КЛУБОВИ ЛИ СЕ КЛУБОВИ, ПОМАГААТ ИЛИ ОДМАГААТ? Мицкоски во блиска средба со Никола Вапцаров
Ако се сака да се направи напор да се направи граѓанска соработка меѓу двете земји треба да се внимава на имињата кои се одбираат. Додека нашиот клуб го носи името на Никола Вапцаров, кај нас двата отворени бугарски клубови носат имиња на докажани антимакедонисти, соработници на фашистичка Германија. Доколку се променат тие имиња, никој нема да има проблем со тие клубови - вели Божиновски.
Отворањето на клубот во Благоевград нема да го промени ставот на бугарската влада во однос на Македонците во Бугарија, но гледаме дека привлече големо внимание кај Македонците во Бугарија, вели Стојко Стојков од ОМО Илинден – Пирин во тема на денот на ТВ Сител
Во самиот бугарски клуб ќе има културни активности, клубот е шанса да видат граѓаните на Бугарија дека Македонците не се непријатели, тие немаат ништо против Бугарија и се надеваме дека овој клуб ќе има позитивен резултат, вели Стојков.
За протестите на ВМРО-БНД Стојков рече дека е важно што нема негативни чувства од населението на Благоевград, каде живеат и Македонци и Бугари, а повеќето од тие луѓе од ВМРО-БНД кои протестирале не се воопшто од тука, туку се од други подалечни краишта на Бугарија. Самиот Каракачанов, вели Стојков, е од Русе и воопшто не е од Македонија. За него демонстрантите се платени „митингачи“.
Според аналитичарот Петар Арсовски денешниот настан е чекор напред кон вистинскиот правец и градење на добрососедски односи со Бугарија и уште еден доказ дека политката на толеранција раѓа толеранција, а политиката на инает раѓа повеќе инает.
– Малку е комично тоа што тие што беа заговорници против таа политика на толеранција сега се први да ги пожнеат придовивките од таквите политики. Ако тоа води кон нов став на овие две партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, особено по прашањето на уставните измени, тоа е чекор кој треба да се поздрави – изјави Арсовски за Канал 5.
За прашањето дали на Македонците во Бугарија им е потребна институционална поддршка, Арсовски смета дека со Договорот со Софија сме се обврзале деке не можеме да се мешаме во правата на граѓаните кои не се наши државјани, но дека како држава треба да инсистираме на толеранција.
Аналитичарот Владимир Божиновски смета дека проблемот не е во отворањето на клубовите туку во имињата кои се ставени на оние клубови што се отворија во Македонија.
– Она што беше проблем кај нас беа имињата на тие клубови. Ако се сака да се направи напор да се направи граѓанска соработка меѓу двете земји треба да се внимава на имињата кои се одбираат. Додека нашиот клуб го носи името на Никола Вапцаров, кај нас двата отворени бугарски клубови носат имиња на докажани антимакедонисти, соработници на фашистичка Германија. Доколку се променат тие имиња, никој нема да има проблем со тие клубови – вели Божиновски.
Според најавите следен за отворање е трет бугарски центар во земјава кој ќе го носи името на Цар Фердинад. Премиерот Ковачевски, пак, најави дека Владата ќе поднесе официјално барање до бугарската влада со цел отворање на Културен центар на Македонија во Бугарија
Божиновски е уверен дека односите меѓу двете земји може да се подобрат единствено со реципроцитет и признавањето на македонското малцинство во Бугарија.
Иако имаше многу новинари на денешното отворање на македонскиот клуб во Благоевград (и домашни и македонски), самиот настан доби релативно мало покривање во бугарските медиуми. Бугарските медиумите нагласуваат дека клубот „Никола Вапцаров“ е приватен и дека со него нема ништо ниту бугарската држава ниту општината.
Медиумите известуваат за посетата на македонски граѓани и политичари (наводно биле стотина), за засиленото полициско обезбедување, за провокациите од бугарското ВМРО-БНД и Ангел Џамбаски, како и за спречувањето на македонските граѓани да постават цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев.
Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој беше на лице место, за БНТ го коментираше настанот.
– Постоеше категорично потреба од драконски безбедносни мерки за да се докаже дека сме правна држава која е способна да одржува ред на својата територија, да организира цивилизиран тек на вакви настани, да не се дозволуваат ексцеси. Моравме да покажеме дека, за разлика од други земји, во Бугарија не се толерираат прекршувања – рече министерот Демерџиев.
Службениот премиер Галаб Донев изјави дека „овој клуб е организација која е противуставна и не е регистрирана според законите во Бугарија“.
БТВ јави дека во Благоевград бил и внукот од брат на Вапцаров, кој исто се вика Никола Вапцаров. Тој изјави дека нема ништо против името на неговиот чичко да се искористи за име на клубот, на да не се искривуваат фактите, зашто сите негови роднини, а и самиот Никола Вапцаров, се изјаснувале како Бугари.
Никола Вапцаров сакал да му подари книга на Мицкоски
Внукот на поетот Вапцаров, Никола вапцаров, имал мал разговор со Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и во тој разговор, наводно, му рекол:
„Сакам да ви подарам една книга за процесот против Никола Вапцаров. Во неа е дадено сѐ и сѐ е запишано. Особено на последната страница. Таму е запишано со ракописот на Вапцаров што е тој“, наведувајќи дека Никола Вапцаров се изјаснувал за Бугарин.
На ова Мицкоски му одговорил дека поетот не е Бугарин: „Во македонската историја пишува дека е Македонец. Вие читајте ја и учете ја вашата историја, ние ќе ја читаме и учиме нашата историја. Бидејќи и јас ќе ви дадам копија и ракопис на Вапцаров“.