КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ ШЕФ НА ЕУ? Меркел ги брои деновите до пензија, три имиња се во игра
Дискусиите за наследникот на Меркел во Европа се водат од крајот на 2019 година, кога таа најави дека ќе се пензионира по парламентарните избори и формирањето на новата влада во Германија.
По 16 години доминација во Европа, Ангела Меркел за неколку дена ја напушта политиката. Со нејзиното заминување, функцијата шеф на Европа, неофицијалната титула што ја имаше, останува празна. Дали Олаф Шолц, наследникот на Меркел како германски канцелар, ќе може да ја преземе таа улога или сега со Европската унија ќе се управува од Париз или Рим?
Дискусиите за наследникот на Меркел во Европа се водат од крајот на 2019 година, кога таа најави дека ќе се пензионира по парламентарните избори и формирањето на новата влада во Германија. Најчесто споменувани имиња се Емануел Макрон, кој оваа позиција практично ја мерка уште од првиот ден од неговиот мандат како претседател на Франција, потоа премиерот на Италија, Марио Драги и Олаф Шолц, човекот кој ќе ја предводи првата германска пост-меркелова влада.
Олаф Шолц

Многумина по инерција го видоа Шолц во фотелјата на Меркел. Аналитичарите генерално се согласуваат дека нема многу да се промени дома кога тој ќе стане канцелар. Кога станува збор за европската политика, за време на кампањата во Германија не се зборуваше многу, но судејќи по улогата што Шолц ја одигра во формирањето на фондот на ЕУ за закрепнување од вирусот ковид-19 во износ од 750 милијарди евра, новиот канцелар ќе ја следи политиката на Меркел.
Исто така, во коалицискиот договор потпишан од СПД, ФДП и Зелените наведуваат дека „задачата на новата влада како економски силна земја во срцето на Европа е да ја промовира и унапредува суверена Европа“.
Шолц би бил под притисок да ја преземе водечката улога во прашања како што се креирање политика за бегалците заснована на солидарност – нешто што Меркел не успеа да го постигне – како и предизвикот да ги води реформите во животната средина и да го поврзе со економскиот раст. Тој е повеќе прагматичен отколку визионер, но тоа повеќе ќе ги убеди отколку да ги одврати неговите идни колеги, пишува Гардијан.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека Шолц, искуството што го имаше како министер во владата на Меркел, можеби нема многу да помогне, бидејќи времињата се менуваат.
– Меркелизмот веројатно нема да ја надживее Меркел бидејќи на ЕУ ќе и треба визионерска и храбра Германија за да ги зајакне своите темели и да го одбрани своето место во светот – велат Пјотр Бурас и Јана Пуглиерин од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) за Еурактив.
Марио Драги

Шпанскиот премиер Педро Санчез го опиша својот италијански колега и поранешен шеф на Европската централна банка, Марија Драги како „маестро“.
– Секогаш кога Драги зборува пред Европскиот совет, сите ние молчиме и слушаме. Тоа не е нешто што често се случува – изјави Санчез.
Драги, кој ја презеде функцијата премиер на Италија во февруари, имаше слично влијание врз куп непослушни политички партии кои ја сочинуваат неговата широка коалиција, дури и ги убеди да се договорат за голем број различни прашања, вклучително и воведувањето на ковид-пасоши.
Владата на Драги ја спаси програмата за вакцинација на земјата, ја заживеа економијата и усвои изводливи мерки за борба против инфекцијата со коронавирусот.
Најчесто го опишуваат како прагматичен, смирен, решителен и човек кој не се плаши да каже како е, па често го сметаат за најдобар потенцијален наследник на Меркел.
– Драги може да донесе нова динамика во клучните сектори на европската интеграција, од реформите на економското управување до надворешната политика и одбраната, во соработка со Франција и новата германска влада – изјави за АФП, Николета Пирози од Институтот за меѓународни односи во Рим.
Претседателските избори во Италија на почетокот на 2022 година би можеле радикално да ја променат сликата, бидејќи Драги се претставува како еден од потенцијално најсериозните кандидати во таа трка.
Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон често и многу зборува за својата визија за Европа. Неговото мислење е дека Европа е „премногу слаба, премногу бавна, премногу неефикасна“. Пред четири години на Сорбона, тој рече дека „ЕУ мора да се справи со своите недостатоци“ сè уште е на истиот став.
Бројни аналитичари сметаат дека заминувањето на Меркел му го отвора патот на амбициозниот претседател на Франција да стане шеф на Европа и да ги спроведе реформите кои ги смета за неопходни.
Меѓутоа, за тоа да се случи, Макрон мора прво да надмине една домашна пречка – претседателските избори во април следната година. Анкетите засега му даваат предност пред најсериозната конкурентка Марин Ле Пен. Макрон води со 24 наспроти 18 проценти.
Пред Французите да излезат на избори во април, Франција ќе го преземе претседавањето со Европската унија на 1 јануари 2022 година, што може да биде идеална можност Макрон да се наметне како нов лидер.