КИНА ВО ЦЕНТАРОТ НА ВНИМАНИЕТО НА САМИТОТ Г-20 Од Си Џинпинг се бара да посредува кај Путин

Мораме цврсто да се спротивставиме на секаква политизација и инструментализација на прашањата за храна и енергија и употребата на тие прашања како оружје - рече Си на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.

172

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ги повика лидерите на Групата 20 индустриски развиени и земји во развој (Г20) „цврсто да се спротивстават на инструментализацијата на храната и енергијата.

– Мораме цврсто да се спротивставиме на секаква политизација и инструментализација на прашањата за храна и енергија и употребата на тие прашања како оружје – рече Си на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.






Кинескиот претседател повика и на укинување на санкциите, какви што беа воведени кон Русија.

Си побара од богатите земји да се фокусираат на намалување на влијанието на зголемувањето на каматните стапки поради зголемувањето на цените.

– Развиените економии треба да ги намалат негативните ефекти од прилагодувањето на нивните монетарни политики и да ги стабилизираат долговите на одржливо ниво – рече Си, обраќајќи се на дводневниот самит на Г20, кој почна денеска во Индонезија.

Од друга страна, францускиот претседател Емануел Макрон денеска побара од Си Џинпинг да интервенира кај рускиот колега Владимир Путин, со цел да го убеди да се врати на преговарачката маса за да се спречи ескалација на војната во Украина, информираше Елисејската палата.

„Францускиот претседател бара од Кина да придонесе со испраќање порака до претседателот Путин за да се избегне ескалација (на војната во Украина) со повик сериозно да се врати на преговарачката маса”, се наведува во соопштението.

Макрон исто така е во Индонезија, на самитот на лидерите на Групата 20 индустриски најразвиени држави во светот.

Си Џинпинг во разговор со Макрон на маргините на Г20, „ги поддржа европските посреднички напори”, особено на францускиот претседател и „многу одлучно го повтори неговото спротивставување на употребата на нуклеарно оружје” на Русите во Украина, додава Елисејската палата во соопштението.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на почетокот на билатералниот состанок со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на самитот на Г20 посочи дека Кина е против исклучување на Русија од Г20 и други меѓународни форуми. Тој рече дека Пекинг ја поддржува улогата на Русија во рамки на Г20 и други меѓународни форуми и смета дека никој нема право да ѝ го одземе правото на Русија да учествува во мултилатерални формати, јавија дел од светските медиуми.

Земјите од Г20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија. Членки на Г20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на Европската унија, односно администрацијата во Брисел.

Поврзани содржини