КФОР ПОТВРДИ ДЕКА ИМАЛО ПУКАЊЕ КАЈ ЗУБИН ПОТОК Не е причинета материјална штета, случајот се истражува
Додека српските медиуми велеа дека инцидентот кој настанал околу 19 часот и 45 минути бил предизвикан од Албин Курти кој сакал да отстрани една од барикадите, косовската полиција ги демантираше ваквите тврдења.
Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, за косовските медиуми потврди дека се слушнале и виделеи истрели во близина на една од нејзините патроли во Зубин Поток, една од четирите општини населени со мнозинско српско население во северно Косово, јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тие рекоа и дека нема повредени ниту е причинета материјална штета и дека се работи на утврдување на фактите на случајот.
Во соопштение до медиумите, КФОР наведува дека станува збор за патрола со војници од Летонија и дека во иннцидентот немало повредени, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Во моментов можам да кажам дека пред неколку часа патрола на КФОР, која што била на задача во околината на Зубин Поток, слушнала и видела неколку пукотници во своја близина. Нема повредени и нема материјална штета. Сега ги проверуваме фактите и накнадно ќе објавиме дополнителни информации, се вели во соопштението.
Со ова КФОР го демантира лидерот на најголемата партија на косовските Срби, Српска Листа, Горан Ракиќ, кој за белградската телевизија Пинк изјави дека се работи за дезинформација и дека кај Зубин Поток немало никакви пукотници.
– Сакам да ги негирам извештаите во приштинските медиуми дека имало напад врз единица на КФОР. Нашите информации од терен велат дека немало никаков напад. Ситуацијата е мирна – претходно изјави Ракиќ.
Додека српските медиуми велеа дека инцидентот кој настанал околу 19 часот и 45 минути бил предизвикан од Албин Курти кој сакал да отстрани една од барикадите, косовската полиција ги демантираше ваквите тврдења.
„Најпрво рекоа дека има судири во Зубин Поток иницирани од косовската полиција. Кога сфатија дека го нападнале КФОР, сакаа да ги негираат сите напади. Барикадите мора да се отстранат. Србија мора да престане да организира нелегални, криминални структури кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово. Косовската полиција ќе продолжи да ја игра својата улога и да ја исполнува својата мисија“, пишува министерот за внатрешни работи Џелал Свечла на Фејсбук, велејќи дека „игрите на Вучиќ и неговите криминални инструменти продолжуваат“.
Вчера началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, за ТВ Пинк изјави дека одржал средба со претседателот на Србија и со воениот врв и дека е на пат за Рашка на југот на Србија. За ова Плусинфо веќе известуваше.
Косовските Срби на 10 декември поставија барикадите на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.
Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.
По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблчички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.