КАЗНА СПОРЕД ПЛАТАТА, ТРАЈНО ОДЗЕМАЊЕ НА ВОЗИЛАТА Во Србија се крчка најстрогиот Закон за сообраќај
Според Милан Илиќ од Агенцијата за безбедност во сообраќајот (ABS), станува збор за пакет мерки што треба да го подигнат нивото на сообраќајна култура, а во фокусот е зголемена одговорност – не само кај возачите, туку и кај патниците и кај институциите.
Задолжителни камери во возилата, трајна конфискација на автомобили за рецидивисти, пријавување на сообраќајни прекршоци преку мобилна апликација и построги казни за возење без појас – се само дел од предложените измени на Законот за општа безбедност во сообраќајот (ЗОБС) во Србија.
Интересно е што голем дел од предлозите доаѓаат директно од граѓаните и се моделирани според европските практики.
Според Милан Илиќ од Агенцијата за безбедност во сообраќајот (ABS), станува збор за пакет мерки што треба да го подигнат нивото на сообраќајна култура, а во фокусот е зголемена одговорност – не само кај возачите, туку и кај патниците и институциите.
Камери во возилата
Еден од највпечатливите предлози е воведување на задолжителни dashcam камери во возилата, најпрво во службени автомобили, училишни автобуси и возила за комерцијален превоз. Целта е јасна – објективно утврдување на одговорноста при сообраќајни несреќи и намалување на манипулации.
– Граѓаните веруваат дека оваа мерка ќе донесе дисциплина, особено кај возачите кои управуваат со возила во јавен или чувствителен сообраќај – истакнува Илиќ.
Пријави прекршок преку апликација – и заработи
Новина што би можела да го трансформира сообраќајниот систем е воведувањето на мобилна апликација за пријавување прекршоци, преку која граѓаните би можеле да испраќаат фотографии или видеа од прекршителите.
Освен можноста за дигитална пријава, се разгледува и опција за симболични парични награди за секоја потврдена пријава.
Министерството за внатрешни работи веќе размислува за техничка реализација на оваа идеја, потврди началникот на Управата за сообраќајна полиција, Славиша Лакиќевиќ.
Доживотна забрана и конфискација на автомобил
Најстрогите предлози се однесуваат на доживотно одземање на возачка дозвола и конфискација на возилото за оние кои повеќепати се фатени во тешки сообраќајни прекршоци, како возење под дејство на алкохол или дроги.
„По две конечни пресуди, сторителот би бил трајно отсранет од сообраќајот – и тој, и неговото возило“, се вели во предлогот.
Казни и за оние што возат – премногу бавно
Граѓаните го посочија и феноменот на претерано бавно возење, особено на автопати и прометни патишта, кое предизвикува нервоза, ризично престигнување и често завршува со несреќи.
Законските измени би можеле да предвидат парични казни и за овој тип прекршители, со цел подобрување на протокот и безбедноста.
Камионџиите под лупа – казни за непокриени товари
Возачите на камиони кои транспортираат небезбедни или непокриени товари исто така се во фокусот на новите предлози.
Честите инциденти со материјали што паѓаат на патиштата ги натераа граѓаните да побараат построги контроли и санкции за вакви случаи, со цел да се намалат ризиците за другите учесници во сообраќајот.
Докази преку фотографии и видеа? Законски сè уште спорно
Иако постои иницијатива граѓанските снимки и фотографии да бидат прифатливи како доказен материјал, моменталниот Закон за кривична постапка тоа не го дозволува.
Без согласност од сниманото лице, таквите материјали не се валидни, иако во држави како Норвешка или Катар тие веќе се користат.
Безбедносни појаси – казна и за возачот ако патниците не се врзани
Новитет е и идејата возачот да биде одговорен ако некој од патниците, особено на задното седиште, не носи појас.
Со ова би се зголемила употребата на безбедносни појаси, а казната би била дополнителен поттик за почитување на правилата.
Попусти за совесни – награда наместо казна
За оние кои возат внимателно и почитуваат прописи, се предлага систем на наградување, преку попусти при регистрација, бенефиции и дури јавно признание.
Целта е јасна – да се охрабрат позитивните навики, не само да се казнуваат лошите.
Европски дух – српска примена
Сите овие предлози, како што наведува Илиќ, ќе бидат внимателно разгледани од аспект на правна одржливост, применливост и ефикасност, а нивниот број и квалитет сведочат за желбата на граѓаните за европски стандарди и посовесен сообраќаен систем.
– Очигледно е дека граѓаните не се рамнодушни и сакаат систем што ќе биде фер, безбеден и модерен – заклучува Илиќ.