Скопското обвинителство поднесе предлог до Основниот кривичен суд Скопје денеска за издавање казнен налог против едно физичко и едно правно лице заради сторено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи согласно член 206 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
– Обвинетото физичко лице, во својство на управител на правниот субјект – хотел, не постапил согласно законските прописи за спречување на ширењето на заразната болест ковид-19 и овозможил хотелско сместување на лице од Дебар, спротивно на одлуките и наредбите со кои сите угостителски објекти се затворени за гости. При вонреден инспекциски надзор од Државниот пазарен инспекторат било констатирано прекршувањето на здравствените прописи – велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител му предложи на судот да изрече парична казна од 100 дневни глоби од по 20 евра во денарска противвредност на физичкото лице, како и казна од 100.000 денари за обвинетото правно лице.