КЛУЧНИОТ ГРАД КОСТЈАНТИНИВКА ПОД ИНТЕНЗИВЕН РУСКИ НАПАД Кремљ напредува бавно, но постојано на источниот фронт

Костјантинивка се смета за една од главните цели на руската армија, а украинските сили со месеци го бранат градот од постојани напади. Локалните власти ги повикаа жителите, кои сѐ уште се таму, да се евакуираат поради разурнатата инфраструктура.

1,095

Портпаролот на украинските сили од источниот фронт, Виктор Трехубов, за агенцијата Укринформ изјави дека градовите Костјантинивка и Покровск се клучни жаришта на борбите и дел од стратешките цели на Русија.

Украинскиот врховен командант, Олександр Сирски, во саботата предупреди дека руските сили започнале нов офанзивен бран кон важен град на истокот, додека од Москва пристигнуваат тврдења за напредок на фронтот југозападно, објави Ројтерс.






По неуспешниот обид за брзо освојување на Киев во првите недели од инвазијата во февруари 2022 година, руската воена стратегија се префрли на заземање на целиот Донецки регион.

Костјантинивка се смета за една од главните цели на руската армија, а украинските сили со месеци го бранат градот од постојани напади. Локалните власти ги повикаа жителите, кои сѐ уште се таму, да се евакуираат поради разурнатата инфраструктура.

Сирски на Телеграм објави дека областа околу Костјантинивка е под силни напади, но и покрај тоа што Русија трпи сериозни загуби, не постигнала значаен пробив. Тој додаде дека руските сили се обидуваат да ја пробијат украинската одбрана на 3 различни оперативни правци.

Истовремено, украинските сили минатата недела успешно одбиле силен напад кај селото Јаблуновка во североисточниот Сумски регион, каде што руските сили се обидувале да воспостават безбедносна зона на украинска територија.

Руското Министерство за одбрана, пак, објави дека нивната армија го зазела селото Червона Зирка, лоцирано во близина на административната граница со Дњепропетровскиот регион, што претставува нова точка на судир подалеку од главниот источен фронт.

Руското напредување на истокот е бавно, но континуирано, со секојдневно заземање нови населени места, што резултира со големо уништување на инфраструктурата. Москва и понатаму условува мир со признавање на нејзината контрола врз четирите украински региони: Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон – иако досега не е целосно заземен ниту еден од нив.

Во последните недели, Москва тврди дека напредува и во регионот Дњепропетровск, кој се граничи со Донецк и Запорожје, но украинските власти ги негираат тие наводи.

Поврзани содржини