„Книга за Чинго“ – македонскиот Орвел и Кафка од Пандев и Ѓорѓо Димоски

Во македонската книжевност Чинго влезе кон крајот на педесетите години на минатиот век. Уште во своите први раскази, објавени во периодиката, тој го сврте кон себеси вниманието на книжевната јавност, а блесна веќе со првата збирка раскази „Пасквелија“.

353

Општина Охрид, која ја организира традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“, во неговото родно Велгошти, крај Охрид, издаде „Книга за Чинго“ што ја приредија професор д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Во делото, на 357 страници, поместени се бројни прилози од еминентни имиња, научни трудови, есеи, записи, спомени, осврти и други жанрови низ кои се претставуваат вредностите на делата на еден од бардовите на современата македонска литература.






– Книгата е посветена и претставува еден опсежен книжевен портрет на писателот Живко Чинго, несомнено, еден од најеминентните македонски, балкански и европски писатели. Таа е комплексна и преку бројни толкувања, есеи, согледби и огледи од повеќе автори го расветлуваат комплексното дело на Чинго, но има и текстови за кои самиот тој е инспирација – вели поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Застапени се повеќе домашни и странски автори, меѓу кои: Димитар Митрев, Милан Ѓурчинов, Георги Старделов, Матеја Матевски, Петар Т. Бошковски, Слободан Мицковиќ, Луан Старова, Јадранка Владова, Кшиштоф Вроцлавски, Олга Панкона, Маќеј Кафка и други.

Збогатена е со поглавја во кои Чинго за повеќе писатели е инспирација: „Чинго во песни“ (Анте Поповски, Јован Котески, Ристо Лазаров …), „Чинго во раскази“ (Васе Манчев, Крсте Чачански, Коста Фортомар …), „Чинго во анегдоти“ (Трајан Мартиновски), „Чинго во спомените на писателите“ (Петар Т. Бошковски, Луан Старова, Волф Ошлис, Кшиштоф Вроцлавски, Влада Урошевиќ, Ристо Лазаров и други).

Окосница е текстот на Димитар Пандев: „Јазикот на Чинго меѓу стилските синтези на Конески и јазичните слоеви на Ѓурчинов“.

Издавањето се совпаѓа со 86-годишнината од раѓањето и 34-годишнината од смртта на големиот охридски и македонски писател и раскажувач.

Во македонската книжевност Чинго влезе кон крајот на педесетите години на минатиот век. Уште во своите први раскази, објавени во периодиката, тој го сврте кон себеси вниманието на книжевната јавност, а блесна веќе со првата збирка раскази „Пасквелија“.

После ова книжевно откровение, од 1961 година, следеше втората книга раскази „Нова Пасквелија“, а потоа романот за деца „Сребрени снегови“, како и вториот роман „Големата вода“, по која е снимен и истоимениот филм.

Книгата раскази „Вљубен дух“ е објавена во 1976 година, на српскохрватски јазик.

Овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика.

Неговото творештво е високо вреднувано од критиката, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и на германски јазик.

Познавачите нагласуваат дека врз Чинго влијаел рускиот класик Исак Бабељ, кој бил негов духовен татко, меѓутоа на една трибина, од врвни македонски есеисти и литерати, можеше да се слушнат и споредби дека Чинго е истовремено македонскиот Орвел и Кафка.

Живко Чинго, покрај Петре М. Андреевски, е најистакнатиот раскажувач, додека природата и силата на неговиот талент се нешто исклучително во македонската литература. Академик Милан Ѓурчинов, за него се произнесуваше како за великан на македонската уметничка проза, грандиозна хуманистичка и етичка вертикала, својствена на великаните на светската литература.

Чинго умре млад, на 50 години, но зад него останаа 14 наслови книги. Со самата појава во литературата предизвика експлозија во Македонија и во тогашната југословенска заедница. За него пишуваше литературното списание „Дело“ на Оскар Давичо, делата му беа преведувани на тогашниот српско-хрватски јазик, но бргу станаа своина на светската литeратура. Во Париз, романот „Големата вода“ е објавен во елитна едиција, заедно со Марија Цветаева и со Иво Андриќ, додека францускиот печат пламна со написи за Чинго. Веднаш потоа беше објавен и на руски јазик, како и „Пасквелските раскази“, наведува Ѓурчинов.

– Сметам, за секогаш ќе остане сиромав оној писател што ќе замижи пред сегашноста, но најголема казна ќе падне врз лицето на најталентираните автори ако рамнодушно се однесат кон своето време. Се разбира, многубројни се дилемите, работата претешка, неблагодарна, – но искрениот творец никогаш не калкулирал, тој мора да биде на прва линија – ќе рече Чинго запрашан како во неговото творештво влијаат моралните и творечките дилеми на сегашноста и минатото.

Најновото издание на општина Охрид „Книга за Чинго“ ќе биде промовирано на годинашната културна манифестација „Вечер на Чинго“.

 

Поврзани содржини