КИНЕСКАТА КУКЛА ШТО ГО ОСВОИ СВЕТОТ „Лабубу“ продадена во над 100 милиони примероци

Куклата „Лабубу“ на компанијата „Поп Март“ се продава со неверојатно темпо, додека кинеската креативна индустрија сè посилно го освојува светскиот пазар.

38

Кинеската компанија „Поп Март“ денеска соопшти дека продажбата на нејзината најпозната кукла „Лабубу“ во текот на 2025 година надминала 100 милиони продадени примероци ширум светот, со што овој бренд дополнително го зацврсти статусот на глобален културен феномен.

Според податоците што ги објави основачот на компанијата, Ванг Нинг, побарувачката достигнала неверојатно ниво – во просек се продаваат по три „Лабубу“ кукли секоја секунда. Цената на играчките се движи од околу 12 до 130 евра, во зависност од серијата, реткоста, големината и дали станува збор за ограничено издание или т.н. „blind box“ пакување.






Вкупната продажба на сите брендови во рамките на групацијата „Поп Март“ надминала 400 милиони продадени единици, што, како што наведуваат од компанијата, ја потврдува растечката моќ на креативната индустрија во Кина. „Поп Март“ моментално работи во повеќе од 100 земји и региони, располага со над 700 продавници, шест големи производствени и логистички бази и повеќе од 10.000 вработени, додека бројот на регистрирани корисници на апликацијата надминува 100 милиони.

Кинеските компании, како што пишува „Глобал тајмс“, одамна не се само центри за евтино производство, туку стануваат креатори на оригинални идеи и диктатори на глобалните трендови – од Берлин до Шангај.

Аналитичарите оценуваат дека ваквите резултати претставуваат важна пресвртница за кинеската економија, бидејќи фокусот постепено се префрла од традиционалната етикета „Произведено во Кина“ кон современиот концепт „Создадено во Кина“. Како пример се наведува и пекиншката компанија „Хир Груп Лимитед“, која соопшти дека нејзиниот бренд за кукли „Вакуку“ остварил приходи од 89,73 милиони јуани (околу 10,5 милиони евра) во последното тримесечје, додека силна продажба бележат и брендовите „Зијули“ и „Синоно“.

Во меѓувреме, кинескиот малопродажен гигант „Минисо“ најави планови за проширување на својата мрежа на 10.000 продавници ширум светот во следните три години, со цел да им помогне на најмалку 100 кинески брендови да се пробијат на странските пазари. Според агенцијата „Шинхуа“, извозот на кинески кукли и тематски играчки во првите три тримесечја од 2025 година надминал 500 милијарди јуани, односно повеќе од 60,7 милијарди евра.

Поврзани содржини