КЛУЧНИ 5 ПРОЕКТИ ЗА КАРПОШАНИ Весковски најави катна гаража, градинки, голем парк
Преку дисперзирање и планска хумана урбанизација на просторот кон Злокуќани и Бардовци ќе овозможиме намалување на притисокот врз урбаниот дел од Општината, оставајќи силно посветени на заштитата на животната средина, рече Весковски.
Најдоброто за Карпош нуди богата програма на проекти со цел подобар, поурбан и позелен живот во општината, но клучни се 5 проекти кои им се неопходни на жителите, вели Душко Весковски кандодат за градоначалник на Карпош од СДСМ.
– Изградба на катна гаража околу комплексот ТЦ „Лептокарија“, со зелен парк над гаражата Со ова ќе се надмине предизвикот со недостиг на паркинг-простор во овој централен и најфреквентен дел од Општината, односно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето на резидентите, но и на посетителите на објектите во комплексот на ТЦ „Лептокарија“. Нудиме две решенија за овој предизвик: Катна гаража на просторот зад ТЦ „Лептокарија“ – Со реализацијата на овој проект не само што ќе се реши деценискиот проблем со паркирањето на автомобилите околу овој центар во срцето на Карпош туку ќе се збогати и хуманизира просторот околу објектот – вели Весковски.
Според него, карпошани заслужуваат скапоценото време да го поминуваат со своите семејства во своите домови, а не да го трошат во потрага по место за паркирање. Во оваа насока, ќе ги испитаат можностите и потребите од воведување зонско паркирање, но само на критичните и високофреквентни места во Општината.
– Изградба на две нови детски градинки и реконструкција/обновување на постојните капацитети. Планираме да изградиме по една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алумина“, со што значително ќе се подобри капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани. Тоа, пред сè, ќе значи згрижување на сите дечиња од предучилишна возраст што се на листите на чекање, но и можност за отворање нови работни места. Новите детски градинки ќе бидат во согласност со најновите стандарди, енергетски ефикасни, со многу зеленило, и со површини за спроведување рекреативни и спортски активности на дечињата во текот на нивниот престој – најави тој.
Весковски додаде дека во рамките на можностите и потребите, ќе извршат и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив.
– Изградба на големиот зелен парк спроти населбата Карпош. Активностите за реализација на овој заеднички проект со Град Скопје и сите јавни претпријатија се веќе започнати со расчистувањето на теренот што беше користен како дива депонија. Нашата цел е веднаш да продолжиме со реализацијата на овој проект, во заедничка координација со Град Скопје, со што на површина од 60.000 м2 ќе се изгради ботаничка градина и рекреативни содржини и ќе се подобри квалитетот на урбаното живеење на карпошани, но и ќе придонесе за зголемувањето на зелените површини во Општина, за најмалку 15% до крајот на 2025 година – вели Весковски.
Кандидатот додаде дека живееме и работиме во време на дигитализација и брз напредок на технологијата, но во ниеден момент не смееме да заборавиме на спортските и рекреативни активности, маалскиот живот, дружбите, детската смеа по парковите, првите симпатии на некоја „наша клупа“, пензионерските денови минати во дружба со пријателите и една партија шах, младите брачни парови со својата принова во количките … Паркот во Карпош 4 ќе биде токму тоа место каде што ќе секојдневието ќе добие поинаква димензија и каде што ќе дозволиме времето да застане, барем за еден миг. Карпошани го заслужуваат тоа.
– Основање Младински центар во Општина Карпош. Преку реконструкција и адаптација на библиотеката „Другарче“, а во соработка со Градот Скопје и Агенцијата за млади и спорт, нашата цел е да основаме Младински центар на Општина, каде што сите карпошани, а особено младите, ќе имаат можност да го зголемуваат и да го прошируваат своето знаење и да разменуваат мислења и искуства. Културниот живот е една од главните одлики на Карпош, а библиотеката „Другарче“ буди многу спомени кај многумина од нас и постарите генерации. Младите генерации заслужуваат да бидат дел од оваа приказна. Проектот предвидува екстерно реновирање и обнова на објектот, и негово внатрешно уредување, зголемување на фондот на литература за сите возрасти, осовременување на читалницата, со овозможување дигитален пристап до одредена литература, заживување на киносалата, изградба на сензорна соба со која ќе овозможиме инклузија на децата со попреченост, како и создавање можности за реализација на голем број работилници, едукативни, културни и други настани – најави Весковски.
Дисперзирање и планска хумана урбанизација на просторот кон Злокуќани и Бардовци е еден од петте битни проекти.
– Нашата цел е да не дозволиме урбаниот хаос предизвикан од непланската урбанизација и градежната инвазија што во минатото му се случи на Скопје да го окупира и нашиот Карпош. Свесни сме дека интересот за живеење во Карпош, во срцето на Скопје, е голем и затоа преку дисперзирање и планска хумана урбанизација на просторот кон Злокуќани и Бардовци ќе овозможиме намалување на притисокот врз урбаниот дел од Општината, оставајќи силно посветени на заштитата на животната средина. Урбанизацијата на овој дел од Општината и Градот Скопје ќе биде изведена на начин што ќе обезбеди спречување на целосната бетонизација, создавање нови зелени површини и заштита на животната средина. Како дел од овој мегапроект ќе биде и изградбата на зелен пазар во Бардовци, кој ќе биде наменет, пред сè, за производителите на земјоделските производи од нашата Општина, кои се широко барани на пазарите во градот – рече Весковски.