„КЛУЧ НА РАКА“ ИЛИ ОТВОРЕНА КОРУПЦИЈА? Владата може да го потпише договорот со конзорциумот „Бехтекл и Енка“

Владата во меѓувреме ќе треба да го реализира својот дел, кој според Законот за стратешко партнерство, предвидува освен обезбедување пари за изградбата да овозможи брза лента за давање на сите потребни дозволи, концесии за користење минерални суровини кои ќе се вградат во автопатиштата, експресна експропријација и при тоа да стави вон функција делови од закони или цели закони за да овозможи брза реализација на проектот.

1,911

Владата има отворен пат да потпише стратешки договор со директна спогодба со американско-турскиот конзорциум „Бехтекл и Енка“ за изградба на дел од патиштата од коридорите 8 и 10, откако Уставниот суд одлучи во корист на конзорциумот и спротивно на Антикорупциската комисија.

На владата сега и останува да го формира комитетот за подготовка на договорот со конзорциумот за изградба на автопатските делници на потегот Тетово-Гостивар-Кичево и автопатот Струга-Ќафасан од коридорот 8, како и автопатот од Прилеп до Битола во рамки на коридорот 10. Конзорциумот, како што беше најавено ќе треба да го изработи целиот проект од физибилити студија, финансиска проекција до целосна изведба односно според системот „клуч на рака“.






Владата во меѓувреме ќе треба да го реализира својот дел, кој според Законот за стратешко партнерство, предвидува освен обезбедување пари за изградбата да овозможи брза лента за давање на сите потребни дозволи, концесии за користење минерални суровини кои ќе се вградат во автопатиштата, експресна експропријација и при тоа да стави вон функција делови од закони или цели закони за да овозможи брза реализација на проектот.

„Овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, односно кој се применува без оглед на другите применливи закони во Северна Македонија, и тоа во врска со сите прашања уредени со овој закон“, се наведува во Законот.

Исто така, на конзорциумот му се дава право да работи на терен без целосно завршена експропријација на земјиштето.

„Стратешкиот партнер може да продолжи без никакво ограничување со подготвителните работи, вклучувајќи привремени работи и поставување на локации, и со градежните работи на експроприрано земјиште пред издавањето на важечките дозволи и лиценци од надлежните органи, кои е потребно да ги прибави Инвеститорот или Стратешкиот партнер“, се вели во Законот.

Посебни обврски имаат и локалните самоуправи кои исто така на брза лента ќе треба да ги издаваат дозволите, без да почитуваат законски рокови.

„Релевантните локални власти ќе му помогнат на стратешкиот партнер во однос на сите прашања кои се релевантни за спроведувањето на Проектот на итен и забрзан начин, вклучително и обезбедување на потребните комунални услуги (како што се вода, снабдување со електрична енергија, и сл.) за имплементација на Проектот. Кога и да биде потребно да се одобрат плановите за управување на сообраќајот за рехабилитација на постоечките делници, таквите одобренија ќе се издаваат без непотребни одлагања“, се наведува во Законот.

Владата дополнително го ослободува конзорциумот од плаќање на ДДВ за стоките и услугите и му дозволува на конзорциумот сам да го одредува работното време на работниците ангажирани во проектот.

Подготовката за реализација на проектот е направена со потпишувањето на Меморандумот за соработка на владата и конзорциумот во април годинава и со донесување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница Тетово-Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница автопат Прилеп – Битола).

Законот беше донесен со договор меѓу власта и опозицијата во Парламентот иако имаше забелешки од дел од пратениците од опозицијата дека законот е штур и ќе ѝ создаде проблеми на администрацијата бидејќи суспендира дел од законските решенија поврзани со градење.

Но, реагираа невладините и антикорупциската комисија кои обвинија дека законот е коруптивен.

Антикорупциска комисија предупреди законот да не се носи, а потоа поведе постапка пред Уставниот суд која заврши деновиве спротивно нејзиното барање. Комисијата оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.

– Доколку Уставен суд не ја објасни одлуката останува сомнежот за корупција за фирмата „Бехтел – Енка“ – вели претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска по одлуката на судот да не поведе постапка по иницијативата на антикорупциската комисија.

Невладините, пак, реагираат на тоа што не е транспарентна постапката и не се спроведуваат законите.

„Примената на посебно законско решение (lex specialis) е лош начин на управување со капитални вложувања, бидејќи се оневозможува натпревар помеѓу економските субјекти од земјава и странство и со себе, вообичаено, носи зголемен ризик од цени повисоки од пазарните. Вакви постапки сериозно може да ги нарушат принципите за добро владеење и да доведат до можни злоупотреби. Воедно, еден од клучните аргументи што беше изнесен во јавноста од страна на претставниците на Владата во одбрана на концептот на примена на посебно законско решение и склучување на директен договор за изградба на автопатските делници, беа негативните последици од изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид. Но, укажуваме дека токму тој договор беше склучен без да се примени Законот за јавни набавки и со донесување посебен закон“, реагираат невладините.

Владата, пак, смета дека договорот и законот ќе овозможат брз, чист и ефикасен процес. Од Владата најавија дека преговорите со „Бехтел и Енка“ ќе започнат веднаш откако законот ќе стапи во сила, но засега според она што го изјавија за Плусинфо од Министерството за транспорт и врски Комитетот не е формиран.

– На некоја од наредните владини седници ќе се формира Комитет составен од министри, што ќе ја надгледува работата на преговарачкиот тим, кој пак ќе биде составен од инвеститорот – ЈП за државни патишта, стручни лица – инженери и консултант. Исто така, Ве информираме дека изборот на консултант е во постапка преку јавен повик од страна на Јавното претпријатие за државни патишта – велат од Транспорт.

Изградбата на автопатските делници е стратегија која одамна се најавува, но никако да се заокружи. Посебно онаа во делот на коридорот 8. За него уште власта предводена од ВМРО ДПМНЕ имаше план да го даде под концесија на странски конзорциум, но тогаш немаше интерес.

За експертите е клучно овој проект конечно да се реализира.

– Станува збор за транзитен автопат, кој освен патници се користи и за камионски превоз кон Албанија, што го прави многу важен и интересен. За економијата на државата пред сè, но и од безбедносен аспект. Ако немаме добар автопат ние ќе губиме, затоа е помалку важно кој и на каков начин ќе го гради. Додека чекаме ние како држава губиме, транспортот на стоки оди преку Косово и Албанија кон Драч – вели за Дојче веле Блерим Неими, експерт за сообраќај и безбедност на патиштата.

Бизнис заедницата постојано апелира за изградба на коридорите кои ќе овозможат алтернатива за транспортот, дома и во странство и е задоволна што проектот има можност да се реализира.

– Од оваа вложување ќе имаат придобивки сите граѓани, претприемачи од земјата и ќе имаме добар економски развој и зголемување на вложувањата во нашата земја. Тоа е автопат кој ќе создаде поголем тек и побрзо поврзување со земјите од регионот, нешто што е создадено со години и ќе влијае врз развојот на целиот регион, Западен Балкан и ќе бидеме поблиску ЕУ – изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа.

Сепак, колку ќе чини конкретно изградбата на овие автопатски делници, како тие ќе се финансираат и од каде ќе се најдат парите засега се знае дека ќе се земат кредити и ќе се издвојува од државната каса.

Министерството за транспорт и врски велат дека целокупната конструкција за проектот ќе се знае по потпишувањето на договорот со стратешкиот партнер.

– Во однос на рокот и цената за изградба, потенцираме дека по изборот на консултантот, преговарачкиот тим ќе ги започне разговорите околу условите за реализација на проектот – велат од министерството за транспорт и врски.

Оттаму додаваат и дека е планирано потребните пари да се обезбедат од меѓународни финансиски институции.

– Веќе во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2022 година се предвидени 6 милијарди денари за овој проект – додаваат од Транспорт.

Но, спротивно од Министерството за транспорт и врски првиот вицепремиер Артан Груби говори за рокови иако нема потпишано договор со конзорциумот. Tој инаку учествуваше во преговорите со конзорциумот пред потпишување на Меморандумот за соработка.

– Првите два дела Стража и Тетово – Гостивар треба да завршат до крајот на 2024 година, а Требеништа – Ќафасан до 2025 година, кога треба да се заокружи и патот на Блаце до обиколницата со цел да се создаде оваа обиколнциа за која зборуваме – рече Артан Груби по одлуката на Уставниот суд.

Задоволен дека сепак  коридорот 8 ќе може да се гради е и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој напиша дека „Прстенот на нацијата Тирана – Скопје – Приштина, многу наскоро ќе биде реалност“.

Сепак, за јавноста останува дилемата зошто по скандалозниот договор со кинески „Синохидро“ за патот Кичево – Охрид кој и по неколку анекси на договори не е готов, а цената дополнително му расте, сега се влегува во нов договор без тендер со нов конзорциум за изградба на три патни делници. Дополнително се отвора дилемата со информациите дека конзорциумот гради по високи цени и со недозволени клаузули во договорите кои обично не се достапни до пошироките граѓански маси.

Која е компанијата „Бехтел и Енка“?

Bechtel International Inc. е со седиште во Сан Франциско, а компанијата и ENKA има седиште во Истанбул, Турција.

„Бехтел“ е најголемиот американски изведувач по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји и пред десетина години вртеле 40 милијарди долари годишно.

Американската компанија работи од 1898 година, и во овој период има завршено повеќе од 25.000 проекти во 160 земји на сите седум континенти.

ENKA İnşaat ve Sanayi A.Ş. (ENKA) е глобална инженерска и градежна фирма со седиште во Истанбул, Турција. Рангирана e меѓу највредните брендови во Турција. Евиденцијата покажува дека компанијата има реализирано повеќе од 131 проект во Турција со вредност на договор од 7,1 милијарди американски долари, а уште 419 со вредност на договорот од 44 милијарди долари се доделени на ENKA во странство.

Конзорциумот од двете компании „Бехтел и Енка“ во регионот има градено повеќе инфраструктурни проекти. Ги градеше автопатиштата во Косово. Оној кон Албанија, и кон земјава. Фрапантната сума од 1,3 милијарди долари односно за близу 17 милиони долари за еден километар. За косовските договори се тврди дека имале бесрамни ставки кои биле во прилог на конзорциумот. Според некои протечени делови од договорот, во него има навистина бесрамни ставки: на пример се предвидуваат 53 милиони долари за пренесување на опремата и механизацијата. А таа била на самата граница (со Албанија) бидејќи Бехтел го градел и тој дел од автопатот. Само за преминување на границата – 53 милиони долари.

Конзорциумот градеше и во Албанија. Освен автопатското поврзување со Косово, Владата на Албанија додели договор од 418 милиони евра на овој конзорциум за изградба на автопатот Решен – Калимаш.

Во Србија во 2019 е склучен договор за изградба на автопатот од т.н. Моравски Коридор. Кон крајот на 2019 год. потпиша договор за изградба на модерен автопат Појате – Чачак со вкупна должина од околу 110 km, поделен на вкупно 9 секции. Во Грција, конзорциумот бил дел од изградбата на подземната метро мрежа во Атина.

Многу пред тоа во 1998 корпорацијата постигна договор за градење автопат во Хрватска, во директни преговори и без наддавање. Сличен e случајот и со Романија каде во 2003 година беше постигнат директен договор за модернизирање на речиси непостоечки автопат, за цена од 2,7 милијарди долари. Проектот станува 10 годишна ноќна мора за обете страни; одложувања, спорови, меѓусебни обвинувања за уцени и корупција.

Од меѓународните проекти овој конзорциум е познат по тоа што го реализирал проектот за подземниот премин „Ла Манш“, но и повеќе други проекти во арапските земји, САД, Велика Британија, Јужна Америка.

Конзорциумот бил вклучен дури и во менаџирањето и справувањето со последиците по нуклеарната катастрофа во Фукушима по разорниот земјотрес и цунамито во 2011 година.

Но, постојат и информациите за овој конзорциум кои загрижуваат. Според нив тој гради по нетранспарентни постапки и има сомневање за корупција. Конзорциумот гради и по високи цени.

Шестмесечен истражувачки проект на новинарската школа на калифорнискиот Беркли вели дека проектите на Бехтел се непотребен луксуз за земјите во кои се градело и дека проблемите биле видливи и пред да бидат удрени првите лопати.

Поврзани содржини