КИНА, САД И РУСИЈА СО МЕЃУСЕБНИ „ЗАКАНИ“ Ќе преземеме одлучни и силни мерки
Кина им се закани на САД дека ако Ненси Пелоси го посети Тајван тие ќе реагираат „силно и одлучно“. САД ѝ се закани на Кина дека ѝ помага на Русија да ги избегне западните санкции. Русија се вмеша, велејќи дека Кина е земја доволно кредитоспособна да води независна политика.
Во само неколку дена, трите светски сили, САД, Русија и Кина си разменија заканувачки изјави. Првин, Кина им се закани на САД дека ќе преземе „силни и одлучни мерки“ доколку претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, го посети Тајван идниот месец. Ако се случи, тоа би била посета на највисок претставник од Вашингтон во последните 25 години.
– Ако САД продолжат да инсистираат да се движат по погрешниот пат, Кина ќе преземе решителни и силни мерки за заштита на својот суверенитет и територијален интегритет – рече Жао Лиџијен, шефот на кинеското МНР, велејќи дека посетата „сериозно ќе го поткопа суверенитетот и интегритетот на Кина“.
Ова не е првпат двете земји да разменуваат пораки со „повишен тон“. Освен за Тајван, САД и Кина спорат и околу западните санкции кои Западот ги воведе кон Русија. САД ја обвинија Кина дека се става на страната на Русија помагајќи ѝ да ги избегне санкциите со тоа што ја засилува трговската размена на нафта, гас и други продукти.
На ова во дискусијата се вклучи и официјална Москва. Марија Захарова, портпаролка на руското МНР, ги предупреди Американците дека Кина, за разлика од САД, е доволно кредитоспособна за да си дозволи независна политика.
– Кина, за разлика од Соединетите Американски Држави, е кредитоспособна и може да си дозволи независна политика, заснована на одговорност и мултилатерализам – рече Захарова.
Портпаролката оваа ситуација ја спореди со посетата на американскиот претседател Џозеф Бајден на Саудиска Арабија и потсети на неговите закани од пред три години кога тој лично изјави дека кралството на Заливот ќе го претвори во „одметничка држава“.
– И сега со празен канистер и подадена рака, тој (Бајден) отиде да му се поклони на престолонаследникот Бин Салман, кој се покажа како државник и, во име на глобалната стабилност, го удостои и го прими претседателот на една економски несолвентна земја – изјави Захарова.
Според неа, американската економија опстојува само благодарение на американските воени бази таму каде што ги има и од одговорното однесување на вистински независните држави, каде што нема американски бази.
– САД со години трошат повеќе отколку што произведуваат. Немаат со што да го платат долгот од 30 милијарди долари. Тоа што Вашингтон планира и спроведува државни удари во разни делови од светот, за што толку отворено зборуваше поранешниот советник на американскиот претседател за национална безбедност, Џон Болтон, не значи никаква финансиска способност – објасни Захарова.
Останува да видиме како ќе заврши овој пинг-понг меѓу трите светски супер-сили.