КЛЕКОВСКИ ЗАМОЛИ ДА НЕМА СЛОБОДНИ ЈАВАЧИ НА ЕПИДЕМИЈАТА Апелира граѓаните да ги следат исклучиво официјалните препораки
Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата, рече министерот за здравство Сашо Клековски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставовите на дел од лекарите во врска со можните долгорочни поседици од употребата на загадената вода од гостиварскиот водовод.
Министерот за здравство Сашо Клековски ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ сите доктори кои не се епидемиолози и инфектолози, а кои активно ја коментираат состојбата со загадената вода во Гостивар. Тој апелираше граѓаните да ги следат исклучиво официјалните информации и препораки.
– Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека ваквите состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали – рече министерот Клековски.
Ние постојано ја следиме состојбата, додаде тој.
– Во анализата на микробиолошката и вирусната состојба е вклучена и Инфективната клиника која има најширок панел на бактерии и вируси што може да се контролираат, нема вирус кој не може да биде детектиран. Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна. Не се утврдени агенси кои би предизвикале промена на клиничката слика после оваа ситуација. Од она што јас го имам видено како резултати, тоа се вируси и бактерии кои даваат веднаш клиничка слика, како што ја имаме, со стомачни проблеми и треска – рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставовите на дел од лекарите кои укажаа дека може да се очекува нов бран пациенти после еден месец, затоа што периодот на инкубација на вирусите е различен.
По изјавата на министерот за здравство вчера одговорија лекарите кои се препознаа во неговата изјава.
Микробиологот Никола Пановски преку Фејсбук порача министерот да побара од медиумите да не му бараат изјави.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен“, напиша меѓу другото Пановски.
Онкологот Милан Ристески, пак, објави дека неговата анализа не е објавена „заради лајкови, туку како став посветен на сите колеги кои полагале и положиле микробиологија, инфективно и епидемиологија без врски и без непотистичко влијание“. Ристевски претходно објави за можни долгорочни последици од изложеноста на одредени бактерии.
Се огласи и токсикологот Нико Беќаровски, кој вчера им упати препораки на граѓаните во врска со зголемените концентрации на арсен во водата во Валандово и оцени дека краткорочната изложеност на измерените концентрации не претставува акутен здравствен ризик и дека нема причина за паника, но предупреди дека долготрајната изложеност може да има сериозни последици по здравјето.
„Бидејќи сум само еден од тројцата супспецијалисти клинички токсиколози во Македонија, ‘си дозволив“ јавно да ги советувам граѓаните на Валандово“, напиша тој.