КИСЕЛА ВОДА ДОБИ НОВ БАЗЕН Премиерот Мицкоски најави уште четири објекти до крајот на летото

Премиерот најави уште четири нови базени до крајот на летото и порача: „Сè што е почнато – мора да се доврши“.

3,180

Премиерот Христијан Мицкоски денеска свечено го пушти во употреба новиот затворен базен во состав на основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода и порача дека Владата останува посветена на реализација на проекти кои значат подобар живот за граѓаните.

– Немам многу што да додадам на тоа што веќе го кажаа министерот, претставниците на компанијата која го изгради објектот и градоначалникот. Сакам само да им посакам на дечињата да го користат базенот долго време, не само учениците од ова училиште, туку и сите основци од Општина Кисела Вода – изјави премиерот Мицкоски.






Тој нагласи дека е исклучително важно сите започнати проекти да се довршат, без разлика на тоа во кое време се започнати или кој ги иницирал.

– Многу е важно сè што е почнато, да се заврши. Да не ги оставаме објектите како споменици на едно време, без разлика дали тоа време ни се допаѓа или не. Пари се трошени од граѓаните и тие објекти мора да бидат ставени во функција – потенцираше Мицкоски.

Премиерот најави дека до крајот на летото ќе бидат пуштени во употреба уште четири вакви објекти, кои се граделе од страна на истата компанија.

– Она што можам да го ветам е дека оваа Влада ќе продолжи да биде Влада насочена кон реализација на проекти, кон реформи и кон иднината. Наш фокус се резултатите, а не празните ветувања – рече тој.

Поврзани содржини