Ајде да бидеме Кинези

Јас се извинувам ако некој кондуктер, полицаец или шалтерџија се почувствувал навредено од напишаното, ама брате, основна култура и некакво општо знаење мора да се има.

1,500

Секакви дебати се развија по објавувањето на разочарувачките резултати од приемните тестови што ги полагаа основците-петкаши за да си обезбедат упис во гимназијата „Орце Николов“.

Едни велат дека за тоа се виновни скапите парфеми коишто родителите им ги подаруваат на наставниците во замена за висока оценка за нивното дете.






Други велат дека виновна е мрзеливоста и разгаленоста кај децата, кои, и покрај сите обезбедени услови за учење, поважни им се видео-игрите и поинтересно им е глупирањето на социјалните мрежи.

Трети велат дека виновен е целокупниот лош образовен систем, кој зачинет со пандемијата и со потребата за онлајн-настава, не ни има капацитет за да произведе квалитетна генерација поткована со знаење.

А што велат четвртите? Четвртите велат дека наместо да се разочаруваме од неуспехот и да плукаме по нашите деца, треба да собереме храброст и истите тие приемни тестови да почнеме да им ги даваме на административците (и на политичарите!) кои се веќе (пре)вработени и кои чекаат да бидат (пре)вработени. Фер инаф, нели?

Лесни прашања

Уште појако е тоа што ваквиот мајтап-предлог доаѓа во моментите кога токму административците во земјава излегуваат на масовен штрајк и бараат да им се зголемат платите за 2.800 денари.

И стварно, да ни се сега властите ербап колку што не ни се, и да им речат: „Добро бе, ќе ви одобриме зголемување на платите, ама ај прво решете го тестов“. А тестовите и не мора да бидат толку тешки колку што биле во „Орце Николов“. Нека има едноставни прашања од типот: „Кој е Кочо Рацин?“; „Кој е автор на романот ‘Пиреј’?“; „Што е БДП?“; „Колку се 8 Х 9? (пресметај без дигитрон)“;…

И замисли на кондуктер во ЈСП (со чест на исклучоци), кој најголемиот дел од работното време го троши во кладилница, да му дадеш ливче со прашање: „Кој го напишал ‘Сердарот’?“. Или, пак, на кандидатот за полицаец (со чест на исклучоци), кој еднаш пред неколку години успеал да прочита цела книга, да му поставиш прашање: „Кој е главен лик во романот ‘Злосторство и казна’?“. Или на оној рамковнион што работи на шалтер (со чест на исклучоци) и чија задача е на граѓаните да им издава државјанства и изводи, да го прашаш: „Наброј три филмови од Милчо Манчевски“, на пример.

Јас се извинувам ако некој кондуктер, полицаец или шалтерџија се почувствувал навредено од напишаното, ама брате, основна култура и некакво општо знаење мора да се има.

Ти, кондуктеру, не можеш како шериф да ми се качуваш во автобус и да ми речеш: „Дај бе да видам карта дали имаш!“. Оти, ако знаеше кој е авторот на „Сердарот“ и ако те интересираше литературата, верувам дека и пристапот на работното место ќе ти беше поинаков. А веројатно ќе си ја ценеше и професијата, па немаше да се мрштиш и да буричкаш во педерката небаре си вработен во шеста управа.

Ти, полицаецу, не можеш без причина да ми се шириш како пајак со раката потпрена за пиштолот врзан за појасот само затоа што „така ти се може“. Оти, да си пораснал со Достоевски или со каква било друга литература, сега ќе беше покултурен и попрофесионален во односот кон граѓаните. Сѐ си има свое, така да си знаеш.

Ти, шалтерџијо, немаше сега дрско и со висок тон по третпат да ме враќаш од шалтер и да не ми издадеш извод само за да ме натераш да платам мито „таму кајшто треба“. Оти, ако беше образован, макар и неформално, токму ти ќе беше поборник и ќе се бореше против таквиот корумпиран систем.

Затоа, ајде најпрво да видиме кој колку вреди и на кој колку му фаќа кликерот, па потоа да разговараме за зголемување на платите, ок?

Како стоиш со поезија?

Преведувачот од кинески и од древнокинески јазик и мој драг пријател, сезнајкото Игор Радев, минатата недела во Скопје ја промовираше филозофската книга „Менциј“, најпознатиот конфучијанец по Конфучиј.

Таму, на промоцијата, по феноменалното излагање на професорот Ристо Солунчев, збор-два зеде и самиот Радев, кој меѓудругото, ги спомна и „државните испити“ во древна Кина кои морале да ги полагаат сите оние коишто сакале да се занимаваат со државна работа.

И тука веднаш се отвори дебата со присутните. Па како, па зошто, па кој…? Еден ќе додаде едно, друг ќе додаде друго, третиот нема да се согласи ни со првиот ни со вториот. А кој би рекол дека на промоција на книга за некојси Кинез ќе се произведе таква плодна дебата…

Нејсе, друго ми беше муабетот. Игор Радев објасни дека државните испити се практикувале во време на династијата Хан (206 п.н.е. — 220 н.е.) и во зависност од нивото коешто го достигнал кандидатот по автоматизам му била доделувана државна политичка служба. Ако некој едвај го положил испитот како основците во „Орце Николов“, на пример, тој ќе добиел пониска државна позиција на локално ниво. Тој што ќе го положел испитот со висока оценка, добивал висока државна позиција на централно ниво.

А што тоа полагале и какви прашања биле поставувани? Се полагала класичната литература, се тестирале други знаења и способности, а присутна била и можеби една од најважните работи – поезијата. Но, не се вршело испрашување врз основа на анализирање туѓи песни, туку од кандидатите се барало да творат поезија. Јако, нели? Сакаш да работиш во јавна администрација? Ај напиши неколку стиха да те чујам…

Радев ова идеално го опиша со еден цитат од книгата:

„Кога Менциј се виде со кралот Хуј од Лјанг, кралот стоеше крај брегот од едно езерце од каде што ги гледаше дивите гуски и елените, па праша: Дали и доблесните луѓе наоѓаат задоволство во вакви нешта? Менциј одговори: Човек кој најпрво е доблесен може сетне да почувствува задоволство и од овие работи, меѓутоа, таквиот кој не е доблесен, дури и соочен со вакви глетки, пак нема да види никакво задоволство“.

Оттука, станува јасно зошто од кандидатите во древна Кина било барано да пишуваат поезија и таа поезија да биде оценувана во естетски критериуми, па дури потоа, врз основа на оценката да се донесе одлука дали кандидатот е доволно доблесен и креативен за да извршува одредена државна функција. Оти, по пат на испит вие можете да го тестирате знаењето и способноста на некој друг човек, ама моралната состојба е невозможно да се истестира.

Па така, претпоставката е дека ако некој може да твори убава поезија, тогаш тој човек не може да биде лош човек.

Па, другари, ако сѐ уште сметате дека системот на Кинезите им бил лош, тогаш погледнете каде е и што прави сега Кина, а каде е и што прави сега Македонија.

Поврзани содржини