Клучен пресврт
Треба да си наивен и слеп, та да не согледуваш дека војната против македонскиот народ се води организирано, упорно и посветено од самиот распад на Југославија, а започна неколку години и пред тоа!
Малкумина во државава се свесни дека клучниот пресврт во однос на политиките кон Македонија, симболизирани во напорите да се разнебити народот, се случи на самитот на НАТО, во Букурешт (2 – 4 април, 2008).
Не треба да има никакви дилеми дека имаше и други пресврти, погубни за Македонија, сите оркестрирани од „меѓународниот фактор“. Арно ама, во Букурешт, максимално дојдоа до израз безумните политики за разнебитување на Македонците. „Нашите стратегиски партнери“, демонстрираа стравотна решителност да продолжат уште попосветено, и позабрзано кон таа цел.
Ден пред самитот, претседателот на САД, Џорџ Буш, изјави дека утредента ќе бидат примени Албанија, Македонија и Хрватска. Имаше најави дека има консензус тоа да се случи, со референцата од ООН, и нашата делегација отиде со силни надежи дека ќе станеме членка. Македонија не беше примена.
Откако беа примени Албанија и Хрватска, Грција веднаш објави дека таа ја блокирала Македонија, што апсолутно не беше точно.
Членство го спречи американската администрација, свесна дека ако Македонија влезе во НАТО со референцата, прекрстувањето ќе биде невозможно. Според бројни индикатори, долгорочната цел на САД е затворање на „Македонското прашање“, арно ама, ако нема прекрстување, не е можна ниту бугаризација на Македонците!
Буш беше на крајот на мандатот и тоа беше нашиот главен хендикеп, а надлежните американски служби водеа сметка за периодот по него, и за нивните долгорочни цели.
Од турски извори, имаше потврда дека истата вечер, по изјавата на Буш дека и Македонија ќе биде примена, тој го молел турскиот претседател, Ѓул, да не инсистираат – или трите, или ниту една нова членка! Такви најави имаше. Очигледно, средбата се случила откако „неговите“ му објасниле дека не можеме да бидеме членка со референцата. Приемот на нови членки, пак, Буш го сметаше за свој успех!
Дека Буш беше оставен на цедило, и демантиран, токму од неговите, говорат и други факти. Крајно невообичаено, на пример, тој ги покани претседателот Црвенковски и премиерот Груевски, на „утешна“ средба во Загреб, каде одеше во посета.
Потоа, во Вашингтон, министрите Кондолиза Рајс и Антонио Милошоски, потпишаа „Декларација за стратегиско партнерство и соработка“ меѓу двете држави, што е додатно „правдање“ на Буш, за личниот неуспех. Тоа е празен текст од половина страница, и нема никакво значење. Таквите документи се содржајни и на повеќе страници.
Кај нас, сите ја презедоа верзијата за грчко вето. Никој не помисли дека, ако САД навистина сакаа Македонија да стане членка, ни Свети Петар не можеше тоа да го спречи, камоли една Грција. Буш секако сакаше, ама не и САД. Или, доколку Грција навистина одеше со вето – Турција секако ќе реагираше во наша корист. Анкара не нѐ поддржа бидејќи тоа ќе значеше конфронтација со Вашингтон, а не со Атина.
Во Букурешт, САД радикално го променија својот однос кон Македонија. Беше усвоен жесток ултиматум – прво (промена на) името, потоа членство. Тоа немаше никаква врска со резолуциите на ООН, „Привремената спогодба“… Тоа беше целосно нова политика, катастрофална и погубна за Македонија. По автоматизам, истата политика ја обврзуваше и ЕУ бидејќи речиси сите нејзини членки се дел од алијансата, и не можеа поинаку да се однесуваат. Последиците беа пострашни и од самиот неуспех да станеме дел од НАТО.
Логично е прашањето – ако Грција навистина поставила вето на нашиот прием, чии е ултиматумот – прво името, потоа членство? Пак на Грција? Нема логика, нели?
Во последно време, сите овие настани добија додатно светло. Мозаикот се разјасни со нови факти.
Прво, Дора Бакојани, во тоа време МНР на Грција („Вечер“, од 1/3/2024), откри дека недела дена поред самитот во Букурешт, по телефон и се јавила Кондолиза Рајс, државната секретарка на Џорџ Буш, која инсистирала Грција да прифати Македонија да влезе во НАТО со референцата. Бакојани тврди дека и одговорила – „само преку мене мртва“!
Второ камче во мозаикот е колумната на грчкиот МНР, Коѕијас, објавена деновиве во „Катимерини“ („Нова Македонија“, од 20/5/2024). Тој пишува – „Многу се плашам дека како што некои глупаво кажаа во јавноста дека ставиле вето во Букурешт, ШТО НЕ ГО СТОРИЈА, туку и дадоа можност на тогашна Македонија да прибегне до Меѓународниот суд на правдата во Хаг и да ја осуди нашата земја, така некои други денес глупаво изјавуваат дека договорот (од Нивици) дал работи што тој не ги дал…“, „што повторно може да биде искористено на штета на Грција“.
Коѕијас, сигурно изворно знае дека Грција не ставила вето во Букурешт. Фактот, пак, дека Грција, неколку дена пред самитот, официјално изјави дека Македонија ги исполнила критериумите за членство во НАТО, што значи согласност за прием, докажуваат дека Бакојани бескрупулозно лаже. За лична промоција, таа ги злоупотребува американските политики.
Сето ова прецизно потврдува дека креатори на блокадата во Букурешт, како и на пресвртот којшто следуваше, се – САД. Дека е тоа точно, има и други бројни факти.
Истата 2008 година, на пример, Филип Рикер дојде како американски амбасадор во Скопје. Неочекувано, тој веднаш јавно ја артикулираше новата американска политика на отворени уцени – прво името, потоа членство во НАТО. Тоа го повторуваше секој ден, и во секоја прилика, како и сите нивни гости во Скопје, следени и од функционерите во Вашингтон.
Главен доказ дека Букурешт беше главниот и клучен пресврт во нашата борба за името е фактот што, пред Рикер, ниту еден од американските амбасадори, НИКОГАШ во јавноста не го спомна проблемот со името, камоли да поставува услови или ултиматуми. До Букурешт, Вашингтон не се експонираше на оваа тема. По самитот, пак, целосно ја презеде палката во свои раце. Јасно се виде, а се гледа и денес, дека е тоа нивен проект, а не грчки, или сега бугарски, и дека тие менаџираат.
Сето тоа кулминираше при посетата на премиерот Груевски на Вашингтон, на почетокот на 2011 година, и средбите со тогашниот потпретседател, сегашен претседател, Џо Бајден, и државната секретарка Олбрајт. Нема официјални податоци, ама доволно е познато дека јасно му било ставено на знаење – или ќе го смениш името, или лошо ти се пишува.
Груевски не сакаше да биде предавник и заврши како азилант. Отпорот на Македонија беше предолг, на Вашингтон му пукна филмот и затоа нашата судбина, во Букурешт, повторно ја зедоа во свои раце. Тоа уште трае, со привремена главна улога на Софија.
Треба да си наивен и слеп, та да не согледуваш дека војната против македонскиот народ се води организирано, упорно и посветено од самиот распад на Југославија, а започна неколку години и пред тоа! Како, инаку, ќе си објасниш дека – долго не нѐ признаваа; со флагрантно кршење на Повелбата (Уставот) на ООН, силеџиски ни го суспендираа името од меѓународна употреба; ни подметнаа погубна „Привремена спогодба“ (1995); ни организираа агресија од Косово (2001), цементирана со ОРД; ни поставија отворен ултиматум – прво (промена на) името, потоа членство во НАТО (и ЕУ); ни наметнаа катастрофални и предавнички договори со Бугарија и Грција и Тиранска платформа; сега имаме уцени од Софија и Брисел, коишто директно нѐ водат во бугаризација…
Треба уште докази?
Како, инаку, може да се замисли, прифати и објасни дека од самата независност, еве веќе преку 30 години, сме непризнати, игнорирани, притиснати, уценети, блокирани, под ултиматуми…? Поточно, цело време сме сардисани и тоа од сите страни. Може ли сето тоа да биде случајно?
Ако некој сѐ уште мисли дека Грција нѐ прекрсти а Бугарија сака да не отпише, значи дека не ги разбира работите.
Најважните наши голготи, како независна држава (името), се од дипломатски карактер. Ве уверувам, во нашето МНР ниту некој се занимава со овој проблем, ниту има комплетна документација за истиот. А, кога е така во МНР, коешто е законски задолжено овие настани и проблеми да ги следи и решава…, што може да се очекува? Некаков успех?
За крај, што мислите – зошто веќе со години, министерот и неговата заменичка во МНР – се Албанци? Дали се тие, со помош од „нашите стратегиски партнери“, наместени таму за најлесно, без емоции, да го решат „Македонското прашање“? За да се олесни бугаризацијата на Македонците, де?
До сега, во ниту едно друго министерство, на првите две позиции – немало Албанци! Немало, нели, ниту таква потреба!