КИНА ВО ВСЕЛЕНСКА МИСИЈА Тројцата астронаути се враќаат по 90 дена во вселената
Тројцата кинески астронаути денеска ја завршиле рекордната тримесечна вселенска мисија на кинеската вселенска станица која е во изградба, објави новинската агенција Ксинхуа.
Тројцата кинески астронаути ја напуштиле Земјата со вселенското летало „Шенжоу-12“ во јуни, а нивната мисија од 90 дена е најдолгата што до сега ја постигнале кинеските астронаути, соопшти кинеската агенција, без да прецизира кога се очекува астронаутите да се вратат на Земјата.
Според агенцијата, вселенското летало се одделило од вселенската станица Тиангог, на која било закачено три месеци, во 8 часот и 56 минути, по кинеско време. Во контекст на тензиите со Западот, успехот на мисијата е прашање на престиж за Пекинг, кој на 1 јули ја прослави стогодишнината од Комунистичката партија на Кина.
Кога ќе биде готова вселенската станица на Кина, ќе личи на старата советска станица Мир (1986-2001) и се очекува да работи најмалку десет години.
Кина одлучи да изгради сопствена вселенска станица кога САД одби да ѝ дозволи учество во Меѓународната вселенска станица.
Меѓународната вселенска станица, која ги вклучува САД, Русија, Канада, Европа и Јапонија, треба да се затвори во 2024 година, иако американската вселенска агенција НАСА најави можно продолжување по 2028 година.