме запрепастувачки голем број мртви – со што нѐ сместија во првите шест најлоши земји во светот.

Претседателот Пендаровски (без потреба) во обид да се правда зошто не е како Вучиќ, ни кажа дека „се јавувале секаде, по служби, држави… па и преку единствениот наш нобеловец кој бил член на бордот на „Фајзер“, ама оттаму им одговориле дека „не ги интересираат земји под два милиони жители“. (Плусинфо, 11.03.2021) Прилично се помачи да каже дека никој не нѐ „есапи“ или не ги „есапи“ за ништо. Арно ама, министерот Филипче веднаш го исправи – „не разговарале со „Фајзер“ туку со „Модерна“, дека тој „направил лапсус“.

Потоа, се случи, Пендаровски да каже една очигледна вистина дека „граѓаните се оправдано незадоволни од досега направеното… дека сликите од Србија (Ниш и Белград) се срам за нас… и дека нашата држава мора да се грижи за своите граѓани“ (30.03.2021, изјава по седницата на Советот за безбедност). Овој пат не беше „исправан“, беше искаран и од министерот Филипче и од премиерот Заев… и тој си знае уште што! Им избега од контрола уште една изјава, кога епидемиологот Александар Стојанов, уште на 24.07. 2020, искрено изјави: „Нашиот систем не може да издржи голем број на тестирања“. Внимавајте, тестирања, а не нешто друго.

Заев, како секогаш, посебна приказна. Еднаш ќе рече дека со вакцините задоцниле затоа што „се држеле до западните партнери“, другпат ќе рече: „Ако земеме 2, 3, 5 илјади вакцини, што ќе правиме со тоа? Ќе се натпреваруваме со други дека нешто сме направиле? Трет пат ќе го поздрави лажното ветување на Борисов дека Бугарија ќе ни подари 5 до10.000 вакцини, а пред тоа ќе позира на границата со Србија за неколку илјади вакцини во функција на пропагандата на Вучиќ, и ќе го мести вештачкиот образ да оддава задоволно дете што добило сладолед од некој возрасен, промовирајќи го тоа понижување како чин на голем дострел во соработката на братските народи на Балканот. Па, според изјавите, произлегува дека не се знае: сакале, не сакале или не можеле да набават вакцини. Во меѓувреме, со министерот за здравство, преку посредник, ќе се обидуваат за двојно повисока цена од продажната да набават кинески вакцини преку Хонг Конг од една од најцентрализираните држави на светот, каде провизиите остануваат во кругот на државните и партиските функционери, а не кај белосветски посредници „пронајдени“ од нашите „државници“.

И, така, лаги, лаги, лаги… и одеднаш „се истура“ реалноста. Морфеус во Матрикс би рекол: добредојдовте во пустината на реалноста. Распиштолените лажговци, пијани од значењето на функциите и мирисот на пленот, и самите почнуваат да веруваат во своите лаги. Секој ден нови навреди на здравиот разум, нови лаги и гротескни позирања. Ќе се згнат, на пример, до Струмица (зашто директорот на болницата ги изненадил со искрената изјава) и Заеви ќе ѝ подарат на болницата возило купено на старо со негов личен благослов „да се служат со него со децении“. Како да не знае дека болницата има такви уште од времето на Јосип Броз. Министерот, директорот и неколкуте вработени (по службена должност) ракоплескаат пред камерите. Истото и во Дојран, донација од приватник, а министерот го посветил денот да се слика до подареното возило.

Подлабоките причини за големата смртност

Сепак, зад превисоката смртност стојат подлабоки фундаментални причини. Три децении, спонзорите што нѐ одржуваат во живот како држава, бараа дерегулација на системот – да ја промовираме слободната конкуренција како панацеа за сите болести наследени од „тоталитарниот стејтизам“, значи мала, но ефикасна држава, флоскула во која, помалку или повеќе, пократко или подолго, сите паднавме во стапицата. Се гаснеа стари институции, се формираа нови. Се правеа напори да се истисне државата, очигледно и од таму каде што треба и од таму каде што не треба. Паролата на денот беше: „Јавниот сектор треба да покаже иста ефикасност како приватниот“. Демек, и за него важи логиката на профитот. Се заборави дека има домени во општеството што не можат да се подведат под профитната логика (што не значи дека треба да се игнорира штедливоста и потребата од ефикасност во работата) и доколку не се регулирани, третирани организирани и бранети, како јавно добро од организирана држава, тешко на мнозинскиот дел на народот во таа држава.

Секторот на јавното здравство е еден од тие домени. Речиси експлицитно се туркаше во процес на комодификација – божем здравјето е како и секоја друга роба и кој сака да ја има, ќе си ја купи на пазарот. И последниот министер, како нов социјалдемократ, заедно со неговиот нов лидер кој вели дека „сепак и јас сум социјалдемократ“, тргна во дополнителна распродажба и разградување на јавното здравство. Се сеќавате (не нè погодиле сите амнезија и аналгезија) започна со отстранување на детската хирургија од јавниот сектор, потоа ја промовираа идејата и за приватизација на брзата помош, во меѓувреме трошејќи огромна енергија, во партнерство со приватниот сектор, на местење на повеќе тендери, по мерак и на новиот „бизнис-ориентиран“ премиер и нормално, на големо задоволство на старо-новата фармацевтска тајфа околу нив.

И, гледајте чудо: на 10.06.2021, овој министер ќе изјави: „Сега гледаме колку бил важен здравствениот систем“. Ако во тоа „сега гледаме“ се сместува и себеси, тогаш штета што му бил советник на Никола Тодоров, кој исто така туркаше комодификација на здравството и штета што бил именуван за министер за здравство. Пред да дојде на тие функции и до појавата на пандемијата, како да не знаел колку е важно здравството и за кого. Ако мисли на други, пак, треба да ги каже за да знаеме кои се тие што оневозможувале здравството да биде важно во нашите животи. Неговите претходни, или неговите сегашни. И политичари до кои се лепел и министри, негови колеги по струка, за кои можеби шепотел, како Радмила, а никогаш јавно не проговорил. Но, како и да е, од вакво незнаење, или занемарување на таквото знаење потиснато од лукративни причини, во Македонија умреа толку многу луѓе.

Втората голема причина за катастрофата е осакатениот фискален потенцијал во времето на избеганиот „патриот и борец за македонски правдини“, кога јавниот долг беше зголемен од околу 24 на близу 50 проценти од БДП.

Третата причина се самите мерки за неширење на пандемијата. Во нив клучно значење имаа: одржувањето физичка дистанца помеѓу луѓето и тестирањето, изолирањето на заболените и најважно, вакцинирањето. Мерките најчесто доцнеа и претежно се кршеа. Нивното непочитување беше најголемо од тие што ги пропишуваа. Се забрануваше вршење на економски активности, се дозволуваа крајно неразумни верски собирања. Им се угодуваше на алчните верски лидери („Парите се отепувачка“); се организираа политички собири, во исто време кога се забранети економски активности и се казнуваа помали собирања и неносење маски на отворено (Власта е опиум, или како што вели Кисинџер, најголем афродизијак); се организираа предвремени избори (во Штип) за градоначалник за мандат пократок од една година, за да се истера кадровската комбинација со новиот министер за транспорт, како подобен за бизнис комбинациите на „бизнис крилото од Источна Македонија, кое ги начека своите „пет минути“; додека еден дел од „ресторантско-кафеанската“ бранша не смееше да работи, пријатели и роднини на власта во најголемиот пик на епидемијата собираа на ноќни журки и по повеќе стотици млади луѓе. Набавката на вакцините, видовме зошто не им се брзало, доживеа целосно фијаско. И сѐ уште сме земја со исклучително низок процент на вакцинирано население, а тоа беше клучот да се намали смртноста и да се обнови економско-социјалниот живот.

И, наместо да се реагираше посоодветно на наведените прашања, слушаме небулози дека бројот на мртвите не е најдобар индикатор за (не)успехот на здравствените политики. Но што да се прави. Имаме власт во согласност со една изјава на еден работник од Србија за тоа што мисли за претседателот Вучиќ. На новинарското прашање тој одговори: „Подобар немаме, полош не можеме да најдеме!“

Поврзани содржини