КАЗНИТЕ ЗА СИТЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА ДА СЕ НАМАЛАТ ЗА ЕДНА ТРЕТИНА Професорот Калајџиев предлага радикална реформа на казнената политика
Со затворски казни како од 19 век, со долги казни, не се решава ништо, тврди професорот по Кривично право во интервју за Слободен печат.
Подобро е да се осигура злоупотребите на службената должност да бидат почесто казнувани, отколку како сега, да биде казнет еден од сто функционери, со драконска затворска казна.
Ова, во интервју за Слободен печат, го вели професорот по Кривично право Гордан Калајџиев, во врска со предложените измени на Кривичниот законик, со кој се намалуваат казните за делата Злоупотреба на службената должност и овластување и за Злосторничко здружување.
Калајџиев вели дека е застапник за нова казнена политика и за зголемување на улогата на повисоките судови и на повисоките обвинителства, кои треба да да настапуваат поагресивно со финансиски истраги и конфискации.
– Со затворски казни како од 19 век, со долги казни, не се решава ништо. Напротив, само се зголемуваат проблемите, зашто нашите затвори се со катастрофално лоши услови. Јас сум за целосна промена на казнената политика, за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина. Сега во праксата, во анонимни случаи, судовите многу ја користат условната казна што не е лошо, ама во јавно експонирани случаи судат под притисок на јавноста. Сето тоа е разбирливо, јавноста реагира на долгогодишната неказнивост на функционерите за разни злоупотреби, но не е поената сиот бес да се истури на првиот следен случај со злоупотреба, како што е сега примерот со случајот Онкологија. Никого не бранам, но и актерите во овој случај се жртви на нефункционалниот систем кој ги оставил во комоција да ги сторат делата за кои се под истрага – објаснува Калајџиев.