КИНА ГО ПРЕМОЛЧЕ БАРАЊЕТО НА ТРАМП ЗА ПОМОШ ВО ТЕСНЕЦОТ ОРМУЗ Повика на итен прекин на воените дејствија

Пекинг ги повика сите страни да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите и да спречат регионалните турбуленции да имаат поголемо влијание врз глобалниот економски развој.

1

Меѓу земјите кои Доналд Трамп ги повика напомош за обезбедување на безбеден премин низ Ормускиот Теснец беше и Кина. Само неколку часа по неговата изјава, министерството за надворешни работи на Кина ја повтори својата загриженост во врска со тековниот конфликт на Блискиот Исток, но не спомена испраќање бродови за обезбедување на виталниот воден пат.

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Кина Лин Џиан на прес-конференција ја опиша ситуацијата како „напната“.






– Кина уште еднаш ги повикува сите страни веднаш да престанат со воените дејствија, да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите и да спречат регионалните турбуленции да имаат поголемо влијание врз глобалниот економски развој – нагласи Џиан.

Тој одговори на прашања за кинеско-американските односи и најавената посета на Трамп на Пекинг за јуни годинава.

– Дипломатијата од страна на шефовите на држави игра неопходна улога во обезбедувањето стратешки насоки за односите меѓу Кина и САД. Двете страни остануваат во комуникација во врска со планираната посета на претседателот Трамп на Кина – рече портпаролот, без да прецизира дали посетата останува во агендата или не.

Пекинг сè уште не ги потврдил датумите на средбата и обично ги објавува таквите планови поблиску до нивниот закажан почеток. Посетата би била прва за американски претседател од последното патување на Трамп за време на неговиот прв мандат во 2017 година.

Поврзани содржини